Борел: На Украина и е потребно зајакнување на противвоздушната одбрана за одбивање на руските криминални напади
- Интензивирањето на руските ракетни напади врз Украина, покажува дека на земјата и е потребно зајакнување на противвоздушната одбрана, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел на прес-конференција по завршувањето на денешното заседание на Советот за надворешни работи (ФАК) на Унијата.
Брисел, 22 јули 2024 (МИА) – Интензивирањето на руските ракетни напади врз Украина, покажува дека на земјата и е потребно зајакнување на противвоздушната одбрана, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел на прес-конференција по завршувањето на денешното заседание на Советот за надворешни работи (ФАК) на Унијата.
-Таа одбрана е потребна сега. Дискутиравме и направивме преглед за тоа што можеме да го обезбедиме... Земјите членки ја разгледаа можноста за зголемување на поддршката на Украина со цел да ги одбие криминалните воздушни напади, истакна Борел, нагласувајќи дека речиси сите министри“ го осудиле интензивирањето на руските ракетни напади врз Украина и особено последното ракетирање на детската болница во Киев.
Според него, второ прашање за кое се расправало на Советот во однос на Украина е енергетската инфраструктура, во услови кога огромен процент од украинските капацитети за производство на електрична енергија се оштетени или уништени.
- Сега е лето, но замислете што ќе биде во текот на зимата. (Рускиот претседател Владимир) Путин сака да ја втурне Украина во мрак и студ, изјави Борел, додавајќи дека побарал од земјите членки да обезбедат поголема поддршка за обнова и зајакнување на украинските капацитети за производство на електрична енергија.
Тој нагласи дека повеќето земји членки побарале укинување на унгарската блокада на исплатата на средства за воена помош на Украина преку Европскиот мировен механизам и ја нагласиле потребата од активирање на механизмот за поддршка за земјата преку Украинскиот механизам.
-Тоа е блокирано од една земја членка повеќе од една година. Земјите членки инсистира дека тоа е неприфатливо, но за жал состојбата со блокадата остана непроменета, додаде Борел.
Високиот претставник ги информирал министрите за исплатата на првата транша од 1,4 милијарди за Украина од средствата од профитите од замрзнатите руски депозити, како и за наредната планирана за почетокот на август, кои ќе бидат искористени за итни одбранбени потреби, но и за зајакнување на украинската одбранбена индустрија.
Во еден дел од состанокот преку видео конференциска врска се вклучил и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, кој со своите колеги разговарал за идните чекори по минатомесечната мировна конференција во Украина, при што е заклучено дека ЕУ мора повеќе да се ангажира со своите глобални партнери ширум светот за напредок кон мир.
Според Борел, самитот во Швајцарија дал добри резултати, но тие мора да се подобрат, како и дека и покрај раширената руска пропаганда на сите ширум светот треба да им се објасни што се случува во Русија и во Украина.
-Треба да се потсети кој е агресор и дека Украина се брани, а ние ја поддржуваме во Украина во нејзината самоодбрана. Тоа понекогаш не се објаснува или дури и се крие, но дајте да ја кажеме вистината и да ја изнесеме позицијата на Европската Унија, рече Борел, додавајќи дека во овој конфликт Русија е агресор и ја крши повелбата на ОН, а Украина е жртва која го користи своето право да се брани.
Тој нагласи и дека т.н. Мировна формула на украинскиот претседател Володимир Зеленски е единствената мировен план што го поддржува Унијата.
- Политиката на ЕУ не е за војна. Силно го отфрламе таквото тврдење. Ги анализиравме изјавите и постапките на унгарскиот премиер и на министерот за надворешни работи на Унгарија и со исклучок на само една земја, сите останати членки жестоко го критикуваа нивното однесување, рече Борел.
Тој нагласи дека ако некој сака да зборува за „воена партија“, нека зборува за Путин, а не за Европската Унија.
- Единствениот кој е за војна е Путин, кој повикува на поделба и предавање на Украина како предуслови за какви било разговори и каков било прекин на огнот. И тој испраќа потсетници секој ден во форма на илјадници проектили, беспилотни летала, бомби и засилена воена офанзива, истакна Борел.
Според него, ЕУ и Украина сакаат праведен и одржлив мир со кој ќе се гарантираат украинската слобода и независност и ќе се санкционираат воените злосторства спроведени од почетокот на војната.
