САД воведоа нови санкции за членови на јеменското бунтовничко движење Хути, соопшти американското Министерство за финансии
- Соединетите Американски Држави денеска воведоа санкции за седум високи членови на јеменското бунтовничко движење Хути, поврзано со Иран, соопшти американското Министерство за финансии.

Вашингтон, 5 март 2025 (МИА) - Соединетите Американски Држави денеска воведоа санкции за седум високи членови на јеменското бунтовничко движење Хути, поврзано со Иран, соопшти американското Министерство за финансии.
Тие членови на движењето пренесувале шверцувани оружени компоненти и системи во областите под контрола на Хутите во Јемен и договориле купување оружје од Русија, се вели во соопштението на Министерството.
Со санкции е опфатен и Абдулвали Абдох Хасан ал-Џабри и неговата компанија „Ал-Џабри џенерал трејдинг енд инвестмент“ поради регрутирање Јеменци за учество во војната во Украина на страната на Русија и собирање средства за поддршка на воените операции на Хутите.
„Американската влада е решена да побара одговорност од Хутите за набавка на оружје и компоненти на оружје од добавувачи во Русија, Кина и Иран за да ја загрозат безбедноста во Црвеното Море“, рече портпаролката на американскиот Стејт департмент Тами Брус.
Стејт департментот вчера соопшти дека спроведува мерки кои произлегуваат од американското категоризирање на движењето Хути како „странска терористичка организација“ откако американскиот претседател Доналд Трамп повика на сличен чекор претходно оваа година. рп/
Фото: МИА архива