Мицотакис: Додека бевме со Зеленски на пристаништето во Одеса слушнавме сирени, но и голема експлозија додека влегувавме во автомобилите
- Бевме на пристаништето во Одеса, претседателот Зеленски и членовите на неговиот кабинет ни направија обиколка, објаснувајќи ни ја од една страна важноста на пристаништето за извозот на Украина, а од друга страна покажувајќи ни ја значителната штета што ја претрпе оваа критична инфраструктура, кога слушнавме сирени. И кусо потоа, додека влегувавме во нашите автомобили, слушнавме голема експлозија, откри грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес конференцијата со украинскиот претседател, за денешниот воздушен напад врз украинскиот град, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 6 март 2024 (МИА) – Бевме на пристаништето во Одеса, претседателот Зеленски и членовите на неговиот кабинет ни направија обиколка, објаснувајќи ни ја од една страна важноста на пристаништето за извозот на Украина, а од друга страна покажувајќи ни ја значителната штета што ја претрпе оваа критична инфраструктура, кога слушнавме сирени. И кусо потоа, додека влегувавме во нашите автомобили, слушнавме голема експлозија, откри грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес конференцијата со украинскиот претседател, за денешниот воздушен напад врз украинскиот град, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис посочи дека ова е и „најдобриот, најживописниот потсетник дека се води вистинска војна“, која ги погодува и невините граѓани.
-Мислам дека ова е уште една причина повеќе зошто сите европски лидери треба да дојдат во Украина. Затоа што едно е да се види, да се слушне описот од медиумите или од претседателот Зеленски со кого редовно комуницираме, а сосема е различно да се доживее војната од прва рака, истакна Мицотакис.
На прес конференцијата со Зеленски, грчкиот премиер уште еднаш ја повтори поддршката за Украина, „во праведните напори за одбрана на територијата, националниот суверенитет, но и достоинството на десетици милиони граѓани на Украина“.
-Тоа е принципиелна позиција, која доследно ја следиме од прв момент, како билатерално, така и во рамките на Европската Унија и Обединетите нации. Затоа што во 21 век ниту една војна не може да го искрвави срцето на Европа. Ниту насилно да го прекршува меѓународното право и пред сè дефинираните граници и територијалниот интегритет на независна држава. Знаете многу добро, драг Володимир, дека мојата земја отсекогаш го бранела мирот, отфрлајќи го секој историски погрешен ревизионизам. Многу повеќе затоа што и самата во минатото беше соочена со агресија, порача Мицотакис.
Дополнително изрази поддршка и за европската и евроатлантската перспектива на Украина.
Од кабинетот на грчкиот премиер информираа дека посетата на Мицотакис на Одеса започна со посета на пристаништето, каде што беше пречекан од украинскиот претседател Володимир Зеленски и беше информиран за работата на извозниот коридор на жито низ Црното Море и Дунав.
Потоа следеше тет-а-тет средбата со Зеленски на која била повторена грчката поддршка и укажана волјата на Грција да помогне во обновата на Украина, со акцент на Одеса, град кој има особено историско и културно значење за Грција, а разговарале и за други области на соработка, како што е енергетскиот сектор.
Двајцата лидери го посетиле и станбениот комплекс што беше погоден пред неколку дена, при што загинаа 12 цивили, меѓу кои пет деца.
Мицотакис го посетил и музејот на Филики Етерија (Друштво на Пријатели), тајната организација основана во 1814 во Одеса.
Денешната неколкучасовна посета на Мицотакис на Украина, од безбедносни причини, не беше официјално најавена.
Во август минатата година украинскиот претседател беше во Атина на неформалната вечера што ја организираше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за лидерите на Западен Балкан и на земјите-членки на ЕУ од регионот. ср/сд/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер