• четврток, 06 март 2025

Мерц најави договор за собирање стотици милијарди евра за одбрана на Германија

Мерц најави договор за собирање стотици милијарди евра за одбрана на Германија

Берлин, 5 март 2025 (МИА) – Лидерот на Христијанско-демократската унија Фридрих Мерц, за кој се очекува дека ќе стане канцелар на Германија, денеска најави политички договор за собирање стотици милијарди евра дополнителни средства за одбрана и инфраструктура.

- Со оглед на заканите за нашата слобода и мир на нашиот континент, правилото за нашата одбрана сега мора да биде да направиме се што е потребно, рече тој.

Мерц информира дека заедно со очекуваните коалициски партнери од левиот центар следната недела ќе ги претстави новите предлози во Парламентот.

Тој, исто така, ја истакна потребата од зголемување на трошоците за одбрана поради „неодамнешните одлуки на американската влада“, но не наведе детали, иако претходно го критикуваше односот кон украинскиот претседател Володимир Зеленски на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп, јави Би-Би-Си.

Тој рече дека Германија смета на САД да ги поддржат „заемните сојузнички обврски, но исто така знаеме дека ресурсите за нашата национална одбрана и одбраната на алијансата сега мора значително да се прошират“.

Мерц рече дека ќе стори „се што е потребно“ за да ги заштити слободата и мирот, повикувајќи се на ветувањето на поранешниот италијански премиер Марио Драги да го спаси еврото во 2012 година, кога тој беше претседател на Европската централна банка.

Би-би-си наведува дека во центарот на предлогот на Мерц е специјален фонд од 500 милијарди евра за помош на инфраструктурата на Германија, како и олеснување на строгите буџетски правила за да се овозможи инвестирање во одбраната. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан