• недела, 18 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  24  април 2025

 

Скопје - Собранието денеска ќе ја одржи 45. седница, на чиј дневен ред се пратенички прашања.

Ваква пленарна седница вообичаено се одржува секој последен четврток во месецот. 

Согласно Деловникот, прашања до премиерот и министрите први поставуваат пратениците од опозицијата.

Според новиот Деловник, од 21 ноември лани еднаш месечно се одржува и  седница за пратенички прашања од опозициските пратеници и трае два часа. 

Скопје - Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, вчеравечер во Лондон остварил работна средба со Тим Рид, извршен директор на Извозно кредитната агенција на Обединетото Кралство.
 
На средбата, соопштија денеска од Министерството за транспорт, се разговарало за економската соработка меѓу двете земји во делот на реализација на капиталните инвестиции.

Скопје - Во Јуроп хаус Скопје денеска ќе се одржи панел дискусија по повод 30-годишнината од пристапувањето на Австрија, Финска и Шведска во Европската Унија, соопшти Делегацијата на ЕУ во Скопје.

На настанот, воведно обраќање ќе има Бен Нупнау, вршител на должност Амбасадор во Делегацијата на Европската Унија, по што ќе следи дискусија со амбасадорите на Австрија, Финска и Шведска, кои ќе споделат размислувања за евроинтегративниот пат на нивните земји, релевантни гледишта за Северна Македонија, како и за поширокото значење на членството во ЕУ денес.

Скопје - Во основното училиште „Гоце Делчев“ во Илинден денеска ќе се одржи едукативна работилница наменета за родителите од оваа општина, како и за тие од Петровец во рамки на општествено одговорната кампања на „Макпетрол“ - „Стоп за булинг“. Средбата е отворена за сите заинтересирани родители од двете скопски општини, а нејзината цел е родителите отворено да разговараат и подетално да се информираат за врсничкото насилство. 

Скопје - Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија денеска ќе го одбележат Јом Хашоа – Национален комеморативен ден на холокаустот и херојството во државата Израел, кој што се одбележува во сеќавање на востанието на Евреите во Варшавското гето во 1943 година и комеморативен ден на 6 милиони Евреи убиени во холокаустот.

Како што е најавено, комеморацијата ќе се одржи во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, во некогашното еврејско маало. Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, ќе ги запали шесте меморијални свеќи со ветување кон жртвите и преживеаните дека тие никогаш нема да бидат заборавени и дека нивното наследство ќе се одржува во вечна меморија.

Скопје - Во Културно-информативниот центар во Скопје вечер ќе биде отворена изложбата на слики од Енеса Мемети насловена „Црниот лебед симбол на величественост“.

Енеса Мемети дипломирала на Факултетот за уметности при Универзитетот во Тетово, под менторство на проф. Илиријан Бекири. Завршила постдипломски студии на ФЛУ – Скопје под менторство на проф. Јован Шумковски.

Скопје - Во МГ кафе бар денеска ќе се одржи промоција на книгата за деца „Мачето Мице“. Станува збор за збирка раскази од авторката Татјана Гаврилова, објавена од издавачката куќа „Или-или“, во рамки на едицијата „И ете приказна“. Промоторка ќе биде Ана Јовковска.

Скопје - Петтото издание на Скопскиот поетски фестивал почнува денеска со настап на поетот Алеш Штегер и музичарот Јуре Тори од Словенија со кој ќе ја промовираат стихозбирката „Над небото, под земјата“ од Алеш Штеґер. Стихозбирката е препеана од словенечки на македонски од Драгана Евтимова, во издание на „Перун Артис“, Битола. Настанот ќе се одржи во кино „Фросина“.

Подоцна во текот на денот, во рамки на фестивалот, во галеријата на Младинскиот културен центар ќе се одржи отворање на изложба на парфеми дизајнирани од Нихат Оздал од Турција.

Скопје - Македонскиот Олимписки Комитет, во соработка со партнерите на проектот „Фер игра:Поддршка за родова еднаквост во спортските политики“, денеска ќе презентира истражување „Родова еднаквост и инклузивност во спортот во Северна Македонија“. Настанот ќе се одржи во 12 часот во просториите на МОК.  

