• четврток, 22 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  8 април 2025

 

Битола - Во Пелагонија заврши сеидбата на пролетен јачмен, а наскоро на земјоделските парцели ќе се засадуваат житните и други пролетни култури.

Од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) со седиште во Битола за МИА потврдија дека обилниот дожд и снегот ќе ја подобрат влажноста на почвата која, како што велат, жедна е за вода.

-Сеидбата на пролетен јачмен е целосно завршена. Пролетниот јачмен е застапен со 20 проценти од вкупно планираните површини со житарици во Пелагонија. Наскоро ќе почне сеидбата на пченка со зрно и пченка за силажа, а пелагониските земјоделци веќе ги испланираа и парцелите на кои ќе има сончоглед, изјави за МИА Горанчо Томески од секторот за поледелство во АПРЗ-Битола.

Според агроекспертите, дождот и снегот позитивно влијаат на кондицијата на пелагониско поле чии ниви се жедни за вода.

-Снегот брзо се стопи, а водата е потребна за да се подобри влажноста на парцелите кои се борат со сушниот период. До денеска немаме пријави за евентуални проблеми со поголемо количество вода, а тоа единствено може да се случи ако некаде не се исчистени одводните канали на примарните или секундарните канали. Во овој момент никаде нема излевање на канали низ Пелагонија, потврди Томески.

Стручни тимови на АПРЗ-Битола постојано ја следат состојбата и со другите земјоделски површини, овоштарници и лозови насади што се од надлежност на Агенцијата.

Дебар - По повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април, денеска градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, прими претставници на ромската етничка заедница предводени од Илми Куртиши, претседател на Здружението „Месечина“.

-На почеток сакам Вам и на сите припадници на почитуваната ромска заедница да ви го честитам Денот, со желба да ја продолжиме традицијата на заемна почит, етничка и верска толеранција, во која со векови живеат сите жители во нашиот Дебар. Како локална власт ќе продолжиме да иницираме и поддржуваме активности за подобрување на условите во населбите каде што главно е концентрирано ромското население, како и унапредувањето на положбата и нивната интеграција, рече Дука.

Нагласи дека Општина Дебар, во соработка со локални и меѓународни невладини организации (како Ромактед), како и со поддршка на централната власт, реализирала значајни проекти од областа на образованието, предучилишното воспитание и инфраструктурата.

-Овие иницијативи дадоа значаен придонес за подобрување на благосостојбата на ромската заедница во нашиот град. Среќни празници на сите Роми - со желба заедно да ја градиме иднината, на темелите на еднаквоста, почитувањето и соживотот, порача од средбата градоначалникот Дука.

Куртиши од свое и од име на ромската заедница се заблагодари за упатените честитки и за почитта што ја дава градоначалникот, кој средбите по повод 8 Април ги востанови од неговото доаѓање како градоначалник.

Во строгиот центар на градот, на шеталиштето, подигнато е и се вее ромското знаме.

Во Дебар живеат над 1.200 Роми, бројка која беше два и пол пати повисока, но емигрираа главно во Луксембург, Германија и Италија.

Кавадарци - Лозари од неготинското село Курија ги покрија виновите лози за да ги заштитат од пролетни ниски утрински температури, што години наназад предизвикуваат мрзнење на лозјата. Станува збор за семејството Ставрови, кое обработува речиси 40 декари под лозови насади. Во изјава за МИА, браќата Стефан и Дарко појаснија дека одлучиле виновите лози да ги покријат со агрил, што вообичаено го користеле за покривање на раноградинарски култури како зелка, пипер и други, за да се спасат од мрзнење. 

- Најавени беа ниски утрински пролетни температури. За да ги спасиме нашите лозја од мрзнење, се одлучивме на ваков чекор, да ги покриеме со агрил, што кај нас во Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во државата, го викаме филц. Ги покривме само тие лозови насади што се во пониските делови, поблиску до селото, што повеќе може да бидат оштетени од ниски утрински пролетни температури, во овој период од годината. По не е страшно за лозјата во повисоките делови, што се поотпорни на мрзнење, поради повисоки температури за два до три степени целзиусови, појаснија Стефан и Дарко. 

Ова им било прва година за вакво нешто, па ако има успех, ќе го практикуваат и во иднина. Веќе имало лозари што биле заинтересирани за ваков своевиден начин на заштита. 

Драган Николов, советник во кавадаречката подрачна единица на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството, рече за МИА дека ова е можеби скап метод за заштита, чини околу пет илјади денари од декар, но дека е сигурен и ги штити лозите од мрзнење во овој период од годината, од доцни пролетни мразови. 

