
Скопје- Премиерот Христијан Мицкоски во одговор на прашање од пратеникот Блерим Беџети од ДУИ, истакна дека Јавното обвинителство ќе се произнесе во следниот период за истрагата за пожарот во Кочани и истакна дека во изјавите никогаш не се изразил за да осуди некого. Апелира да се почека на исходот и тогаш да се направи заклучок дали имало селективност или не и дали некој друг функционер ќе биде осомничен
Беџети на денешната седница за прашања од опозициски пратеници, во прашање до претседателот на Владата, рече дека „сега главните виновници остануваат недопирливи, а веќе ги објавил имињата на осомничените наместо обвинителот“.
-Владата ни вели дека правда ќе има, но вистинската правда треба да произлегува од судството, не од политички прес-конференции. Како може Владата да претендира дека ги прави независно истрагите, кога Вие како премиер изјавивте дека документите на локалот се фалсификувани, пред судството да донесе одлука, рече пратеникот Беџети.
Скопје - Во однос на одлуката на САД за царинските трошоци, за нас станува збор за очекувана одлука на американската администрација, која не ја одмина ниту една земја во светот – дури ни Велика Британија, Канада, Европската Унија и уште стотици други држави, соопштија поладнево од Владата во врска со објавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини за речиси цел свет, меѓу кои и 33 отсто за македонскиот извоз.
- Владините тимови веќе некое време ги анализираат можните последици и заедно имаме подготвен план за надминување на ситуацијата. Оваа одлука нема да има голем импакт врз нашата економија, но ние имаме јасен план како понатаму.
Контактите со американската администрација се веќе воспоставени и ќе продолжат на високо ниво, а Владата ќе работи на изнаоѓање решение и на спроведување на планот.
Она што е значајно да се спомене е дека нема потреба од никаква паника, ниту од избрзани реакции и заклучоци. Станува збор за нешто долго најавувано од оваа администрација, и не е одмината ниту една земја – дури ни најстарите и најтрадиционални партнери на САД.
Ова е обид за репреговарање на трговските односи во светот – нешто што беше неопходно и што, иако сега за некои претставува шок, за други ќе значи можност.
Скопје - Во Владата се одржува средбата меѓу премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Филипче пред состанокот со премиерот изјави дека очекува конструктивен разговор и оти е внимателен оптимист.
-Искрено очекувам контруктивен разговор. Навистина ми е драго што премиерот го прифати состанокот уште веднаш, рече тој.
Филипче рече дека темите што ги нафрлил на прес-конференцијата вчера, ќе се обиде подетално да му ги објасни на премиерот. Истовремено, кажа дека жали што вчера одредени политички партии се обиделе да уфрлат некаква етничка димензија и дека тоа апсолутно го демантира.
- Повикот за меѓупартиска средба беше, се уште е за сите партии со оглед на тоа што премиерот прв и веднаш прифати. Еве ќе поразговараме за темите коишто сметам дека заеднички треба да се изменаџираат, коишто никогаш досега не биле така менаџирани. Темите ги нафрлив вчера, денеска ќе се обидам подетално да му ги објаснам како и некои предлог начини, така како што ми е мене во моментот размислувањето без претензија дека тоа е вистинскиот начин. Секако дека отворен сум да разговараме за сите опции. Во однос на очекувањата еве како и секогаш да кажам дека сум внимателен оптимист, рече претседателот на СДСМ.
На новинарско прашање Филипче повтори дека ги демантира трвдењата на ДУИ потенцирајќи дека состанокот нема никава етничка димензија.
Скопје - За трагедиите во Модуларната болница во Тетово и автобуските несреќи Ласкарци и на Беса Транс во Бугарија МВР не поднело ниту една кривична пријава, додека за пожарот во Кочани се поднесени две кривични пријави за 34 лица од кои 31 лице се во притвор - членови на СДСМ, на ВМРО ДПМНЕ, на ДУИ и ниеден од нив не е во оваа постапка заради тоа што е член или не е член на одредена партија. За овие лица се обезбедени докази за основи на сомнение, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на седницата за опозициски прашања.
Тошковски, кој одговараше на прашања поврзани со пожарот во Кочани, рече дека истрагата е во тек, и оти допрва ќе се знае колку лица ќе бидат опфатени од процесните дејствија од обвинителството и МВР.
Скопје - Локацијата во Битола сега има околу 50 диви дипонии, а проектот предвидува една нова локација во рамки на директивите на ЕУ, во близина на РЕК Битола. Средствата се добиени и нема негативни ефекти врз животната средина, изјави вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Одговарајќи на прашање од пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ, Меџити рече дека идејата е за пристап до оваа депонија да се изгради нов пат, што нема да минува низ Битола.
Скопје - Две држави понудиле да пружат „посериозна и подолготрајна“ терапија за пациенти од пожарот во Кочани, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Арбен Таравари, одговарајќи на новинарско прашање.
- Два центри каде што работиме да биде рехабилитацијата на пациентите се: едниот Ковид-центар во ГОБ „8 Септември“ и вториот ќе биде Институтот за рехабилитација и физикална медицина во Козле. Тие ќе бидат два главни центри. Да се надеваме што помалку пациенти ќе има што ќе им треба подолготрајна рехабилитација. На тие на кои ќе им треба и посериозна и подолготрајна, веќе имаме понуди од две држави, информираше Таравари.
Доколку има многу тешки случаи, како што посочи министерот, „една од можностите е да ги испратиме во странски држави без да плати Фондот или Министерството за здравство“.
