
14 април 2025
Скопје - Вкупно 84 милиони евра од унгарскиот кредит се префрлени кон Македонската развојна банка, а интересот кај компаниите е многу поголем од очекуваниот, вели министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочовска.
Како што изјави денеска, средства се бараат од сите сектори.
Скопје – Собраниска Комисија за европски прашања денеска на 8-мата седница го разгледа и едногласно прифати Предлог на законот за енергетика во прво читање. Комисијата со 11 гласа „за“, без против и воздржани, предлог законот го проследи на понатамошно читање.
Претседателот на Комисијата, Антонијо Милошоски, посочи дека овој закон е со европско знаменце бидејќи во најголем дел значи усогласување на македонското законодавство со европската регулатива во областа на енергетиката.
Скопје - Предлог Законот за јавното обвинителство е објавен на ЕНЕР, соопштија денеска од Министерството за правда и посочуваат дека овој закон е од исклучително значење за унапредување на владеењето на правото и е подготвен во согласност со Развојната секторска стратегија за правосудство (2024 – 2028), Акцискиот план за спроведување на Развојната секторска стратегија за правосудство (2024 – 2028), како и Реформската агенда.
Скопје - Собраниската комисија за економски прашања, труд и енергетска политика денеска без расправа помина повеќе законски решенија во второ читање.
На седницата беа усвоени и пратени на натамошно читање Предлог-измените на Законот за минимална плата, Законот за вработување на странци, Законот за практиканство, Законот за мирно решавање на работни спорови, Законот за стечај....
Скопје - Вкупно 57 од 193 пациенти од трагедијата во Кочани остануваат да се лекуваат во болниците низ Скопје и странство, двајца се во критична состојба, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Од 57, деветмина се во Скопје. Двајца се моментално на Клинички, на Пластична хирургија. Четворица се во Свети Наум Охридски, еден пациент во ГОБ 8 Септември. Останатите се лекуваат во приватни болници.
-Сите се во стабилна состојба, подвлече Таравари.
Скопје - Министерството за образование и наука (МОН) информира дека се направени измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, согласно кои се проширува опсегот на мерката. Отсега работниот статус не е ограничувачки услов за студентите, така што правото ќе можат да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од просечната нето минимална плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети во државата.
Скопје - Во Основниот кривичен суд во Скопје почна сведочењето на Љупчо Палевски, првообинет за убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
Палевски во своето сведочење рече дека не се чувствува ниту како монструм, ниту како убиец и негираше дека ги извршил грабнувањата и убиствата.
- Не сум ги извршил убиствата, ниту грабнувањата. Едноставно немам мотив за тоа, затоа што во депото на Основното јавно обвинителство, се наоѓа хард диск Тошиба кој го одземаа со записник во кој има преку 200 илјади телефонски разговори, гнасотии на оваа политичка елита, но и на новинарската професија и доколку сум сакал да реализирам какво било користољубие сум можел да уценувам милијардери со Ферари и останати, но, ете, тоа не сум го направил. Така што не само што не сум го направил, туку немам мотив да направам такво злосторство, рече Палевски.
Скопје - Потребна е подобра едукација и интеграција за економско зајакнување на жените Ромки, беше истакнато денеска на настан за економско зајакнување на жените Ромки во организација на Институт Ромалитико, во соработка со Министерство за социјална политика, демографија и млади.
Пред почетокот на настанот, Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд, во изјава за медиумите рече дека настанот е многу важен, за решавање на проблемите околу ромската заедница, пред се вработувањата и поголема еманципација и застапеност на ромската жена во системот.
Скопје - Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), од полноќ се намалуваат за 0,50 денари по литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.
Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 71,50, а ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) ќе се продваат по 64,00 денари за литар.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 не се менува и останува 73,50 денари.
Куманово - Центарот на Куманово е без струја, екипите на Електродистрибуција го санираат дефектот, соопштија денеска од ЕВН.
-При изведување на работни активности од страна на друг субјект кој извршувал градежни работи за свои потреби, се искинати два подземни среднонапонски кабли кои се во сопственост на Електродистрибуција. Како резулатат на тоа, без снабдување со електрична енергија остана централното градско подрачје на Куманово.
Охрид – Активистите на Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ реагираат на тврдењата на Општина Охрид, дека истата нема ингеренции врз плановите за идниот изглед на Здравствениот дом „Маларична“ и објектот на детскта градинка „Јасна Ристеска“ во центарот на градот.
