• петок, 22 ноември 2024
МИА Општински пул

22 ноември 2024 

Скопје - Автобускиот сообраќај во Скопје денеска е нормализиран, потврди за МИА директорот на ЈСП „Скопје“, Драги Кушовски. Тој вели дека количините на нафта не се испорачани целосно, но испораката сега за сега е доволна.

-Нормализиран е јавниот превоз денеска. Сите линии сообраќаат, исто како и претходно, односно исто како пред да се појави проблемот со недостиг на горивото. Сите автобуси кои се во возна состојба редовно сообраќаат, рече Кушовски.

Скопје - Под слоганот „Најдоброто допрва доаѓа“, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вчера вечер, во преполната спортска сала “Независна Македонија”, даде отчет за сработеното во изминатите три години. Во своето обраќање пред околу 1000 граѓани, тој истакна дека се реализирани 95% од програмата, но и и проекти што не биле планирани, но во комуникација со жителите, се појавиле како итни и неопходни. Низ бројки, реконструирани се  улици со должина од над 59 км, во сите населби и населени места. Изградени и обновени се над 11 kм фекална канализациона мрежа, 5,5 km атмосферска канализација, како и 3,6 km нов водовод. Како капитален  го издвoи проектот за водовод и фекална канализација во населбата Стаклара Каменик, на кој ниедно претходно раководство не се нафаќаше поради сложеноста на зафатот и превисоката цена за негова реализација.

Информираше дека Општина Кисела веќе ја реализира фекалната канализација, а со одлуката на Владата на Република Македонија и Премиерот Христијан Мицкоски одобрени се  600.000 евра за изградба и на водоводот во Каменик-Стаклара. Градоначалникот Ѓорѓиевски информираше и за инвестициите во образованието: дигитализација,сензорни соби и пречистувачи за сите училишта, проектот „Ранче за секое прваче“, проектот за бесплатни училишни униформи, доделените парични награди, бесплатни летувања и спортски кампови за најуспешните ученици и за децата од социјално загрозените семејства за кои се обезбедени бесплатни ужини, часови по странски јазици, спорт и информатика и низа други погодности.

Скопје - Во изминатото деноноќие на територија на цела држава имало четири пожари на отворено и сите се изгаснати. Интервенирале пожарникарите од Скопје, Битола, Струмица и од Тетово, гаснејќи депонии, ѓубришта, мешана шума и ниска вегетација, соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

На бројот за итни случаи 112 во ЦУК изминатото деноноќие имало 1 752 повици, од нив „реални“ повици биле  61,76 отсто, а 38,24 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

Скопје - Екипите на ЈП „Комунална хигиена“- Скопје во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ подигнале и транспортирале околу 60 кубни метри отпад од неколку диви депонии лоцирани во скопските општини Гази Баба, Чаир и Ѓорче Петров.

Во општина Гази Баба биле отстранети 15 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад одложен на јавна површина на улицата „Никола Киров Мајски“ во населбата Хиподром.

Свети Николе - Претставата „Земја на штркови“ во режија на Роберт Ристов вечер премиерно ќе биде изведена во Домот на култура „Крсте Мисирков“ во Свети Николе. Работена е по мотиви од текстот „Топлината во ноември“ на Јана Добрева, а Роберт Ристов се потпишува и зад адаптацијата и сценографијата на претставата.

„Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината, поставувајќи ги прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до каде - тоа сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена – бела чума!, информираат од Театар Провокација – Скопје.

Тетово - Во организација на Центар за култура „Иљо Антески-Смок“, Тетово вчеравечер свечено беше отворена колективна изложба „Без наслов“ со изложување на 100 дела од домашни и странски уметници.

Од центарот информираат дека преку големиот број уметнички слики и дела авторите понудиле страст, посветеност и креативност, а разновиден е уметничкиот израз - од реализам до апстракција, од експресионизам до концептуализам,

Остани поврзан