• среда, 25 декември 2024

Европскиот медитерански сеизмолошки центар предупредува за цунами по земјотресот на Крит

Европскиот медитерански сеизмолошки центар предупредува за цунами по земјотресот на Крит
Атина, 12 октомври 2021 (МИА) - По земјотресот од 6,3 степени јужно од грчкиот остров Крит, Европскиот медитерански сеизмолошки центар издаде предупредување за цунами, а грчкиот професор и сеизмолог Герасимос Пападопулос, на неговиот фејсбук-профил напиша дека во тек е мало цунами и повика граѓаните да се оддалечат од крајбрежјето, јави дописничката на МИА од Атина. Според првичните информации од Крит, силниот земјотрес предизвика помала материјална штета, се урна мала стара црква, но и создаде паника кај граѓаните од градовите и селата во близина на епицентарот. Земјотресот со интензитет од 6,3 беше регистриран кусо пред 12.30 часот по локално време во морскиот дел југоисточно од грчкиот остров Крит. Ова е втор силен земјотрес на Крит во изминатите 15 дена, а според грчките сеизмолози денешниот не е поврзан со оној од 5,8 степени, регистриран на 27 септември, јужно од градот Ираклио. Само осум минути по силниот потрес во близина на Крит, беше регистриран земјотрес од 4,5 степени северозападно од островот Карпатос. ср/гт/

Остани поврзан