- Секоја т.н. мировна мисија што ги игнорира овие основни барања на крајот на денот само ќе биде во полза на Путин и нема да донесе мир. Со еден исклучок на една, сите земји се согласија за мир на овие основи, истакна Борел.
Тој додаде дека 25 земји членки ги критикувале постапките на Унгарија, особено во светло на нејзината позиција на претседавал со ЕУ, и се заложиле за потребата од задржување на единството на ЕУ во однос на ова прашање.
- Потсетивме на обврската на лојалност според членот 25 став 3 од Договорот на ЕУ, кој не е само за декор, не е таму само како празни зборови. Земјите членки се суверени во нивната надворешна политика. Точно. Но, овој член обврзува на лојалност кон позициите на заедничката надворешна политика. Тоа не е нешто што ќе го почитувате или не, мора да го сторите, додаде Борел.
Високиот претставник информира и дека постоела нагласена поделба меѓу земјите членки околу местото на одржувањето неформалниот состанок на ФАК што го најави Унгарија за крајот на август во Будимпешта, додавајќи дека внимателно ги сослушал различните ставови и дека на крајот согласно неговите надлежности решил неформалните средби на министрите за одбрана и за надворешни работи на крајот на август да се одржат во Брисел.
Според него, изјавите дека на шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто пред Советот за безбедност на ОН дека политиката на ЕУ, е политика на војна се осудена од страна сите останати земји членки и со тоа е упатен симболичен сигнал дека таквиот став е во спротивност со надворешната политика на ЕУ.
- Квалификувањето на политиката на ЕУ, како политика на војна, мора да има некакви последици, формални и симболични последици, додаде Борел.
Советот расправал и за ситуацијата на Блискиот Исток, фокусирајќи се на случувањата на теренот, вклучително и на хуманитарната ситуација во Газа и состојбата на заложниците, за што министрите биле информирани од специјалниот претставник на ЕУ за човекови права, Олоф Скуг, и за блискоисточниот мировен процес, Свен Купманс.
- По речиси десет месеци, 290 дена, војната во Газа и натаму беснее, а сведоци сме на нови принудни евакуации на исцрпените цивили. Во Газа има повеќе од 17.000 сирачиња. А хуманитарниот пристап, кој секогаш беше тежок, сега е невозможен. Практично сите во Газа зависат од помош за да преживеат. Дури 96 отсто од населението во Газа се соочува со акутен недостиг на храна. Можете да кажете што сакате, но ова е ужас, неподнослив и мора да направиме се што можеме за да го спречиме. За доброто на нашата сопствена хуманост, истакна Борел, додавајќи дека, за жал, преговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците засега на повидок немаат позитивен исход.
Високиот претставник информира и дека за време на дебатата, министрите разговарале за ризиците од регионална ескалација и последното советодавно мислење на Меѓународниот суд на правдата дека израелската окупација на Западниот Брег е незаконска.
- Јазот во она што го вели правото, според Меѓународниот суд на правдата, и она што се случува на теренот никогаш не бил толку голем и толку непремостлив како што е денес. Но, Судот не е тука за да го имплементира своето мислење, тоа мора да го направат политичките актери. ЕУ има посебна одговорност за ова прашање, потенцира Борел.
Тој информира и дека министрите разговарале за зајакнување на соработката со арапските и другите партнери за постигнување значаен напредок во процесот кон мировно решението според моделот на две држави, како и за засилување на поддршката на ЕУ за Палестинската самоуправа. За таа цел преку Европската инвестициска банка е договорен кредит за Палестинската самоуправа, под поволни услови, што ќе биде исплаќан во транши и наменет за поддршка на нејзината реформска агенда.
На денешниот Совет, според Борел, биле усвоени и две важни одлуки што ќе го зајакнат партнерството на Унијата со Ерменија – поддршка за ерменската Армија во износ од 10 милиони евра и отпочнување на дијалог за визна либерализација за ерменските граѓани при патување во Унијата.
- Прво, ја усвоивме досега првата мерка за поддршка во рамки на Европскиот мировен механизам со Ерменија, во вредност од 10 милиони евра и второ, дадовме зелено светло за отпочнување на разговорите за визна либерализација. Тоа се одлуки на кои Ерменија долго чекаше и многу сум среќен што конечно е постигнат договор за тоа пред летните одмори, истакна Борел.
Според него, ваквите одлуки се особено важни имајќи ги предвид тензичните односи во кавкаскиот регион и ќе придонесат за зајакнување на европското партнерство со Ереван. сп/
Фото: Скриншот