• петок, 21 февруари 2025

Делчевско-каменичкиот епископ г. Марко најави подостоинствено одбележување на празникот Задушници

Делчевско-каменичкиот епископ г. Марко најави подостоинствено одбележување на празникот Задушници

Делчево, 19 февруари 2025 (МИА) - На предлог на верници и на свештениците, почнувајќи од февруари годинава, за претстојнот празник ,,Задушници", ќе се чита молитва во црквата и во трпезаријата во средните гробишта во Делчево. Ова, според епископот на Делчевско-каменичката епархија г.Марко, за прв пат ќе се практикува во епархијата, но е случај во некои други епархии, со цел да им се олесни работата и на верниците и на свештениците.

-До сега имавме пракса да мора свештениците да одат до секој еден гроб, и да читаат молитви и мораа да брзаат да отидат на друг гроб. Затоа одлучивме да воведеме една пракса, прв пат е тука, но не е новитет во православната црква. Со правење помен на секој пола час правилно ќе се служи литургија како што треба, истакна епископ г.Марко.

Целта, како што додаде, е да се одбегне чекањето на свештениците, во период кога времето е ладно, а истото се однесува и за летните задушници кога времето е топло.

-Свештениците досега и немаа време за толкав помен, оти мораа да одат од гроб до гроб и само ги споменуваа имињата на покојните. Вака на секој пола саат ќе се прави помен и луѓето ќе бидат заштитени и од горештини и од ладно. Ќе се постави маса на која ќе се постават пчениците за покојните и имињата на покојните до секоја пченица. Свештениците ќе направат помен ќе ги прочитаат имињата, а верниците после можат да појдат на гробот и да си запалат свеќа, додаде делчевско-каменичкиот епископ.

Според него, на празникот Задушници важна е молитвата.

-Важно е молитвата правилно да биде  прочитана и верниците молитвено да се почуствуваат, а во истовреме и свештениците да не мора да брзаат во читањето, да трчаат од гроб на гроб, па да се нервираат и тие и верниците. Тоа е една новина за нашата епархија, да се обидеме на подостоинствен начин да ги споменеме покојните. Со тоа немаме намера да ги навредиме верниците и свештениците, напротив имаме намера за подостоинствено молитвено сеќавање на покојните, да го направиме тоа, додава г.Марко.

Според планираното годинава в сабота (22.02.2025 ) во 07:30 часот ќе се служи заупокоена Литургија во црква Свети Наум Охридски, а во продолжение ќе се отслужи и општ помен за покојните. Од 07:00 часот утрото ќе има свештеници во црквата на  гробиштата и во трпезаријата на средните гробишта, каде ќе се прави општ помен на секои 20-тина минути. вс/дма/


Фото: МИА
 

Остани поврзан