Истражувањето, спроведено од Силвија Митевска, Бојана Јовановска и Елена Кочоска, првпат систематски ги анализира застапеноста и положбата на жените, вклучувајќи ги и жените со попреченост, во националните спортски федерации, Олимпискиот и Параолимпискиот комитет.

Љубљана - Уметнички дела од колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје од денеска ќе бидат изложени во Модерна галерија + Музеј на современа уметност Метелкова во Љубљана, Словенија. Конципирана од 87 дела од колекцијата на МСУ, во најголем дел од македонски автори, изложбата е насловена „Ткаење светови: Колекции во разговор“ и ќе биде отворена десет месеци.

Скопје - Во Скопје вчера се одржа 16-то Државно првенство на бармени, во организација на Здружението на бармени на Македонија кое веќе 20 години успешно работи на подигнување на коктел културата и афирмација на професијата бармен.

Како што соопштија организаторите, на натпреварот учествуваа вкупно 21 бармен од цела држава.

Првото место го освои младиот Никола Анастасијески од Скопје. Второто место му припадна на искусниот Васил Пеевски, додека трет беше Вања Головски. 

Сараево - Агенти на Државната агенција за истрага и заштита на Босна и Херцеговина (СИПА) синоќа се обиделе да го уапсат лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, но биле спречени во намерата од припадници на полиција на Република Српска.

Инспекторите на СИПА се обиделе да го приведат Додик додека престојуваше во владината канцеларија на РС во Источно Сараево, но тие се повлекле кога на патот им застанале полицајците задолжени за обезбедување на актуелниот претседател на РС.

Сараево – Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, откако агентите на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) синоќа се обидоа да го приведат во владината канцеларија на РС во Источно Сараево, се закани дека законите на БиХ повеќе нема да се спроведуваат на територијата на Република Српска, јави Хина.

Неколку инспектори на СИПА, без поддршка од вооружени полицајци во униформи, се обидоа да влезат во владината канцеларија на РС во Источно Сараево за да му го врачат на Додик налогот за апсење, но тешко вооружени членови на МВР на РС го спречија нивното приближување.

Брисел - Заменик генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска денеска и утре ќе престојува во посета на Црна Гора. 

Како што соопшти Прес-службата на НАТО, Шекеринска денеска во Подгорица ќе се сретне со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и ќе ги посети Центарот за кибер капацитети на Западниот Балкан и Оперативниот центар за кибер безбедност на Владата на Црна Гора. 

За утре е предвидено Шекеринска да учествува на отворањето на Младинскиот самит на НАТО во Будва.

Лондон, Париз, Берлин - Германија, Франција и Велика Британија итно го повикаа Израел да ја укине блокадата за испорака на хуманитарна помош за Појасот Газа, која е на сила повеќе од 50 дена.

„Палестинските цивили, вклучително и еден милион деца, се соочуваат со акутен ризик од глад, епидемија и смрт. Ова мора да се запре“, се наведува во заедничката изјава на трите земји објавена синоќа.

Прага - Чешкиот претседател Петр Павел го осуди денеска тоа што, како што рече, САД вршат многу поголем притисок врз Украина отколку врз Русија и оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да преговара за мир по секоја цена, без оглед колку тоа ќе ги чини Украина и Европа.

Тоа што сега е на маса, повеќе навестува напор за постигнување мир, секаков вид, за да може Доналд Трамп да објави дека успеал во договори мир, без оглед колку ќе биде поволен за Украина и какви последици ќе има за Европа“, рече чешкиот претседател за време на турнејата во регионот Храдец Кралове на истокот на земјата.

Киев - Шефот на кабинет на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак утринава на платформата Х го прокоментира новиот бран руски напади врз украинските градови.

„Русија во моментов ги напаѓа Киев, Харков и другите градови со ракети и беспилотни летала. Путин само покажува желба да убива. Огнот мора да престане. Нападите врз цивилите мора да престанат“, напиша Јермак на украински.

Киев - Најмалку девет лица загинаа, а 63 се ранети во руски ракетен напад врз Киев, соопшти утрово украинската служба за итни случаи.

Меѓу повредените има и деца.

