• сабота, 23 ноември 2024

СЗО: Три од пет деца секојдневно доживуваат семејно насилство

СЗО: Три од пет деца секојдневно доживуваат семејно насилство

Женева, 7 ноември 2024 (МИА) – Стотици милиони деца и адолесценти ширум светот секојдневно се соочуваат со насилство во нивните домови, училишта и на други места, што може да има доживотни последици, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).

Насилството вклучува удирање од членови на семејството, малтретирање на училиште, како и физичко, емоционално и сексуално насилство, соопшти СЗО.

Во повеќето случаи насилството се случува зад затворени врати. Според СЗО, повеќе од половина од децата на возраст од 2 до 17 години – или вкупно повеќе од милијарда малолетници доживуваат насилство секоја година.

Кај три од пет деца и адолесценти тоа е физичко насилство дома, при што секое петто девојче и секое седмо момче доживеале сексуално насилство. Помеѓу четвртина и половина од малолетниците се малтретирани, според дадените информации.

Само половина од децата, наводно, зборуваат за своите искуства на насилство, а помалку од 10 проценти добиваат помош.

Доживотните последици може да вклучуваат депресија и анксиозни нарушувања или употреба на тутун и дрога. Како резултат на тоа, многу деца не го достигнуваат својот потенцијал за учење на училиште.

- И покрај тоа што може многу да се спречи, насилството останува ужасна секојдневна реалност за милиони деца ширум светот – оставајќи лузни кои опфаќаат генерации, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

Првата конференција на ОН за насилство врз децата е отворена денеска во Богота, Колумбија. Повеќе од 100 земји ветија дека ќе најдат начини за подобра поддршка на преоптоварените родители и за воведување училишни програми против малтретирањето и за здраво социјално однесување.

Тие, исто така, ветија дека ќе ја зголемат минималната возраст за брак. Некои земји сакаат генерално да забранат децата да бидат удирани на училиште или дома. јт/

Остани поврзан