• понеделник, 23 декември 2024
МИА Флеш

   23 декември 2024

 

Скопје - Од АМСМ информираат дека од 11:55 часот воведена е забрана за движење на товарни моторни возила на патниот правец Дебар - Маврово.

Од 12:15 часот поради врнежи од снег на патниот правец Тетово – Попова Шапка се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.

Скопје - Раскинат е договорот со „Енергоинвест” ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, изведувач на изградбата на 400 kV далекувод од ТС Битола 2 до македонско-албанската граница, соопшти денеска АД МЕПСО и најави дека ќе иницира нова постапка за јавна набавка според насоките на ЕБОР за избор на нов изведувач кој ќе продолжи со реализација на проектот.

АД МЕПСО во корекција на соопштението што претходно го достави до медиумите, наведува дека до неодложно раскинување на договорот довело неисполнувањето на обврските од страна на изведувачот и барањата на изведувачот за дополнителни плаќања. Тоа, потенцираат, доведе до неможност за постигнување согласност меѓу двете страни.

Скопје - Владата го направи своето и веќе се враќа правната држава и довербата во институциите, порача денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

-Пораката од Владата е дека никој не е над законот и секој што згрешил треба да одговара. Останува на МВР, судството и обвинителството да се занимаваат со случајот Груби и со другите, рече Меџити во одговор на новинарско прашање по денешното потпишување Писмо за намери за поддршка на првиот проект за 100-проценен електричен кар-шеринг, во просториите на Владата.

Скопје - Министерот за јавна администрација, Горан Минчев денеска се обрати на третата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерство за отворена власт за периодот 2024-2026 година, информираат од Министерството.

Во поздравното обраќање, министерот ја истакнал важноста на Партнерството за отворена власт како стратешка иницијатива за модернизација на јавната администрација и за обезбедување поефикасна, транспарентна и отчетна влада, која е во служба на граѓаните.

Скопје - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска извршило исплата на субвенции од тековната 2024 година.

Извршена е исплата на произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година. Исплатени се 294.212.786,00 денари на 4.533 производители на кравјо, овчо и козјо млеко, регистрирани како одгледувачи на говеда, овци и кози, кои произведеното млеко го имаат предадено на регистрирани откупувачи на сурово млеко во месеците јануари, февруари, март, април, мај и јуни 2024 година.

Битола - Главната иницијација е отповик на градоначалник со што сметаме дека ќе ја зголемиме транспарентноста и отчетноста во секојдневното работење на локалните самоуправи и втората алатка што сакаме да ја предвидиме во законското решение е воведување на комунален надзор кој ќе биде под ингеренции на локалната самоуправа, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински.

На консултативен настан во Битола на кој учествуваа градоначалници од пелагонискиот и југозападниот регион, министерот Перински нагласи дека со новото законско решение ќе се модернизира актуелниот Закон за локална самоуправа.

Скопје - Минималната синдикална кошница за декември годинава изнесува 62.861 денари и е за 840 денари повисока отколку во ноември годинава кога беше 62.021 денар. Со изнајмен стан од 60  квадратни метри, пак, изнесува 78.236 денари, соопшти денеска Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Според пресметката на ССМ, од минималната синдикална кошничка едно четиричлено семејство за храна и пијалаци треба да одвои  23.075 денари или 36,7 отсто, за облека и обувки 5.728 денари или 9,1 отсто, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.020 денари или 9,6 отсто, за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 2.087 денари или 3,3 отсто, за здравје 1.135 денари или 1,8 отсто, за транспорт 4.727 денари или 7,5 отсто. 

Куманово - Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски денеска организираше свечен прием и им врачи награди на најдобрите припадници на СВР Куманово и на противпожарната единица. 

Годинава на предлог на ТППЕ Куманово и на СВР Куманово за најдобар пожарникат е прогласен Никола Богдановски, а Аднан Бислими за најдобар полицаец.

Дебар - По иницијатива на Здружението „Рајчица“, во соработка со општина Дебар, за првпат ќе биде одржано хуманитарно празнично дружење на плоштадот во градот.

Присутните ќе може да се радуваат и бесплатно да се фотографираат со маскоти, жонглери и Дедо Мраз. Ќе има разни слатки по поволни цени, како и други изненадувања од торбата на Дедо Мраз. 

