МИА Радио флеш
- 5 декември 2024
5 декември 2024
Охрид – Не сме тука да водиме војни и мислам дека проблемите кои што постојат во судството се заеднички на судската, извршната и законодавната власт и заедно треба да ги решаваме, вели претседателот на Здружението на судии и претседател на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев.
Прашан за најавените реформи и робусна акција во правосудството, Џолев посочи дека судството е едно од најреформираните области.
Скопје - Претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски денеска изјави дека работните групи работат на изготвување на законските измени на Законот за локална самоуправа со кои се очекува во одредеми случаи градоначалниците да можат да се отповикуваат на референдум пред да им заврши четиригодишниот мандат.
- Тоа е тема која јас како претседател на ЗЕЛС ја отворив пред околу година дена и првата иницијатива за тој закон е од ЗЕЛС. Ние имаме работни групи кои работат на тоа. Во Градот Скопје има таква состојба каква што е, која беше иницијатор да го иницираме овој момент. Единствен суеверен во државата е народот, освен што има можност да го даде мандатот на некого, може и пред време да го одземе тој мандат. Ќе треба заедно да се седне и со Министерството за локална самоуправа во наредниот период, д Да се обединат сите сили околу овој закон. Експертската јавност ќе треба јавно да се вклучи, да се дискутира на таа тема. Отповикувањето, според мене, треба да се врши на начин граѓаните по пат на референдум да можат да отповикаат градоначалник, рече Ѓорѓиевски по форумот на ЗЕЛС „Здружени“ во ставање крај на родово базираното насилство.
Скопје - Формирана е интердисциплинарна комисија во врска со случајот со третоодделенецот од Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје кој требаше да биде префрлен во Основното училиште „11 октомври“. Комисијата ќе треба да го разгледа случајот и да донесе мерки коишто ќе бидат во интерес и на ученикот и на сите инволвирани страни.
- Министерството за образование и наука учествува во изнаоѓањето решение за случајот со ученикот со кој јавноста е веќе запознаена и во таа насока, на иницијатива на МОН е формирана интердисциплинарна комисија составена од претставници на министерството, Бирото за развој на образованието, општината, училиштето и социјалните служби, која се состанува за разгледување и преземање соодветно мерки и активности согласно законската регулатива, во чиј фокус се најдобрите интереси на ученикот, но и на сите инволвирани, велат од МОН.
Скопје - Новогодишната кошничка ќе опфаќа повеќе од 675 производи и ќе трае од 15 декември до 15 јануари. Со неа се очекува намалување на цените на производите за 10 и повеќе проценти. Листата на производите кои се понудени од страна на производителите и дистрибутерите може да се види на веб страницата „mojakosnica.mk“.
Листата на производи, како што кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски, е договорена заедно со стопанските комори, синдикатите, производителите, дистрибутерите и трговците.
-Направивме нешто што можеби досега никогаш не е направено – сите заедно разговаравме извесен период и за време на тие разговори дојдовме до компромис. Сите се согласивме во периодот од 15 декември до 15 јануари цените на повеќе од 600 артикли да бидат намалени и брендирани со налепници на кои ќе пишува „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.
Скопје - Драго ми е што дел од политичките партии и покрај тоа што се во опозиција се свесни за екстремите во општеството кои сакаат да предизвикаат несигурност и нестабилност и оти заеднички нема да дозволиме да не вовлечат во политичкото мочуриште, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја синоќешната одлука на Извршниот одбор на СДСМ да не ги поддржи интерпелациите од ДУИ за четворица функционери во однос на постапувањата на прославата на Денот на албанското знаме.
Мицкоски повтори дека не гледа причина за лидерска средба за настаните од 28 ноември и посочи дека случајот е завршен, сторителите се лоцирани и идентификувани и има индивидуална одговорност и инспиратори. Не исклучува можност за лидерска, но како што вели за други теми, за идеи за иднинатата, заеднички политики, а на располагање е и за поединечни средби со лидери на партии за развојот на државата и стандардот на граѓаните.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата нема немо да набљудува доколку пропадне тендерот за набавка на нафта за Јавното сообраќајно претпријатие и дека повторно ќе интервенира, но дека тоа не може да оди во недоглед.
