• сабота, 22 февруари 2025

Бугарскиот парламент усвои декларација за неучество на бугарските вооружени сили во воени операции на територијата на Украина

Бугарскиот парламент усвои декларација за неучество на бугарските вооружени сили во воени операции на територијата на Украина

Бугарските пратеници усвоија декларација со која се изразува ставот на 51-то Народно собрание за неучество на бугарските вооружени сили во воени операции на територијата на Украина. „За“ документот предложен од владејачката партија гласаа 166 пратеници, 27 беа „против“, а 11 воздржани.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Декларацијата беше поддржана од ГЕРБ-СДС, „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), „ДПС – Нов почеток“, „БСП – Обединета левица“, „Демократија, права и слободи“ – ДПС и „Има таков народ“. „Против“ гласаа од „Преродба“, додека „Морал, единство, чест“ (МЕЧ) и еден пратеник од ПП-ДБ беа воздржани.

Во Декларацијата се повикува на постигнување траен и праведен мир во Украина и преговарачки процес кој ги вклучува сите земји директно засегнати и заинтересирани за воспоставување и одржување на безбедноста и стабилноста во Европа, вклучително и Бугарија.

Парламентот, исто така, го повикува Советот на министри да ја продолжи политиката на Република Бугарија за мирно решавање на меѓународните конфликти преку дипломатски средства и да промовира иницијативи насочени кон деескалација на конфликтите и изнаоѓање одржливи мирни решенија. 

 

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

 

 

 

Остани поврзан