МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

24 април 2025
Куманово - Во странство се лекуваат 44 повредени од пожарот од Кочани, информираше денеска во Куманово, министерот за здравство Арбен Таравари.
Таравари посочи дека една пациентка ќе се врати утре, пациентите се во стабилна состојба, а останатите од 193 се лекуваат во домашни услови.
- Сега се потешките случаи 43. Се надевам дека ќе им обезбедиме најдобра можна рехабилитација којашто ќе биде некои месец-два. Кај околу 40 пациенти тоа ќе трае шест месеци до две години. Тоа е направена анализа од експерти од Велика Британија кои имаат огромно искуство со вакви повреди кај пациентите, изјави министерот Таравари.
Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите соопшти дека кон крајот на јули или почеток на август треба да се распишат локалните избори. Информира дека е побарано да се одржи јавна расправа во Собранието околу измените на Законот за локална самоуправа кои од Министерството за локална самоуправа се најавуваат веќе одреден период.
Гаши нагласи дека на следната пленарна седница која треба да се одржи на 29 април се очекува да биде ставена интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од пратеничката група на Левица.
-Причина за интерпелацијата е поради тоа што Тошковски, од позиција на министер за внатрешни работи, грубо ја занемарил и несоодветно ја извршувал својата јавна функција, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР, рече пратеникот на Левица, Сашко Јанчев на 14 април кога информираше дека ја поднесуваат интерпелацијата.
Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова го примила високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства Кристоф Камп кој првпат е во посета на нашата земја по преземањето на функцијата во декември минатата година.
Како што информира Кабинетот на Сиљановска-Давкова, Камп говорел за улогата на ОБСЕ како организација чија основна улога е да превенира внатрешни, но и регионални немири и конфликти и притоа изразил подготвеност за експертска помош во креирањето или иновирањето на правната рамка, доколку има интерес и барање од страна на македонските институции.
-Изразувајќи благодарност за досегашната соработка, Сиљановска-Давкова се согласи дека ОБСЕ може да помогне во забрзувањето на македонскиот, но и на западнобалканскиот евроинтеграциски пат преку унапредување на заштитата на малцинските права, согласно фундаменталните документи за малцинствата. Високиот комесар понуди експертиза на постојната национална регулатива за заштита на малцинските права, како и на нејзината имплементација. Тој ја потенцираше важноста на инклузивниот процес на одлучување на сите нивоа во кој секој припадник на кое било малцинство ќе има шанса да учествува, се наведува во соопштението.
Скопје - Премиерот формира Влада и тој одлучува дали Алијанса за Албанците треба да биде во Владата. Мислам дека треба, но ако тој смета дека не треба, ние немаме никаков проблем. Сепак, да бидеме рационални и да не брзаме, изјави Арбен Таравари прашан дали неговата партија ќе ја напушти Владата со евентуално излегување од коалицијата Вреди (Влен).
Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Куманово денеска, министерот за здравство и лидер на крило на АА рече дека „не мора да значи“ напуштање на Владата ако неговата партија излезе од Вреди затоа што, рече, „владата ја прави премиерот“.
-Сум разговарал со премиерот и повторно ќе разговараме. Доколку тој смета дека Алијанса за Албанците не треба, ние немаме никаков проблем. Меѓутоа мислам дека АА во моментот треба. Но, ако донесат таква одлука, немаме никаков проблем. Не може никој друг да каже освен тој што формира Влада. Ќе видиме во следните денови, да не брзаме, треба да бидеме што порационални во овој период, изјави Таравари.
Скопје - Манифестацијата „Недела на македонската култура“ е повеќе од настан. Тоа е сведоштво за живиот дијалог меѓу две пријателски земји, мост што нè поврзува и нè зближува. Преку културата како најсилниот глас на еден народ – глас што не познава граници, преку изложби, музика, театар, преку вкусот на македонските вина, ја отвораме македонската душа пред албанската публика, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
„Недела на македонската култура“ беше отворена синоќа, а ќе се одржува до 30 април во Тирана. Целта е промоција на македонската култура, туризам и економија. Љутков, кој присуствуваше на отворање на манифестацијата, порача дека кога зборуваме за култура, ние не зборуваме само за традиција, уметност или културно наследство туку зборуваме за идентитет, за вредности, за визија.
Манифестацијата е во организација на македонскиот Културно-информативниот центар и Амбасадата во Тирана, ќе се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам, албанското Министерство за економија, култура и иновации и Општина Тирана.
