Португалскиот премиер ќе побара од парламентот да се гласа за доверба на владата
- Во центарот на новата политичка криза, која може да предизвика трети предвремени избори од 2022 година, е консултантска фирма која е во сопственост на член на семејството на Монтенгеро. Таа склучила договори со приватни фирми од кои, според опозицијата, корист имал премиерот.

Лисабон, 5 март 2025 (МИА) - Португалскиот премиер Луис Монтенегро изјави дека ќе поднесе барање за гласање доверба на неговата малцинска влада, што би можело да доведе до негов пад доколку двете главни опозициски партии гласаат за отфрлање на неговиот предлог, како што веќе соопштија дека ќе направат, јавуваат британските медиуми.
Во центарот на новата политичка криза, која може да предизвика трети предвремени избори од 2022 година, е консултантска фирма која е во сопственост на член на семејството на Монтенгеро. Таа склучила договори со приватни фирми од кои, според опозицијата, корист имал премиерот.
Монтенегро негира каков било конфликт на интереси.
-На земјата и треба политичка јасност и ова е моментот. Земјата не може да остане заложник на себичноста и тактиката на опозицијата, рече тој во парламентот, додавајќи дека иако евентуалните нови избори не се она што и треба на Португалија, неговата партија е подготвена да учествува во нив.
Засега не е јасно кога ќе може да се гласа за овој предлог.
Опозициските социјалисти и екстремно десничарската партија ШЕГА, кои заедно имаат повеќе од половина од сите места во парламентот, соопштија дека ќе го отфрлат предлогот за гласање доверба. Според Уставот, тоа значи распуштање на владата, иако од враќањето на демократијата во 1974 г досега, само еден од 11 такви предлози беше отфрлен од парламентот на Португалија - во 1977 година.
Доколку тоа се случи, некои аналитичари очекуваат претседателот Марсело Ребело де Соуса да го распушти парламентот и да распише предвремени избори.
Коалицијата на десниот центар има само 80 места во 230-члениот парламент. Социјалистите имаат 78, а ШЕГА - 50, забележуваат британските меидуми. сд/