Израел ги проширува операциите во северниот дел на Газа
- Израелските војници ги проширија операциите против Хамас во северниот дел на Појасот Газа, сопштија денеска Израелските одбранбени сили (ИДФ).
Тел Авив, 7 ноември 2024 (МИА) – Израелските војници ги проширија операциите против Хамас во северниот дел на Појасот Газа, сопштија денеска Израелските одбранбени сили (ИДФ).
- Трупите на ИДФ почнаа да дејствуваат против терористичката инфраструктура во областа Беит Лахиа, соопшти ИДФ. „Истовремено, трупите на ИДФ продолжуваат да дејствуваат во областа Џабалија и елиминираа приближно 50 терористи во текот на изминатиот ден“, се додава во соопштението.
Градот Беит Лахиа се наоѓа на крајниот север на Појасот Газа, додека бегалскиот камп Џабалија се наоѓа на неговиот непосреден југ.
Палестински извори постојано известуваат за многу цивилни жртви во опустошената област и хуманитарната ситуација се опишува како катастрофална, пренесува ДПА.
ИДФ го повика населението да се евакуира од областа, но жителите известуваат дека многумина одбиваат да си заминат бидејќи сметаат дека другите делови од Појасот Газа се небезбедни и се плашат од опасната рута за напуштање на борбената зона.
На југ, ИДФ соопшти дека војниците „елиминирале голем број вооружени терористи и разбиле терористичка инфраструктура“ во областа околу Рафа на границата со Египет.
ИДФ постојано се враќа во областите што претходно ги напушти, бидејќи се обидува да ги елиминира ќелиите на Хамас. Израел ја почна својата воена кампања во крајбрежниот појас по терористичките напади извршени од Хамас врз јужен Израел во октомври 2023 година. јт/
Фото: ЕПА архива