• петок, 23 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Општински пул

24 април 2025

Кочани – Над 140 ликовни уметнички дела и уште голем број рачни изработки и литературни изданија од автори од Кочани, Виница и други градови во државата се донирани за хуманитарно-продажната изложба, што беше отворена во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.

Настанот заеднички го организираат волонтерите од SupportKocani и вработените во кочанската културна институција, од каде упатија повик до сите ликовни уметници и литературни творци да дадат свој придонес во прибирањето финансиски средства за помош на настраданите во трагичниот пожар.

-Во изминатиот период имавме одличен одѕив на повикот за донирање ликовни и литературни дела, што само потврдува дека имаме хумани луѓе кои подадоа рака да помогнат. Навистина беше одговорна и тешка задача да се изложат 143 уметнички творби, но ја подготвивме изложбата со сознанието дека некому ќе му помогнеме, затоа што ова е наша граѓанска одговорност. Делата ќе бидат изложени во наредните 14 дена, а на 26 април ќе се одржи аукција за нивна продажба на која може да учествува секој заинтересиран, истакна Александра Димитреова, раководителка на Ликовната галерија во ЦК „Бели мугри“.

Скопје - Заврши проектот за скрининг на тироидната жлезда кај учениците од деветто оделение во сите основни училишта во Општина Аеродром.

Како што информираат од Општина Аеродром, станува збор за прв ваков скрининг во Македонија, што се спроведе изминатите неколку месеци по иницијатива и од страна на специјалистите во оваа област, д-р Синиша Стојаноски и д-р Невена Маневска.

-Огромна благодарност до нив, кои изминтиот период неуморно работеа и ги посетија сите основни училишта, при што извршија скрининг на тироидната жлезда кај тинејџерите, што секако наиде на одобрување и соработка од страна на родителите. За реализацијата на овој обемен проект помогнаа општествено одговорните компании БИ-МЕК и Рагуза Груп, се наведува во соопштението.

Општина Аеродром е прва општина во земјава која што спроведе ваков вид превентивни прегледи, за што се надеваме дека ќе прераснат во редовна практика, не само кај нас, туку и во други општини.

Скопје - Општина Илинден пушти во употреба детско игралиште во населеното место Илинден, близу новото подрачно основно училиште. Детското игралиште е поставено на изградена бетонска плоча, врз која се поставени гумени плочки. 

-Во рамки на детското игралиште има реквизити: комбинирана лизгалка, двојна лулашка, единечна клацкалка и други разни детски фигури. Игралиштето е оградено со ограда во вид на моливи. Исто така, поставени се и павер елементи и осветлување, како и клупи и корпи за отпадоци, соопшти Општина Илинден.

Увид на детското игралиште изврши градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски, кој истакна дека игралиштето е од особена важност за релаксација и рекреација на најмалите жители.

Според најавите од Општината,  во наредниот период ќе бидат изградени нови и реконструирани постојните игралишта и во останатите населени места.

Остани поврзан