• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Флеш

2 април 2025

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека владината коалиција е стабилна, а јавното препукување меѓу пратеникот од ВМРО-ДПМЕ Антонијо Милошоски и министерот за правда Игор Филков од коалицискиот партнер ЗНАМ, според него, ќе застане на, како што вели, на овие два лични ставови. 

Мицкоски, во одговор на новинарско прашање за препукувањата меѓу Милошоски и Филков рече дека секој има право на лош ден.

Скопје - Сојузот на синдикати на Македонија ја почна јавната седница на највисоките тела пред Собранието каде упати порака до пратениците да донесат одлука за зголемување на минималната плата на 500 евра. Пред Собранието беше донесена одлука пратениците да земаат минимална плата се до наредното зголемување на минималната плата. 

- Вашите сега 79 отсто зголемени плати не ги заслужувате и затоа дојдовме тука поради фактот што вие не одлучувате за нас, ние ќе одлучиме за вас. Почитувани работници, да донесеме одлука пратениците да бидат на минимална плата до наредното зголемување на минималната плата, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Скопје - Скоро половина од судовите од државата лани биле неажурни, односно од 34 судови ажурни биле 18, а неажурни се 16 од кои три се апелациски, 12 основни и Вишиот управен суд. Ова беше соопштено на денешната седница на Судскиот совет на кој се разгледуваше извештајот за работата на судовите за 2024 година.

Според известителот Павлина Црвенковска,  судовите  во државата мината година ја почнале со нерешени 131.005 предмети, а примиле за работа нови 569.958 предмети, односно вкупно за работа имаме 700.739 предмети. Од нив успеале да решат 566.010, а не решиле 134.729 предмети.

Скопје - Во текот на наредната недела пред членовите на Владата ќе биде претставена Драфт верзијата на измените за Законот за угостителска дејност, најави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во одговор на новинарско прашање пред почетокот на конференцијата „Реформа на Законот за работни односи – предизвици и насоки“.

Прашан зошто во овие девет месеци откако е министер не ги ревидирал лиценците и дали освен морална, чувствува и друга одговорност за трагедијата во Кочани, рече дека се што требало да каже, кажал на прес-конференцијата за трагедијата во Кочани.

Скопје - Трудовото законодавство е од витално значење за економијата и за постигнување економска ефикасност и добросостојба на населението како целина, а Законот за работни односи има значајна улога во обезбедувањето легислативна рамка за правични и ефикасни работни односи што треба да промовираат продуктивно пристојно вработување и социјален мир, порача денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Нагласи дека актуелниот Закон за работни односи датира од 2005 година и во меѓувреме се направени 28 измени и дополнувања.

Скопје - Канадската компанија „Магна мехатроникс“ денеска отвори фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона во Штип. Инвестицијата во новиот капацитет со површина од 18.200 метри квадратни изнесува 40 милиони евра и треба да отвори над 600 работни места до 2027 година. Новиот капацитет е втора фабрика на Магна во државава. 

Премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста во присуство на Магна Мехатроникс оцени дека инвестицијата ќе биде силен акцелератор на економскиот развој и позитивите промени во државава.

Скопје – Живееме во демократија и секој има право да излезе на улица и да протестира и да го каже својот револт, но на синдикатите веќе им истече мандатот и веќе не се репрезентативни, порача денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

-Како Влада ја формиравме комисијата која треба да ја утврди репрезентативноста на синдикатите и таа комисија веќе работи. Веднаш кога ќе се определи кој синдикат е репрезентативен ќе ја свикам седницата на Економско социјалниот совет (ЕСС). Токму таму синдикатите треба да ги кажат своите барања, а не на улица, изјави Дурмиши во одговор на новинарско прашање пред почетокот на конференцијата „Реформа на Законот за работни односи – предизвици и насоки“ и додаде дека очекува „час поскоро комисијата да си ја заврши работата“.

Приштина - Основниот суд во Приштина го казни косовскиот премиер Албин Курти со 250 евра затоа што не се појавил пред Специјалното обвинителство (СПК) да сведочи во врска со случајот со државните резерви, пренесоа косовските медиуми.

На 4 март, приштинскиот суд издаде наредба Курти да се појави пред Обвинителството и да сведочи за случајот со државните резерви, но тој не ја испочитувал одлуката на судот.

Тирана - Албанската поморската флота  наскоро ќе има супер брод, со што ќе располага со три нови воени бродови, изјави премиерот Еди Рама наведувајќи ги достигнувањата во секторот на одбраната.

-Денеска имаме тактичка база на НАТО, со флота хеликоптери а наскоро со голем воен брод, покрај малите. Ќе располага со три нови воени бродови. Ова е само почеток на трансформацијата. Воената индустрија почна да ги поставува темелите. Ќе ја обновиме авијациската школа. Склучивме договор со многу моќен меѓународен партнер, рекол Рама, не наведувајќи детали.

Рим - Тарифите од САД ќе го погодат италијанскиот фармацевтски сектор, извозот на храна и многу важната модна индустрија во земјата, изјави Емануеле Орсини, шеф на главната индустриска организација во Италија, јави Би-Би-Си.

Тој повикува на намалување на каматните стапки за да се неутрализираат овие ефекти, но на подолг рок, тој вели дека трговијата во Европа треба да се зголеми, како и со земји како Индија и Мексико.

Будимпешта - Унгарската влада сака да воведе можност за привремено одземање на унгарското државјанство на одредени двојни државјани. Соодветниот предлог-закон синоќа до Парламентот го поднесе владејачката партија на Виктор Орбан. Предлог-законот, кој се очекува да биде усвоен, има за цел да им го одземе државјанството на луѓето кои се окарактеризирани како закана за државата.

Според нацрт-законот, одземањето на унгарското државјанство може да важи само за двојни државјани чие второ државјанство не е на земја од ЕУ, Швајцарија, Лихтенштајн, Норвешка или Исланд.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија ги уништила украинските енергетски капацитети во регионите Суми и Дњепропетровск.

Дрон удри во трафостаница во североисточниот дел на регионот Суми, а при артилериското гранатирање беа погодени електрични кабли во реонот на Дњепропетровск, поради што речиси 4.000 луѓе останаа без струја, објави Зеленски во социјалната мрежа „Икс“.

Вашингтон - Германските производители на автомобили, „Фолксваген“ и „БМВ“, објавија значителен раст на продажбата во САД, само неколку часа пред американскиот претседател Доналд Трамп да воведе нови царини за стоки од Европската Унија, јави ДПА.

„Фолксваген“ денеска соопшти дека продажбата во првиот квартал од годината пораснала за 7,1 отсто, достигнувајќи 87.915 возила, благодарение на силната побарувачка за моделите „Таос“, „Џета“ и електричниот „ID.4“.

Берлин - Американските царини врз европските стоки би можеле да имаат огромно влијание врз германската економија, соопшти денеска водечкиот економски институт во Германија, јави ДПА.

Според пресметките на минхенскиот Институт за економски истражувања (ИФО), објавени само неколку часа пред американскиот претседател Доналд Трамп да најави нова серија царини, евентуалното воведување на реципрочни царини од страна на САД - со иста стапка како оние што ги плаќаат американските производи при извоз - би довело до пад на германскиот извоз за 2,4 отсто.

Москва - Руското Министерство за одбрана соопшти дека украинските сили двапати нападнале енергетски објекти во земјата во изминатите 24 часа и покрај договорот со посредство на САД за запирање на таквите напади.

Воениот оддел посочи дека Украина ги нападнала енергетските капацитети во областа Курск со беспилотни летала и артилерија и дека нападите довеле до прекин на електричната енергија.

Остани поврзан