• среда, 21 август 2024

СЗО: Мпокс не се новиот ковид

СЗО: Мпокс не се новиот ковид

Женева, 20 август 2024 (МИА) - Светот веќе знае многу за мпокс (т.н.мајмунски сипаници), па затоа тие не можат да се сметаат за „новиот ковид“, изјави денеска директорот на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа Ханс Клуге.

„Мпокс не се новиот ковид. Без разлика дали станува збор за сојот 1, кој предизвикува епидемии во Централна и Источна Африка, или за сојот 2, кој беше причина за епидемијата во 2022 година, рече Клуге пред новинарите во Женева, во седиштето на агенцијата на ОН.

Клуге додаде дека веќе многу се знае за сојот 2 на мпокс, но дека е потребно повеќе истражување за сојот 1 за да се подобри борбата против оваа болест.

Повторната појава на мпокс во Демократската Република Конго, предизвикана од сојот 1, кој ги погодува и Бурунди, Кенија, Руанда и Уганда, ја поттикна СЗО на 14 август да прогласи вонредна состојба за јавно здравје и да издаде здравствено предупредување од највисоко ниво на меѓународен план.

Според СЗО, две вакцини веќе се користени во последните години - MVA-BN, од данската фармацевтска лабораторија „Bavarian Nordic“, и LC16 која е произведена со поддршка на јапонската влада.

Постои и трета вакцина - ACAM2000, која Стратешката советодавна група на експерти за имунизација, комитетот на СЗО, ја препорачува „во случај MVA-BN и LC16 да не се достапни“.ссм/

фото: архива

Остани поврзан