„Гардијан“ пренесува дека станува збор за еден од најсмртоносните напади врз главниот град на Украина од почетокот на тригодишната војна.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера призна дека мировните преговори во Лондон биле обележани со „емоции“ и вети дека Украина ќе се држи до својот устав, алудирајќи на критиките на САД за неговиот став дека Киев никогаш не може да ја признае руската контрола на полуостровот Крим.

- Емоциите денеска беа разбранувани. Но, добро е што петте земји се сретнаа за да се приближи мирот. Американската страна ја сподели својата визија. Украина и другите Европејци ги претставија своите. И се надеваме дека ваквата заедничка работа ќе доведе до траен мир, напиша Зеленски на платформата Икс по разговорот.

Москва - Оставката на украинскиот претседател Володимир Зеленски не е меѓу барањата на Русија, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во интервју за францускиот магазин „ Поан“.

„Но, дури и ако договорот (мировен) со Зеленски беше потпишан денеска, подоцна во Украина може да се појават луѓе кои би можеле да го оспорат, доведувајќи го во прашање неговиот легитимитет“, рече Песков, кој верува дека сите документи потпишани од Зеленски може да бидат непризнаени поради проблеми со неговиот легитимитет.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува дека има мировен договор со Русија и со Украина.

Претседателот посочи дека договорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски “виси во воздух“, но посочи дека договорот е блиску.

„Мислам дека Русија е подготвена и многу луѓе рекоа дека Русија сака да се заврши целата работа. И мислам дека имаме договор со Русија. Мораме да постигнеме договор со Зеленски“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека верува оти Русија е подготвена да стави крај на војната, додавајќи: „Мораме да постигнеме договор со Зеленски“.

Трамп оваа изјава ја даде од Овалната соба за време на потпишувањето на извршните наредби. Набргу потоа покажа поголем оптимизам, велејќи: „Мислам дека имаме договор со двете страни“ и додаде: „Се надевам дека ќе го направат тоа“.

Вашингтон - Американскиот министер за финансии Скот Бесант се сретна со украинскиот премиер Денис Шмихал и министерот за финансии Серхи Марченко и ја истакна потребата од што поскоро потпишување на економско партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Украина, соопшти Министерството за финансии на САД.

„Секретарот Бесант ја потврди поддршката на САД за украинскиот суверенитет и ја нагласи посветеноста на Соединетите Држави за обезбедување траен, стабилен мир за народите на Украина и Русија“, се вели во соопштението.

Вашингтон - Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс ја минимизираше важноста на политичките разлики меѓу администрацијата на претседателот Доналд Трамп и покојниот папа Франциск и рече дека имал „среќа“ што бил еден од последните официјални претставници што се сретнал со католичкиот поглавар пред да почине.

Тие кратко се сретна во неделата наутро во Ватикан додека Венс беше во посета на Италија. Папата почина следниот ден.

Вашингтон - Иранските власти се согласија да дозволат технички тим од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да дојде во земјата во наредните денови за да разговара за обновување на видео надзорот на иранските нуклеарни постројки, изјави денеска директорот на МААЕ, Рафаел Гроси.

Гроси им рече на новинарите во Вашингтон дека иранските власти се согласиле да дозволат влез на технички тим на МААЕ за време на неговата посета на Техеран минатата недела, опишувајќи го тоа како охрабрувачки знак за подготвеноста на Иран да постигне нуклеарен договор со САД.

Вашингтон - Иран, според каков било договор со САД, ќе мора да престане со збогатување ураниум и би можел да увезува што му е потребно за цивилна нуклеарна програма, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио пред разговорите меѓу Техеран и Вашингтон закажани за в сабота.

Иран, меѓутоа, јасно стави до знаење дека за неговото право на збогатување ураниум не може да се преговара.

Сеул - Јужнокорејското обвинителство покрена обвинение за поткуп против поранешниот претседател Мун Џае-ин, соопшти денеска портпаролот на обвинителството.

Случајот е поврзан со назначувањето на неговиот поранешен зет во тајландска авиокомпанија.

Мун е обвинет за примање поткуп, додека поранешниот пратеник Ји Санг-Џик е обвинет за давање поткуп и нарушување на довербата, се вели во соопштението на обвинителството.

Остани поврзан