Американската Даночна управа мора да отпушти повеќе од 6.000 луѓе
- Околу 6.000 вработени во американската Даночна управа (ИРС) ќе добијат отказ, во рамките на напорите на претседателот Доналд Трамп да ја намали работната сила на федералната Влада, насочени кон регулаторите на банките, работниците во шумарството, ракетните научници и десетици илјади други владини службеници

Вашингтон, 21 февруари 2025 (МИА) – Околу 6.000 вработени во американската Даночна управа (ИРС) ќе добијат отказ, во рамките на напорите на претседателот Доналд Трамп да ја намали работната сила на федералната Влада, насочени кон регулаторите на банките, работниците во шумарството, ракетните научници и десетици илјади други владини службеници.
Проектот за намалување на владините трошоци го води технолошкиот милијардер Илон Маск, најголемиот донатор на кампањата на Трамп. Маск сега раководи со Агенцијата за државна ефикасност (ДОГЕ).
Тоа се претежно вработени во ИРС, кои биле вработени за време на администрацијата на Џо Бајден, која се обидела да го зголеми надзорот над богатите даночни затајувачи. Републиканците се спротивставија на тоа, тврдејќи дека тоа ќе доведе до малтретирање на обичните Американци. Во ИРС се вработени приближно 100.000 луѓе, во споредба со 80.000 пред Бајден да ја преземе функцијата во 2021 година.
Синдикатите поднесоа тужба за да се обидат да ги запрат масовните отпуштања, но федералниот судија во Вашингтон пресуди дека отказите можат да продолжат засега. На десетици илјади федерални работници веќе им е кажано дека повеќе немаат работа.
Трамп и Маск поставија цел да го намалат федералниот буџет од 6,7 трилиони долари за најмалку еден трилион долари. Кампањата ги таргетира и владините агенции кои го регулираат големиот бизнис, вклучително и оние кои ги надгледуваат компаниите на Маск – Спејс Икс, Тесла и Неуралинк.
Демократите тврдат дека Трамп ги надминува своите уставни овластувања и оти е насочен кон популарните и клучни владини програми на сметка на семејствата од средната класа.
Поголемиот број Американци се загрижени дека намалувањето на трошоците може да ги деградира владините услуги. ми/
фото: ИРС лого