• вторник, 20 август 2024

Од непрооден дел на грчкиот остров Тилос спасено бебе-бегалче старо 50 дена

Од непрооден дел на грчкиот остров Тилос спасено бебе-бегалче старо 50 дена

Атина, 19 август 2024 (МИА) – На малиот грчки остров Тилос било спасено бебе старо 50 дена кое три дена било заглавени во непрооден дел, а родителите му го подготвувале млекото со вода од морето. Станува збор за бегалци кои веројатно пристигнале од турското крајбрежје, а за спасувањето на Фејсбук објави градоначалничката на островот Мариа Кама, јави дописничката на МИА од Атина.

Според Кама, еден од спасувачите, на бебето му го дал името Ионас по монахот што бил исфрлен од морето на Тилос и го изградил манастирот Свети Пантелејмон.

Градоначалничката освен што ја сподели информацијата за среќниот крај за бебето и неговите родители, се осврна и на притисокот од мигрантското прашање со кое се соочува островот, но и напорите на жителите за спасување на човечки животи.

- Не е загубен ниту еден човечки живот и се обидуваме на најдобар можен начин да се снајдеме и да им помогне на настраданите, повредените и претепаните луѓе. Да, претепани, бидејќи криумчарите за да ги натоварат на чамците, ги тепаат… Бремена жена заробена на планината, бебиња и деца фрлени во непроодни делови на островот, жени повредени, мажи тешко претепани од турските криумчари, е дел од очајот што го живее општеството на мојот остров во последните месеци. А надворешната помош? Минимална, напиша градоначалничката на Тилос.

Малиот грчки остров Тилос со 899 жители се наоѓа северозападно од Родос и во близина на турското крајбрежје. ср/ссм/

Фото: Фејсбук – Мариа Кама – градоначалничка на Тилос

Остани поврзан