МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
23 декември 2024
Скопје - Најстудено утрово е во Берово со -7 степени Целзиусови, а најтопло во Охрид каде се измерени 2 степени, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи.
Според УХМР, на Попова Шапка се измерени - 6 степени, -5 во Скопје-Петровец, -4 во Крива Паланка, Битола, Велес, Демир Капија и Струмица, -3 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Штип, Кавадарци и Гевгелија, -2 во Прилеп, Маврови Анови и Крушево, -1 во Виница и 1 степен во Претор.
Во седум часот, висината на снежната покривка на Попова Шапка изнесувала 33 сантиметри Попова Шапка, а 28 сантиметри во Маврови Анови.
Скопје - Претседателот на големото Национално собрание на Турција Нуман Куртулмуш, кој е во прва официјална посета на Северна Македонија, во интервју за МИА вели дека парламентарната соработка ги следи севкупните пријателски и билатерални односи меѓу двете земји, но исто така очекува двојно зголемување на турските инвестиции во земјава.
Скопје - Во Собранието на Северна Македонија денеска ќе сеодржи седница на Комисијата за образование, наука и спорт, на чиј дневен ред е амандманска расправа на Предлог-законот за учебници.
На дневен ред на оваа седница е и Предлог на закон за престанување на важењето на Законот за основање на Национална агенција за нуклеарни технологии на Република Македонија - второ читање, како и Предлог на закон за Националната рамка на квалификации во второ читање.
Скопје - Министерството за животна средина и просторно планорање и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, на заеднички настан во Владата ќе соопштат детали за иницијативата за подобрување на квалитетот на воздухот.
-Станува збор за иницијатива која ќе придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот, намалување на сообраќајниот метеж и развој на модерни транспортни решенија кои се енергетски ефикасни и достапни за сите граѓани, стои во соопштението на Министерството за животна средина.
Скопје - „Дедо Мраз дојде со воз“ е насловот на мултимедијалниот новогодишен настан, што ќе се одржи денеска на музејската поставка и перонот бр.1 на Железничката станица во Скопје.
Организатори се Училиштето за театар „Од игра до претстава“, во соработка со јавните претпријатија Македонски железници АД Транспорт и Македонски железници – Инфраструктура.
Скопје - Во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје денеска и утре ќе биде отворена изложбата на кинескиот уметник, проф. Гао Ши, во организација на Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Како што е најавено, покрај изложбата, утре ќе се одржи и работилница во галеријата на Факултетот за ликовни уметности, каде што посетителите заедно со уметникот ќе може да изработуваат дела.
Скопје - Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија во 18 часот вечер ќе се одржи промоцијата на македонското издание на романот „Едно лето на Никола“ од македонскиот писател Марјан Патлиџанковски.
Скопје - Ликовната изложба „Регенерација“ на авторките Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска ќе биде отворена вечерва во Културно информативен центар на Северна Македонија во Тирана, Албанија. Љубителите на уметноста ќе можат да ја посетат до 27 декември.
Лушуи – Македонскиот кајакар Александар Златаров од клубот Арка Борец од Велес, изминатите пет дена учествуваше на меѓународен натпревар на диви води на реката Нуџианг во Лушуи (Кина).
Златаров во тим со Маринко Анже од Словенија и Јосип Слошњак и Зое Грзин Алба од Хрватска го освоија 4. место во категоријата групен рафтинг.
Скопје - Македонската триатлон федерација ги прогласи најдобрите триатлонци за 2024 година.
Признанија се доделуваат врз основа на официјалната ранг-листа и бодовите собрани во триатлон лигата, која опфаќа три натпревари одржани во Скопје, Дојран и Струга.
Приштина - Косовската влада обезбеди по 100 евра еднократна дополнителна помош за пензионерите и децата на возраст до 16 години,јавија косовските медиуми.
Според косовскиот премиер Албин Курти, тоа не е само подарок за крајот на годината, туку и инвестиција во благосостојбата на децата во Косово без разлика на нивната етничка припадност, како и поддршка за пензионерите.
Загреб - Од осумте кандидати за претседател на Хрватска, Драган Приморац (ХДЗ и партнерите) потрошил најмногу, но добил и најмногу од донатори за својата изборна кампања, додека кандидатот на Мост, Миро Буљ најмалку потрошил и добил најмалку донации, покажуваат нивните финансиски извештаи, јавија хрватските медиуми.
Изборните трошоци на Драган Приморац заклучно со 20 декември достигнале 774.400 евра, од можни 1.061.782 евра што секој кандидат може да ги потроши за целата кампања. Тој добил 314.000 евра од донатори, се наведува во извештајот објавен денеска на веб-страницата на Државната изборна комисија.
Брисел - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте изјави дека острите критики што украинскиот претседател Володимир Зеленски ги упати кон германскиот канцелар Олаф Шолц се „неправедни“, објавија денеска германските медиуми.
Иако Германија е сигурен сојузник на Украина, неподготвеноста на официјален Берлин да и испрати на Украина крстаречки ракети со долг дострел „Таурус“ беше причина за незадоволство во Киев.
Берлин - Во германскиот град Бремерхавен, полицијата приведе маж кој во видео на ТикТок се заканувал дека ќе изврши криминални дејствија на локалниот божиќен пазар, јави ДПА.
Полицијата успеала брзо да го идентификува мажот откако добила дојава за видеото на социјалните мрежи. Детали за неговиот идентитет и плановите за напад не се објавени.
Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот кандидат за премиер Франсоа Бајру синоќа одржаа состанок во Елисејската палата како дел од финализирањето на кабинетот на Бајру, што се очекува да биде објавено денеска или утре, јавија француските медиуми.
Бајру е шестиот премиер за време на годините на власт на Макрон. Тој беше номиниран за функцијата по падот на владата на Мишел Барние, на која и беше изгласана недоверба во Парламентот поради буџетот за следната година.
Братислава - Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека рускиот претседател Владимир Путин најавил дека Русија е подготвена да продолжи со испораките на гас за Западот.
„Рускиот претседател Владимир Путин ја потврди подготвеноста на Русија да продолжи со испораките на гас за Запад и Словачка, што е практично невозможно по 1 јануари 2025 година, со оглед на позицијата на украинскиот претседател“, напиша Фицо на својата Фејсбук страница.
Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден е загрижена дека Иран би можел да се здобие со нуклеарно оружје, изјави синоќа советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.
Саливан изјави за Си-Ен-Ен дека го информирал тимот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за опасноста, наведувајќи дека постои ризик Иран да отстапи од ветувањето дека нема да произведува нуклеарно оружје. Тој, исто така, истакна дека САД разговарале за тоа со Израел.
Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека очекува да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин за да се реши конфликтот во Украина.
-Путин рече дека сака да се сретне со мене што е можно поскоро. Така што тоа го очекуваме тоа. Мораме да ставиме крај на оваа војна, рече Трамп, говорејќи на конференција во американската сојузна држава Аризона.
Панама Сити - Панама ги отфрли заканите на Доналд Трамп дека САД ќе ја вратат контролата врз Панамскиот канал.
-Каналот не е контролиран, директно или индиректно, од Кина, ЕУ, САД или која било друга сила. И како Панамец, цврсто ја отфрлам секоја формулација што ја искривува оваа реалност, рече панамскиот претседател, Хозе Раул Мулино во видеото поставенo на „Х“.