• понеделник, 22 јули 2024

КК Крива Паланка со три засилувања

КК Крива Паланка со три засилувања
Крива Паланка, 14 март 2021, (МИА) – Стручниот штаб на кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ во преодниот рок од актуелната  натпреварувачка сезона, 2020/21, донесе две нови имиња во женската екипа што настапува во Прва лига жени на КФСМ, а покрај звучните имиња кај играчите, тимот е засилен и во тренерскиот состав со големиот кошаркарски стратег, Слаѓан Ивиќ од соседна Србија, актуелен тренер во КЖК „Партизан 1953“, Белград. Двете странски кошаркарки кои во полусезоната што претстои ќе ги бранат боите на КК „Крива Паланка“ се Милена Марјановиќ од Р.Србија, поранешна сениорска репрезентативка на Србија која игра на центарската позиција и Марија Вујадиновиќ од Црна Гора, плејмејкер, која ги бранела боите на татковината во својата  репрезентација. - Ова е голем чекор и многу важен момент за нашиот клуб . Засилувањето во стручниот табор во кој ја имаме честа да работиме со еден од најголемите кошаркарски стратези на Балканот, само  го потврдува нашиот стремеж за континуирана надградба и унапредување на кошарката и промовирање на Крива Паланка како еден центар на женската кошарка во Македонија. Господинот Ивиќ ја прифати нашата подадена рака на пријателство и соработка и во претстојните месеци ќе работиме во насока на зајакнување на капацитетите и потенцијалите што клубот ги има во поглед на младинската школа, но и на сениорскиот тим, кој е сега засилен со искусните Мими Марјановиќ и Марија Вујадиновиќ, изјави Ведран Белешковски, претседател на КК Крива Паланка и тренер. Двајцата тренери од КК Крива Паланка, Белешковски и Ивановски, во стручниот табор како засилување го имаат за соработник Слаѓан Ивиќ. Ивиќ е роден 1963 година, на почетокот на кариерата бил тренер на младинските категории во КК „Партизан“ и помошник во првиот тим, заминува во Шабац, па се враќа во „Партизан“ од 1996 до 2006 година, период во кој седум години е на водечката тренерска позиција, Во текот на кариерата бил тренер на екипите „Железничар“, Сарајево, „Единство“, Бело Поле, на клубовите „Краљево“, „Црвена Ѕвезда“, „Јагодина“, „Студент“, „Стара пазова“, „Слобода“, Р.Српска, „Олимпик – Баја Маре“, Романија, „Нови пазар“ и „Велика Плана“. Во кариерата бил селектор во 1999/2000 на М-14 и М-16 репрезентациите СФР Југославија и помошен тренер на А репрезентација на Србија и Црна Гора, а како прв тренер ја предводел Универзитетската репрезентација на Универзијада во Белград во 2009. Во оваа сезона, 2020/21 е актуелен тренер на КЖК „Партизан 1953“ Белград, Србија. - Исклучително задоволство ми е што во наредниот период од два ипол до три месеци ќе бидам во КК Крива Паланка, со луѓето од женскиот клуб кои уште при првиот контакт и при пристигнувањето покажаа огромно гостопримство и повторувам, пресреќен сум што во следниот период ќе бидам во овој убав град. Во соработка со селекторот на женската А репрезентација на РС Македонија, Владимир Ѓорови и луѓето од клубот, беше остварена оваа соработка. Благодарност до мојот клуб КЖК „Партизан 1953“ и раководството кои ми овозможија да бидам отсутен во овој период од Белград, што е уште еден показател дека спортот ги поврзува луѓето. Сигурен сум дека во овој период ќе подигнеме се во клубот на повисоко ниво, од моја страна ќе се потрудам максимално да овој мал клуб со тек на време го привлече вниманието на кошаркарската сцена, и тоа во блиска иднина. Претседателот на клубот Ведран Белешковски во изминатиот период со своите соработници имаше големи одрекувања в тие 15 години и му се заблагодарувам за тоа одрекување, честитајќи му, бидејќи да се одржи клубот во овие 15 години не е мала работа и јас ќе му помогнам да ги одржи тие цврсти темели и во следниот период. Со доаѓањето и на двете кошаркарки кои гледав да бидат, освен добри играчи, и добри луѓе, пред се, бидејќи тоа е исклучително важно каде што доаѓаме, и верувам дека ќе ја оправдаме довербата, не само на луѓето од клубот, туку и кон целиот град, изјави Ивиќ. Рече, за кратко време од неколку дена колку што е во клубот, презадоволен е од сите структури на луѓето од клубот и сите кошаркарки од клубот. - Можам да истакнам дека лесно може да се случи некој од нив да понесе дрес и на некој странски, голем клуб, но потенцирам дека моето доаѓање во градот и клубот носи одговорност, овие кошаркарки да бидат тука каде што се, да направат многу повеќе отколку досега, за овој клуб, за овој град. Верувам дека во блиска иднина ќе се слушне надалеку за овој клуб од Крива Паланка, додаде Ивиќ. Марија Вујадиновиќ, сега Петровиќ е Црногорка, плејмејкер со богато интернационално искуство, од репрезентациите на Црна Гора до 18 и 20 години, преку настапи за клубови од Француска прва лига, КК „Поинкон баскет“, ЖКК „Студент“, Ниш, ЖКК „Трешњевка“, Загреб, Хрватска, играла за „Приморје“ и „Будуќност“ од Црна Гора, во „Лозница“, „Студент“ и други, а оваа сезона 2020/21 играше за ЖКК „Раднички“, Крагуевац. - Задоволство ми е што првпат во животот наидов на ваква љубезност и  соработка. Сите се прекрасни, и играчите и тренерите, а и условите кои ги добивме се одлични. Со оглед на тоа и дека тренерот Ивиќ важи за многу добар стручњак чест ми е што првпат ќе соработуваме, изјави Петровиќ. Милена Марјановиќ-Мими исто така има голема меѓународна кариера, доминантна на центарската позиција со нејзините 194 сантиметри, повеќе години била дел од српската сениорска репрезентација, шест години играла во Француската прва лига, во клубовите АБ „Монтбрисон“,  „Шартре“ , „Ла Гласеи“,  две години во ЖКК „Данзио Темишвар“ во Романија,  во ЖКК „Раднички“, Крагуевац, Србија, во Алжир „ГСП“ и оваа сезона настапи за ЖКК „Млади Крајишник“, Босна и Херцеговина. - Се радувам на соработката со КК Крива Паланка и се надевам дека со своето искуство ќе помогнам да се остварат зацртаните планови на клубот за оваа сезона и дека со своето присуство ќе им помогнам на младите кошаркарки да напредуваат. Морам исто така да истакнам дека сум исклучително почестена што сум дел од целиот овој проект и првично задоволство ми е што ја обновив соработката со тренерот Ивиќ, а уште поголема чест ми е што сум дел од овој проект на КК Крива Планака и се надевам дека ќе оставиме длабоки траги во женската кошарка во Македонија, рече Марјановиќ. Кошаркарски клуб Крива Паланка работи и дејствува под слоганот „Едно име, еден град, еден клуб во срце носам јас“. Од управата се заблагодарија на сите кои ја препознаа идејата за развој на кошарката во градот, а со тоа и во државата, почнувајќи од локалната власт и институциите, преку сите локални фирми и поддржувачи, спонзорите и секако, сите чинители и од повисоките надлежни власти кои помагаат оваа визија да се реалзиира и  развива во нешто што ќе биде препознатлив белег на градот. Денес КК Крива Паланка гостува кај ЖКК Куманово. ид/зс/

Остани поврзан