Скопје - ЈКП „Брегалница“ Делчево континуирано се соочува со големи загуби во водоснабдувањето. Ревизијата укажува дека помалку од половина од испорачаната вода е фактурирана на граѓаните, додека остатокот се губи поради технички дефекти, нелегални приклучоци и нефактурирана комунална потрошувачка. Овие загуби сериозно влијаат на приходите на јавното претпријатие и на даноците (ДДВ и данок на добивка) кои се приход на државниот буџет, се наведува во конечниот ревизорски извештај што денеска го објави Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на јавното претпријатие и поради нивното значење, стои во ревизорскиот извештај, изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
Брисел - Европската Унија секогаш ја поддржувала и ќе продолжи да ја поддржува Повелбата на ОН и нејзините фундаментални принципи: суверенитет, еднаквост меѓу земјите, територијален интегритет, политичка независност и самоопределување, кои не се апстрактни идеали, туку темел на меѓународните мир и безбедност, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во изјава по повод Меѓународниот ден на мултилатерализмот и дипломатијата за мир – 24 април.
- Историјата не научи - често по болна цена - дека изолационизмот и унилатерализмот раѓаат нестабилност. Пред 80 години, како последица на екстремното уништување предизвикано од Втората светска војна, Обединетите нации се родени за да не спречат да ги повториме грешките од минатото. Со Повелбата на ОН, беше создадена нова ера на меѓународна соработка и поредок заснован на правила, заснован на вредностите и принципите на правдата и меѓународното право, наведе Калас.
Мадрид - Коалициската Влада на Шпанија се соочи со сериозна криза откако Министерството за внатрешни работи одлучи да продолжи да купува муниција од Израел, и покрај претходното ветување за раскинување на договорот поради конфликтот во Газа, пишува шпанскиот весник „Ел Паис“.
Коалицискиот партнер, левичарската партија „Сумар“, изрази силно противење на таа одлука, барајќи нејзино итно укинување, пишува весникот.
Извршниот комитет на партијата, предводен од вицепремиерката Јоланда Дијаз, издаде соопштение во кое се вели дека тоа е „грубо кршење на договорот“ и побара оставка од министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка доколку тој не ја повлече одлуката.
Киев - Во текот на ноќта руската армија изврши 215 воздушни напади на територијата на Украина, а Одбранбените сили соборија 48 проектили и 64 нападни беспилотни летала, соопшти Военото воздухопловство на Вооружените сили на Украина.
Цел на нападот, кој започна синоќа и траеше до утринава, бил Киев, каде што е потврдено дека загинале девет лица, додека 31 лице е повредено, меѓу кои пет деца.
Во нападот беа погодени и регионите Харков, Дњепропетровск, Житомир, Запорожје и Хмелницки.
Украинската авијација, вклучително и пилоти на борбени авиони Ф-16 и Мираж, како и противвоздушни ракетни единици, системи за електронско војување и мобилни противпожарни групи учествуваа во одбивањето на нападот.
Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го осуди руското бомбардирање на Украина, во кое во текот на ноќта во Киев загинаа најмалку девет лица, и притоа ја повика Русија „веднаш да ги запре“ нападите.
„Поминаа 44 дена откако Украина се согласи на целосен прекин на огнот и прекин на воздушните напади... И поминаа 44 дена откако Русија продолжува да го убива нашиот народ“, изјави украинскиот лидер на мрежата X.
Тој додаде дека „воздушните напади мора веднаш и безусловно да се прекинат“.
Kиев - Максималистичките барања на Русија за Украина да ги повлече своите трупи од нејзините региони, заедно со бруталните напади, покажуваат дека Русија, а не Украина е пречка за мирот, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
„Москва, а не Киев, треба да биде предмет на притисок“, рече Сибиха.
Според него, главниот град на Украина доживеал особено страшна ноќ и веќе има извештаи за девет цивили убиени во Киев и повеќе од 70 повредени, меѓу кои и шест деца.
Сибиха истакна дека другите градови и заедници низ Украина биле погодени од руски ракети и беспилотни летала среде ноќ, при што се ранети цивили.
Москва - Русија го задржува правото да употреби нуклеарно оружје во случај на агресија против неа или Белорусија, вклучително и употреба на конвенционално оружје, изјави денеска секретарот на рускиот Совет за безбедност, Сергеј Шојгу.
„Во ноември 2024 година, беа направени измени во Основите на државната политика на Руската Федерација во областа на нуклеарното одвраќање, според кои Русија го задржува правото да употреби нуклеарно оружје во случај на агресија врз неа или врз Република Белорусија, вклучително и употреба на конвенционално оружје“, рече тој.
Според Шојгу, Русија „будно ги следи воените подготовки на европските земји“.
Сан Карлос - Продажбата на „Тесла“ на пазарот на ЕУ продолжи да паѓа во првиот квартал од 2025 година, со намалени регистрации за 45 отсто на годишно ниво, покажаа податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Во ЕУ, бројот на регистрирани возила на „Тесла“ падна на 36.167 во споредба со 65.774 во првите три месеци од 2024 година, што е најголем релативен пад во тој период меѓу големите производители на автомобили.