Белград - Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил изјави дека нема најава за воведување санкции против српската компанија НИС, и додаде дека конечната одлука нема да има негативно влијание врз српската економија.

- Можам да ви кажам дека откако Русите го купија НИС, постои голема загриженост за тоа, бидејќи таа е единствената рафинерија во Србија и од кога е во мнозинска сопственост на Русите, тоа со години загрижуваше многу луѓе. Таа загриженост се надополнува со фактот дека Русија продолжува да води варварска војна против Украина. - Нема друг збор за да се опише освен варварско во смисла дека ова е 21 век, и сè уште трае, рече Хил во интервју за РТС.

Букурешт – Претседателот на Романија, Клаус Јоханис денеска му го даде мандатот за формирање на влада на актуелниот премиер Марсел Чолаку.

Социјалдемократска партија на Чолаку во анкетите на парламентарните избори на 1 декември беше на прво место.

За мандатарот и новата влада треба да се дебатира во Парламентот.

Брисел - Претседателството на либералната група „Да ја обновиме Европа“ во Европскиот парламент донесе едногласна одлука да препорача престанок на членството во нејзините редови на бугарската партијата Движење за права и слободи (ДПС) предводена од контроверзниот бизнисмен Делјан Пеевски. 

Како што се наведува во соопштението на РЕ, за оваа иницијатива ќе расправа Бирото на групата на состанокот закажан за доцна попладнево и доколку ја поддржи, согласно статутарните правила, на 14 јануари ќе се гласа за престанокот на членство на ДПС во „Да ја обновиме Европа“. 

Брисел - Европската Унија со загриженост го нотира осудувањето на 25 цивили од страна на Воениот суд во Пакистан на 21 декември, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

Според ЕЕАС, ЕУ смета дека овие пресуди не се во согласност со обврските што ги има преземено Пакистан врз основа на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.  

Вашингтон – Претседателот на САД, Џо Бајден денеска ги преиначи казните на 37 од вкупно 40 осуденици на смрт. Според одлуката на 37 осуденици казната им е преиначена во доживотен затвор без можност за условно ослободување.

Со тоа Бајден го осуети планот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за забрзување на темпото за извршување на смртните казни.

Одлуката за помилување на еден претседател не може да биде поништена од неговиот наследник.

Дортмунд - Во германскиот град Уна, којшто се наоѓа источно од Дортмунд, четиригодишно девојче избегало од дома за да биде прва во нејзината градинка, јави ДПА, повикувајќи се на полициски извештај.

Таа, всушност, излегла од својот дом сред ноќ и преспала на влезот на градинката. И покрај студот и влажните временски услови, и со не повеќе од ќебенце, девојчето, просто седнало да го чека утрото и отворањето на градинката.

Лос Анџелес - И 30 години подоцна, Мараја Кери и нејзиниот веќе легендарен хит „All I Want for Christmas Is You“ се неизбежен декор за новогодишните и божиќните празници. Имено, „Билборд“ проценува дека пејачката минатата година заработила 1,86 милиони долари од песната.

Така, песната објавена 1994 година, само за 2023 година би можела да надмине 100 милиони долари во вкупна заработка. А пак, истражување на „Економист“ од 2016 година, посочува дека американската пејачка заработувала во просек 2,5 милиони долари од хонорари секоја година.

Сиднеј - Австралиец е уапсен откако речиси 100 кенгури беа пронајдени мртви, соопшти денеска локалната полиција.

Полицијата на Нов Јужен Велс соопшти дека 98 мртви кенгури биле пронајдени во октомври во регионот Хантер, северно од Сиднеј, заедно со кутија со муниција и два чаури.

Лос Анџелес - Нов извештај на американските групи за заштита и безбедност на децата, „Хит инишатив“ (Heat Initiative) и „Перентс тугедер екшн“ (ParentsTogether Action), посочува алармантно присуство на несоодветни апликации означени како погодни за деца на „Епл ап стор“ (Apple App Storе).

Групите работеле на проучувањето на повеќе стотици апликации во временска рамка од 24 часа и така идентификувале повеќе од 200 апликации коишто имале содржина или одлики несоодветни за деца. Меѓу нив има апликации за разговор со непознати, женски чет-ботови, игри со сексуални и насилни прикази, како и програми за оценување на изгледот со вештачка интелигенција.

Тагови

Остани поврзан