- Како Влада сигруно нема да седиме немо и да набљудуваме, но да дадеме шанса и да видиме денес-утре да не има некоја повторна набавка да не се предомислат некои од економските оператори. Ако не, ние ќе мораме повторно како Влада да помогнеме, со одредена позајмица да интервенираме за Јавното сообраќајно претпријатие, но тогаш се поставува прашањето до кога вака. Навистина треба да се поведе сметка околку процесот на децентралзиација затоа што ако некој не може тоа да го прави, тогаш да интервенираме законски, барем да ги преземеме интегернциите и да ја стабилизараме состојбата, рече Мицкоски по прес-конференцијата во Владата.
Скопје - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција Скопје, поднел кривична пријава против Д.М. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член по член 353 од Кривичниот законик.
МВР денеска соопшти дека пријавениот, полициски службеник, извршувајќи работни задачи како документарист, со пречекорување на службеното овластување, во септември 2023 година изготвил службен акт со невистинита содржина, злоупотребувајќи го потписот на раководителот на Полициската станица Тетово.
Охрид - Судиите мора да бидат единствени, обединети и здружени, бидејќи не е можно да постои ефективна судска власт ако е поделена од различни фактори. Само сплотени судиите се силни. Ова беше порачано на отворањето на осмата регионална конференција на тема „Унапредување на довербата и авторитетот на судската власт преку поголема независност и транспарентност“, што денеска и утре се одржува во Охрид, во организација на Здружението на судии, во соработка со Амбасдата на САД и ЦЕЕЛИ институтот во Прага.
Претседателот на Здружението на судии и претседател на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев на отворањето на конференцијата порача дека само сплотени судиите се силни и само во таков случај се олицетворение на судската власт.
Скопје - Цените на угостителските услуги во ноември во однос на октомври годинава се зголемени за 0,1 процент, а споредено со ноември лани за шест проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.
Во периодот јануари – ноември годинава споредено со на истиот период лани угостителските услуги поскапеле за 5,6 проценти, а во однос на декември минатата година за 3.3 проценти, наведува ДЗС.
Скопје - Владата размислува користењето на криптовалути да го стави во законски рамки. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека според него тоа е иднината и дека ќе бидеме меѓу првите земји во регионот кои тоа ќе го направат.
- Сакаме сето тоа легално да го канализираме во рамки на законот, но има премногу работи што треба претходно да се усогласат и тоа и го правиме - ги усогласуваме тие работи за да дојдеме до финалниот производ. Тоа е иднината и мислам дека ќе бидеме меѓу првите во регионот, ако не и први, такво нешто да направиме. Како ќе функционира, ќе видиме, но тоа по мене е иднината, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција посветена на новогодишната кошничка.
Битола - Свети Климент е еден од најголемите столбови на македонската духовност првиот словенски епископ, учител, книжевник, и основоположник на писменоста на нашиот народ. Нека неговиот дух продолжи да биде светлина што ќе го осветлува патот на Универзитетот во Битола, истакна претседателката Гордана Силјановска Давкова.
На свечена академија организирана по повод патрониот празник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, претседателката Силјановска Давкова порача Универзитетот „Св. Климент Охридски“ да продолжи да биде симбол на стремежите за напредок, чувар на љубовта кон јазикот, книжевноста и образованието, воден од вечната инспирација на својот патрон.
Скопје - Оптимист сум и ќе продолжиме да се бориме. Нема да оставиме ниту милиметар да изгуби македонскиот идентитет и македонските граѓани, без разлика на етничката припадност, затоа што сите ние заслужуваме загарантирана иднина. Тоа го слушнав директно од најрелевантните за проширувањето во рамки на Европската комисија, посочи денеска премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање на кое ниво е оптимизмот во однос на евроинтеграциите, по средба со новата администрација во Брисел.
Мицкоски денеска за време на прес-конференцијата во Влада, во одговор на новинарско прашање, рече дека имаат јасен план и стратегија составена од три дела, која ја спроведуваат шести месец. Во рамки на стратегијата, првиот дел е пренесување на нашите поцизии и аргументи.