Од „Охрид SOS“ посочуваат дека тврдењата изнесени од Општина Охрид дека од моментот кога е донесен Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, сите постоечки урбанистички планови и целокупното урбанистичко планирање во Охрид се усогласуваат со овој план и препораките од УНЕСКО, како и дека уште на сам почеток е процедурата на носење нов Детален урбанистички план за тој опфат од градот, така што се уште не можат однапред да дадат прецизни податоци за видот или изгледот на објектите кои ќе бидат дел од планот.
Кавадарци - Со алкохол во крвта од 2.16 промили, кавадарчанец возел автомобил и не застанал на знак за запирање, информираа денеска од СВР Велес.
- Утрово во 00.10 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Д.С.(38) од Кавадарци. На улица „Страшо Пинџур“ во Кавадарци, тој не застанал на знак за запирање, по што продолжил со движење со патничко возило „бмв“ со кавадаречки регистарски ознаки. По преземени мерки, полициски службеници го запреле неговото возило, а од извршените проверки било констатирано дека го управувал возилото со 2,16 промили алкохол во крвта. Д.С. бил задржан во полициска станица, а возилото било привремено одземено, соопштија од СВР Велес.
Кавадарци - Утре стартува сезоната за наводнување со вода од хидромелиоративниот систем „Тиквеш", обезбедена од Тиквешко Езеро, а производители на млад кромид и лук први најавиле потреба од вода, како и земјоделци на други раноградинарски култури. Во изјава за МИА, директорот на подружницата ,,Тиквеш" на АД Водостопанство, Атанас Ризов појасни дека водата ја има во магистралниот канал и во зависност од побарувачката ќе се полнат и левиот и десниот канал од делницата, а водат кон Росоман, Градско и Неготино.
Скопје - Вкупно 57 од 193 пациенти од трагедијата во Кочани остануваат да се лекуваат во болниците низ Скопје и странство, двајца се во критична состојба, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Од 57, деветмина се во Скопје. Двајца се моментално на Клинички, на Пластична хирургија. Четворица се во Свети Наум Охридски, еден пациент во ГОБ 8 Септември. Останатите се лекуваат во приватни болници.
-Сите се во стабилна состојба, подвлече Таравари.
Во странство се лекуваат 48 лица од трагедијата во Кочани.
Скопје - Полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Куманово вчера лишиле од слобода пет лица по член 297А од Кривичниот законик.
Како што соопшти денеска МВР, М.П.(52) од Куманово бил лишен од слобода затоа што при контрола на патниот сообраќај било констатирано дека управувал патничко моторно возило „фолксваген туарег“ со брзина од 94 километри на час во населено место каде што дозволената брзина е 40 километри на час.
Битола - Новите модели и искуства отвораат нови хоризонти за вмрежување и стратешко партнерство меѓу универзитетите од регионот, истакна ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, Игор Неделковски по враќањето од Форумот на ректори од Југоисточна Европа и Западен Балкан, кој викендов се одржа во Црна Гора.
На високиот академски собир во Подгорица, централна тема беше обезбедувањето квалитет во високото образование, како на национално, така и на европско ниво, со фокус на предизвиците поврзани со концептот на европска диплома, иницијатива што ја претставува следната етапа во процесот на европска интеграција на високото образование, нагласи ректорот Неделковски.
Крива Паланка - По повод на велигденските празници Општина Крива Паланка во соработка со клубот „Олдтајмер Витези“ од Куманово организира „Ретро шоу на олдтајмери“ на централниот градски плоштад, во сабота,19 април, со почеток од 11 часот.
- Градскиот плоштад во Крива Паланка ќе биде епицентарот на стил, класа и автомобилска историја и се очекува дека ќе предизвика голем интерес кај граѓаните и љубителите на класични автомобили од регионот и пошироко. Возилата најпрвин ќе пристигнат во дефиле низ центаралната градска улица до градскиот плоштад, каде присутните ќе можат да ја проследат презентацијата на олдтајмери, да слушнат интересни приказни за секое возило и да се фотографират со ретките возила и да доживеат и едно незаборавно ретро возење, информира службата за комуникација со јавноста при Општина Крива Паланка.
Софија - Оваа година Бугарија ќе ги добие првите 33 возила „Страјкер“ за Копнените сили, објави бугарскиот министер за одбрана Атанас Запрјанов за време на денешната церемонија по повод патронскиот празник на Воената академија „Г. С. Раковски“ и одбележувањето на 113-годишнината од нејзиното основање.
