Градоначалникот Колев со идеја зградата на Работничкиот универзитет во Велес да се урне, а на тоа мести да се изгради нова каде ќе бидат сместени службите за издавање на лични документи
- Градоначалникот Марко Колев одговарајќи на прашање на советник на последната 60. седница на Советот на Општина Велес информира дека е со идеја зградата на Работничкиот универзитет „Благој Страчковски“ лоцирана на улица „Кресненско востани“ бр 1 наспроти Градскиот пазар целосно да се урне и на нејзино место да се направи нова зграда на два спрата во која ќе бидат сместени сите служби за издавање на лични документи, а кои подолго време мака мачат со недоволен простор за работа со граѓаните.

Велес,14 февруари 2025 (МИА) - Градоначалникот Марко Колев одговарајќи на прашање на советник на последната 60. седница на Советот на Општина Велес информира дека е со идеја зградата на Работничкиот универзитет „Благој Страчковски“ лоцирана на улица „Кресненско востани“ бр 1 наспроти Градскиот пазар целосно да се урне и на нејзино место да се направи нова зграда на два спрата во која ќе бидат сместени сите служби за издавање на лични документи, а кои подолго време мака мачат со недоволен простор за работа со граѓаните. Колев информира дека за оваа идеја веќе направил и разговори и увид на локацијата и зградата заедно со началникот на СВР Велес и двајца високи претставници на МВР од кабинетот на министерот, кои ја подржале ваквата идеја.
На 17 јуни 2022 година беше делумно урната зградата на Работничкиот универзитет „Благоја Страчковски“ која е во државна сопственост, а основана од Советот на Општина Велес функцонира од 1953 година. Како што информираат за МИА од Работничкиот универзитет, рушењето на зградата се случи поради необезбеденост на зградата која беше изложена на последици од рушење и ископување на соседната куќа, залепена до зградата на Работничкиот универзитет. Додаваат дека нивната зграда е затворена поради небезбедност, но сепак соседната куќа се изгради залепена и навлезена во срушениот простор на небезбедната зграда, но и на останат дел од задниот двор.
Воедно посочуваат дека во идејата на градоначалникот Колев и локалната власт не се спомнати тие од Работничкиот универзитет како корисници на зградата и прашуваат каде ќе бидат сместени.
За МИА појаснуваат дека по рушењето на зградата од локалната власт, надлежните служби на Општина Велес ги сместија времено во поранешната зграда, а сега напуштена и руинирана на ООУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, но поради тоа што често беа ограбувани и небезбедни мораа самите да си најдат и изнајмат нови простории под закуп во центарот на Велес, каде времено работат.
Вработените на Работничкиот универзитет „Благој Страчковски“ подржани од мноштвото граѓаните на Велес велат дека не се против идејата на градоначалникот Марко Колев да се изгради нова зграда во која ќе бидат сместени сите служби за издавање на лични документи на едно место во поголем простор, но се против идејата да се сруши постоечката зграда на Работничкиот универзитет, и да се гради нова бидејќи сметаат дека за таа намена може да најде нова локација или да се најдат други постоечки канцеларии во сопственост на Општината или на државата.
Воедно забележуваат дека ако зградата беше толку небезбедна како не се урнала во изминатите 2,5 години при сета тешка градежна машинерија која ја градеше соседната куќа и водоводна мрежа за улицата „Кресненско востание“ пред истата зграда? Исто, доколку беше небезбедна зошто не се затвори улицата „Кресненско востание“ и паркингот позади зградата. Оваа улица е најфреквентна во градот, минуваат меѓуградски автобуси, граѓани заради пазарот и ученици од двете училишта „Панко Брашнаров“ и „Маца Овчарова“.
Од Работничкиот универзитет и посочуваат на локалната власт дека проблемот треба да се реши конструктивно и на најсоодветен начин.
-Како корисници на зградата бараме при реконструкција на истата и во новите планови покрај другите тела да се предвиди простор за функционирање на Работничкиот универзитет, како и понатамошна поддршка на работата на Работничкиот универзитет во Велес по примерот на останатите општини во државата, посочуват од Работничкиот универзитет.„Благој Страчковски“ Велес.
Од Работничкиот универзитет ги потсетуваат во локалната власт и сите функционери дека Работничкиот универзитет „Благој Страчковски“ постои од 1953 година ,над 70 години и е значајна институција за граѓаните за оформување на образованието.
Од Работничкиот универизитет „Благој Страчковски“ бараат од ОЈО Велес побрзо да ја покрене постапката и да утврди кој е виновникот за рушење на зградата на Работничкиот универзитет пред 2,5 години и тој да си ја плати штетата и да ја врати зградата во првобитната состојба.
Од ОЈО Велес за МИА информира дека во фаза е предистражна постапка со повеќе вештачења како градежни, економски и електротехнички.
Од ОЈО појаснуваат дека се сослушуваат повеќе лица и најавуваат дека за кратко ќе се отвори и за кратко ќе се затвори постапката со што ОЈО Велес ќе донесе и одлука.
Градоначалникот Марко Колев на последната седница на Советот , а во врска со рушењето на зградата на Работничкиот универзитет, информира дека објектот не е на општината туку е во државна сопственост.
-Побарани се документи од нас, знаете од кого, општината ги даде. Се знае кој го сруши, не може тоа да се скрие, сите знаеме што се случи,постапката се води, појасни Колев.ад/
Фото: МИА