Скопје - Раководството на Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС-УКИМ) во соработка со Комисијата за студентски стандард и Студентскиот совет на станари реализираа прва средба со новата в.д. директорка на државниот студентски дом „Пелагонија“ Адриана Даци и раководството на домот за решавање на клучните проблемите во студентскиот дом.
На средбата, како што информира Универзитетското студентско собрание на УКИМ, беше презентиран акциски план за итни подобрувања, изработен од Советот на станари и УСС-УКИМ.
Скопје - Со пригодна свеченост под мотото „Во заштита на хуманоста“ македонскиот Црвен крст денеска го одбележа 5 Декември – Светскиот ден на волонтерството.
На свеченоста присуствуваа над 150 волонтери и активисти од сите општински и организацијата на Црвен крст на Скопје, при што им беше врачена благодарница за нивниот придонес и улогата што ја имаат во јакнењето на општествената заедница.
Брисел - Кога ќе се погледне на актуелната состојба, посебно на геополитичките тензии, прашањето за поблиската економска соработка меѓу земјите од Западниот Балкан добива на важност, изјави претседавачот на Делегацијата на Европскиот парламент во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, хрватскиот европратеник Карло Реслер.
Во обраќањето на втората сесија на форумот „Самит ЕУ-Западен Балкан“, насловена „Отклучување на економскиот потенцијал: Раст и интеграција преку пристапување во ЕУ“ што се одржува денеска во Брисел, Реслер нагласи дека во самиот процес на проширување на ЕУ економската соработка понекогаш била занмарувана и запоставувана, но самиот факт што Унијата е главен трговски партнер на земјите од Западниот Балкан ја покажува нејзината важност.
Лондон - Во Велика Британија бројот на хоспитализирани пациенти поради грип е зголемен за повеќе од 350 отсто во споредба со истиот период минатата година, додека Националната здравствена служба (НХС) се соочува со „четирикратна епидемија“, јави денеска Скај њуз.
- Веќе некое време имаше предупредувања за „тројна епидемија“ на Ковид, грип и РСВ (респираторен синцицијален вирус) оваа зима, но со порастот на случаите на норовирус, ова брзо може да стане „четирикратна епидемија, рече шефот на НХС Стивен Повис. Тој ги повика сите луѓе кои не се вакцинирани да се вакцинираат за да се заштитат.
Валета - Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска го обвини Западот дека оркестрирал „нова студена војна“, која, како што оцени, се заканува да премине во „жешка фаза“, пренесе Бета повикувајќи се на руски медиуми.
- За да го вратиме НАТО на политичката сцена, по авганистанскиот дебакл ни требаше обединувачки непријател. Решението беше заживување на Студената војна, само што сега постои поголем ризик таа да премине во жешка фаза, рече Лавров пред учесниците на состанокот на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) на Малта.
Ватикан - Извршниот директор на германската компанија Мерцедес-Бенц, Ола Келенијус, на папата Франциск му подари нов „папамобил“, електрично кабриолет возило од Г-класа.
За време на следната аудиенција на плоштадот Свети Петар, Папата ќе ги пречека верниците во овој папамобил, специјално дизајниран за него.
Валета - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска го критикуваше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, обвинувајќи го за „цунами од дезинформации“ и ја осуди Москва за ескалацијата на конфликтот во Украина.
На состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на Малта, Блинкен изрази жалење што Лавров ја напуштил салата по своето обраќање, без да ги сослуша останатите учесници.
Вашингтон - Специјалниот пратеник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Блискиот исток, Стив Виткоф, во ноември се сретнал со премиерите на Катар и Израел за да ги започне дипломатските напори за постигнување прекин на огнот во Газа и договор за ослободување на заложниците.
Оваа информација ја потврди катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани. Виткоф ги посети Катар и Израел во обид да постигне договор пред Трамп да ја преземе функцијата на 20 јануари, според извор на Ројтерс, пренесува Тајмс оф Израел.
Софија - Во десеттиот обид, ниту еден од двајцата кандидати кои влегоа во вториот круг - Наталија Киселова и Силви Кирилов - не е избран за претседател на 51-то Народно собрание на Бугарија.
Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.