Скопје - Заклучно со денешниот ден во апелот на Црвениот крст за настраданите од пожарот во Кочани собрани се 112.595.482,00 денари. Досега Црвениот крст изврши првична исплата на средства на семејствата на сите починати и повредени лица кои се лекуваат во странство и во земјата. Денеска е извршена и втората исплата за поддршка на настраданите семејства од трагичната несреќа во Кочани. Од двата трансфери вкупно се исплатени 60.850.000,00 денари од досегашните донирани средства, информираат од Црвениот крст.
Оттаму додаваат дека во соработка со внатрешните професионални институции во државата, како и надлежните министерства и Владата, кои ги покриваат прашањата на проценките на видовите на штети во вакви ситуации, се работи на изнаоѓање на пристап кој ќе се примени во понатамошна дистрибуција на средствата кои се собираат во Црвениот крст. Тој, велат од Црвениот крст, ќе значи реална поддршка во вистинско време за лекување и справување со последиците од катастрофата.
Тирана – Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, која ќе ја предводи амбасадорот Ламберто Заниер, официјално го започна мониторингот за парламентарните избори, што на 11 мај ќе се одржат во Албанија.
- Мисијата доаѓа по покана од албански власти и ќе се состои од тим од 12 експерти со седиште во Тирана. Исто така дел од мисијата, ќе бидат и 26 долгорочни набљудувачи кои ќе бидат во Тирана и ќе бидат распределени низ цела Албанија, додека 300 краткорочни набљудувачи ќе пристигнат неколку дена пред денот на изборите, рече Заниер на прес-конференција.
Додаде дека на денот на изборите ќе има побројна мисија со делегации од Парламентарното собрание на ОБСЕ, Парламентарното собрание на Советот на Европа и делегација од Европскиот парламент.
Тирана - По налог на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал, СПАК, вредноста на запленетиот и конфискуван имот минатата година се проценува на приближно 65,5 милиони евра, од кои 30 милиони имот на високи функционери.
-Податоците се содржани во извештајот на СПАК за 2024 година, кој е веќе доставен до Собранието. Специјалното обвинителство наведува дека оваа бројка ја вклучува вредноста на средствата запленети според Законот за борба против мафијата, Кривичниот законик и нормативниот акт (ОФЛ). Од вкупната вредност, околу 36,8 милиони евра е вредноста на конфискуваниот имот и околу 28,7 милиони евра е вредноста на запленетиот имот, објавија медиумите.
Белград -Во следните 24 часа, односно максимум 36 часа, претседателот на државата ќе биде известен за името на мандатарот за нова влада, човек за кој мислиме дека треба да му се довери мандатот. Тоа го изјави денеска претседателот на Српската напредна странка, Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
Според него, партиските органи ќе донесат одлука за името на мандаарот.
Неговата партија заедно со коалициските партнери со кои учествуваше на изборите е за формирање нова влада, а не за нови избори.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска ги продолжи консултациите за мандатот на новата влада што почнаа вчера.
Брисел – Германската министерка за надворешни работи во заминување, Аналена Баербок, изјави дека економската безбедност е поврзана со „целокупната безбедност“. Бербок ова го кажа пред средбата на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО која се одржува еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп објави нови царини за сите увозни производи, јави ДПА.
Бербок, која пристигна во Брисел по посетата на Украина и Молдавија, рече дека прашањата за економската безбедност не можат да се одвојат од прашањата за „нашата безбедност“, за што доказ е и хибридната војна што ја употреби рускиот претседател Владимир Путин.
Хаг - Унгарија е обврзана да соработува со Меѓународниот кривичен суд (МКС) и откако Будимпешта изрази намера да се повлече од судот за време на посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, по кого е издаден налог за апсење, соопшти портпаролот на МКС, Фади Ел Абдалах.
„Судот потсетува дека Унгарија е обврзана да соработува со МКС“, изјави за новинарите Ел Абдалах.
Лондон - Светските цени на нафтата денеска се намалија за повеќе од четири отсто бидејќи пазарите стравуваат дека новите царини воведени од американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја распламтат глобалната трговска војна која ќе го забави економскиот раст и ќе ја ограничи побарувачката на гориво.
Според берзанските податоци, цената на нафтата денеска во 13 часот се намалила за 4,73 отсто на 68,285 долари, а цената на нафтата од типот брент за 4,39 отсто на 71,648 долари за барел.
Пазарите не беа подготвени за ова ниво на царини, бидејќи главно се шпекулираше дека администрацијата на Трамп ќе воведе фиксна царина за сите земји во опсег од 15 до 20 проценти, коментира пазарниот стратег на групацијата ИГ, Јип Јун Ронг.
Берлин - НАТО ќе ги зголеми издвојувањата за одбраната за да ја зајакне безбедноста во Европа и да одговори на руската закана, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
„Ние, како партнери на НАТО во целина, дополнително ќе го прошириме европскиот столб на безбедноста за 800 милијарди евра (888,32 милијарди долари) во период од четири години за да ја зајакнеме сопствената безбедност“, рече Бербок на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.
Тел Авив - Израелската армија отвори истрага за убиството на најмалку 15 хуманитарни работници во Појасот Газа, изјави денеска армиски портпарол.
Тој, исто така, ја отфрли употребата на зборот „погубување“ за да ги окарактеризира убиствата што се случија кон крајот на март.
Портпаролот додаде дека Јужната команда на ИДФ ја префрлила истрагата на механизмот на генералштабот надвор од командниот синџир за да се утврди што се случило и „да ги повика луѓето на одговорност доколку е потребно“.