Продажбата на „Тесла“ во Европската унија падна за 36 отсто во март во споредба со март 2024 година.
Вашингтон - Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска ги демантираше наводите на бриселскиот портал Политико за наводни внатрешни дискусии во Белата куќа за можното укинување на санкциите за руските енергетски проекти, вклучително и гасоводот Северен тек 2.
„Ова е недвосмислено лажно. Ниту Стив Виткоф, ниту јас не разговаравме за укинување на санкциите кон Русија како дел од договорот со Украина“, напиша тој на својот профил Икс.
Тој оцени дека станува збор за „новинарска малверзација“.
„Ако Политико има малку интегритет, тие целосно ќе ја повлечат оваа фикција“, наведе Рубио.
Вашингтон - Американската компанија за обезбедување на интернет услуги Старлинк е подготвена да влезе и на пазарот во Босна и Херцеговина, потврди денеска министерот за транспорт и врски на таа земја, Един Форто, по средбата со претставници на компанијата одржана во САД.
Форто доби потврда за плановите за проширување на Старлинк на Балканот за време на состанокот со Ребека Хантер, директорката на Старлинк за нов влез на пазарот, и со Пракул Капур, менаџер на компанијата.
Беше истакнат взаемен интерес за што поскоро обезбедување на услугите на Старлинк или нивниот сателитски интернет во Босна и Херцеговина“, се вели во изјавата на Форта за медиумите, објаснувајќи дека тоа ќе следи откако ќе се исполнат законските услови.
Вашингтон - Во Белата куќа се водат внатрешни дискусии за можното укинување на санкциите за руските енергетски проекти, вклучувајќи го и гасоводот Северен тек 2, како дел од напорите за постигнување мир во Украина, дознава американски Политико од извори запознаени со ситуацијата.
Американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф ја предводи иницијативата за олеснување на санкциите, додека државниот секретар Марко Рубио и секретарот за внатрешни работи Даг Бургам се противат на идејата.
Се смета дека укинувањето на санкциите би можело да и овозможи на Русија да се врати на европскиот пазар, што може да ги загрози американските извозници на ЛНГ.
Вашингтон - Американскиот претседател, Доналд Трамп, потпиша извешна наредба за обврската за откривање на изворите на странско финансирање на високообразовните институции во земјата.
Еден член на персоналот на Трамп покрена сомнеж дека најпрестижните американски универзитети, како што е Харвард, ги прекршуваат законите за откривање на таквите донации.
Наредбата има за цел да ги принуди високообразовните институции да пријават значајни извори на странско финансирање „за да се стави крај на тајноста околу странското финансирање на американските образовни институции... и да се заштитат американските студенти и истражувања од странска експлоатација“.
Вашингтон - Дванаесет американски држави поднесоа тужба до американскиот суд за меѓународна трговија во Њујорк против царинската политика на претседателот Доналд Трамп.
Во тужбата се наведува дека трговската политика на Соединетите Американски Држави „сега зависи од каприците на претседателот“, наместо од совесното практикување на неговите законски овластувања.
„Со преземањето на моќта да наметнува масивни и постојано променливи царини по негова дискреција за која било стока што влегува во Соединетите Држави, од која било причина што смета дека е соодветно да прогласи вонредна состојба, претседателот го урна уставниот поредок и донесе хаос во американската економија“, се наведува во тужбата.
Патна - Индискиот премиер Нарендра Моди рече дека Индија ќе ги идентификува, следи и казни сите одговорни за нападот на туристичката област Пахалгам и увери дека дејствијата на властите ќе бидат „надвор од имагинацијата“ на терористите и нивните поддржувачи, пренесоа индиските медиуми.
Во нападот во Кашмир под контрола на Индија на 22 април загинаа 25 индиски туристи и еден непалски државјанин, а беа повредени околу 20 лица. Тоа беше најкрвавиот напад врз цивили во регионот во последните години.
Хонг Конг - Поранешниот надбискуп на Хонгконг, кардиналот Џозеф Зен доби дозвола да го напушти јужниот кинески град за да присуствува на погребот на папата Франциск во Ватикан.
Деведесет и тригодишниот пензиониран бискуп синоќа го напуштил Хонг Конг откако поднел барање за враќање на пасошот. Властите му го одзедоа пасошот по неговото контроверзно апсење во 2022 година, според законот за национална безбедност наметнат од Пекинг.
Зен е меѓу критичарите во последниве години кои тврдат дека договорот на Ватикан со кинеските власти за прашањето за назначувањето на епископите е предавство на кинеските католици. Тој го критикуваше и државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролин, кој ги водеше преговорите со Пекинг, нарекувајќи го „човек со слаба вера“.