- Модернизацијата на Бугарската армија напредува со забрзано темпо. Вчера бевте сведоци на примопредавањето на првиот бугарски авион F-16 Block 70, оваа година ќе ги добиеме првите 33 возила „Страјкер“ за Копнените сили, а вториот брод на Воената морнарица е веќе пуштен во вода. Започнува вистинско опремување на нашите вооружени сили со нова борбена техника, особено во делот на борбените способности, истакна Запрјанов.
Сараево - Безбедноста на воздушниот сообраќај во Босна и Херцеговина е сериозно загрозена, а четирите постоечки аеродроми во земјата би можеле наскоро да бидат затворени поради долг што го направиле властите на Република Српска, а кој одбиваат да го платат, очекувајќи тоа да го стори државата БиХ, јави Хина.
Синдикатот на контролори на летање денеска излезе со соопштение, предупредувајќи дека се подготвува вистинска криза која може да има последици не само за БиХ, туку и за безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај, односно за авионите што сообраќаат по коридорите над територијата на БиХ. „Безбедноста на воздушниот сообраќај во БиХ е сериозно загрозена“, стои во соопштението.
Лондон - По трендот во САД, и во Велика Британија се случува отстранување книги од полиците на библиотеките, сведочат лица кои работат во оваа област.
Извршниот директор на „Овластениот институт за библиотечни и информациски работници“, Луис Којфејт-Ган вели дека „состојбата не е дотолку лоша (како во САД), но библиотекари ги губат своите работни места и се цел на интернет-тролање затоа што се залагаат за интелектуална слобода“ во име на читателите. Ед Џуел, претседател на здружението „Поврзани библиотеки“ (Libraries Connected), како и Здружението на училишните библиотеки (СЛА) се согласуваат дека се забележува „зголемување на бројот на пријавите за цензура“ оваа година.
Брисел - Советот за надворешни работи на ЕУ денеска го заврши прегледот на Рамката за контрола на извозот на оружје, со усвојување Одлука за измена на неговата Позиција со која се дефинираат заедничките правила за контрола на извозот на воена технологија и опрема, како и со одобрување заклучоци за ова прашање.
- Заклучоците на Советот за контрола на извозот на оружје ја потврдуваат посветеноста на ЕУ за одговорна и транспарентна трговија со оружје, за спречување на пренасочувањето на оружјето на терористи, криминалци и други неовластени корисници и за градење конвергенција на националните политики за извоз на оружје на земјите членки во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика, соопшти Советот на ЕУ.
Вашингтон - Делегација на Конгресот на САД денеска пристигнува во Романија, јави телевизијата Диџи 24, истакнувајќи дека ова е прва посета на високи американски претставници по стапувањето на должност на новата администрација во Белата куќа.
Фокусот на официјалната посета е зајакнување на билатералните односи и разгледување на стратешки теми, меѓу кои и безбедноста во регионот на Црното Море, наведува медиумот.
Киев - Русија извршила напади врз Украина со 62 беспилотни летала во текот на ноќта, соопштија денеска Украинските воздушни сили.
Според нив, украинската противвоздушна одбрана успеала да собори 40 од овие дронови, додека 11 не ја погодиле својата цел, најверојатно поради тоа што биле одвлечени со средства за радиоелектронска борба.
Во соопштението не се наведува што се случило со останатите 11 дронови.
Техеран - Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во наредните денови ќе отпатува за Москва за да разговара со руските претставници за иранско-американските преговори, пред новата рунда разговори со Вашингтон закажана за сабота.
Иран и САД, кои немаат дипломатски односи од 1980 година, одржаа разговори минатата сабота, со посредство на властите во Оман, за иранската нуклеарна програма.
Западните земји, предводени од САД, се сомневаат дека Иран сака да се здобие со нуклеарно оружје. Техеран ги отфрла овие обвинувања и го брани правото на нуклеарна енергија за цивилни цели, особено за енергија.
Лос Анџелес - Кинески научници развија робот со вештачка интелигенција, оспособен да извршува задачи во земјоделството, објавија тамошните медиуми. Роботот, инаку, е развиен од истражувачи од Универзитетот „Фудан“.
Мултифункционалниот робот, според научниците се справува со целиот процес на одгледување домати, вклучувајќи опрашување, отсекување на листовите, кастрење и берба. Бионичката рака вешто се провира меѓу растенијата на домати, а со 3-Г технологија ја снима околината... Со допирање цвет потоа, сензорите на раката ја проценуваат вискозноста на поленовиот прав, а алгоритмите ги обработуваат податоците во милисекунди. По потврдувањето на соодветните услови, вибрациите со висока фреквенција го расфрлаат поленот, со што вештачкото опрашување се изведува со извонредна точност.