- Некои лозари се обидуваат да се спасат од ниските пролетни утрински температури и со тоа што палат огнови околу лозјата. Има и такви кои ја оставаат резидбата на виновни лози како операција за подоцежна пролет кога веќе нема опасност од оштетувања од пролетни ниски утрински температури. Всушност, тоа е и моја препорака, за порани сорти во подепресивни предели, подвлече Николов. 

На сите нив, истакна тој, заедничко им е што се грижат за своите винови лози и на секаков можен начин се обидуваат да ги заштитат, со крајна цел квалитетно грозје и квалитетни производи од грозје. 

Во Тиквешко деновиве имаше и препораки за начини на третирање на лозјата со препарати, за спас од мрзнење. 

Како последица на мрзнење, веќе има штети кај овошките. Кај кајсиите и бадемите, како и кај праските, во најголемиот регион за производство на праски во државата, росоманскиот. Имаше и јавни повици од општините Кавадарци и Росоман, за земјоделците да пријават штети кај овошките. 

Куманово - Двајца нови обвинители доби Основното јавно обвинителство во Куманово со што бројката се искачи на десет, информираа денеска надлежните од Обвинителството. Со оваа бројка се очекува да се зајакне работата на Обвинителството.

- Сепак, по систематизација ни недостасуваат уште двајца обвинители, со оглед на општините кои ги покриваме во североисточниот регион како и двата гранични премини Табановце и Деве Баир. На граничните премини, неделно имаме итни предмети со странски сторители, изјави шефицата на Основното јавно обвинителство Куманово, Теута Бедиу Рамадани.

Основното јавно обвинителство Куманово работи на голем број предмети.

- Согласно подготвениот извештај, лани сме постапувале против 1.448 лица. Станува збор за прилив од една година, но тука се и наследените предмети. Огромна е бројката на кривични пријави. Како Јавно обвинителство решени се 68, 6 проценти или 1.232 предмети, изјави Бедиу Рамадани.

Тука влегуваат обвинителните предлози, акти, решенија за отфрлање и сите јавнообвинителски одлуки. ОЈО Куманово постапува и по други кривични пријави, известувања каде не е наведено конкретно лице или настан, бројката е висока и изнесува приближно 1 000. Во Обвинителството биле пријавени и 123 малолетници за сторени кривични дела, од кои 87 се на возраст од 14 до 18 години, опфатени со Законот за кривична постапка, помладите од 14 посебно се заведуваат и Обвинителството со други институции презема превентивни мерки.

- ОЈО Куманово работи во речиси секој сегмент со најтешките кривични дела. И покрај недостатокот на кадар се справуваме и постапуваме. Лани определивме 28 притвори, за тешки кривични дела каде се очекува опасност од бегство и за странски сторители, изјави обвинителката Бедиу Рамадани.

Во однос на кривичните дела во Куманово од економски криминал кои зачестија во последниов период, „злоупотреба на службена положба“, „проневера на служба“, „несовесно работење“, „давање поткуп“, Обвинителството работи со посебни истражни мерки, со притвор.

- Им даваме акцент на кривични дела за гонење на корупцијата. Можам да ја искористам приликата, да ги повикам граѓаните, да пријават, да сработуваат со полицијата, инспекторите и со нас за да ги фатиме сторителите на кривични дела „поткуп“. Многу е важна соработката за вакви кривични дела со граѓаните, рече шефицата на кумановското обвинителство.

Покрај обвинители недостаток има  и во  јавнообвинителска служба, стручни соработници, дактилографи.

Тетово - Со читање на писмените докази од страна на одбраната, денеска продолжи повторениот судски процес за обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми, и ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, како правно лице, кои се обвинети за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“, а во врска со пожарот што на 8 септември 2021 година изби во модуларната болница во Тетово при што животот го загубија 14 лица.

Откако одбраната ги прочита писмените докази кои тие ги доставуваат, од страна на Обвинителите беше побарано, заради ефикасност на постапката, наместо да се повикаат нивните сведоци и повторно да се сослушаат, да се изврши читање на исказите кои тие ги дадоа при првото судење.

По дадена пауза од половина час, за да може да се консултира за овој предлог, одбраната го прифати овој предлог. Во делот пак на предложените сведоци од страна на одбраната, адвокатот на прво обвинетиот Флорин Бесими, предложи три сведоци кои побара да бидат сослушани на наредното рочиште.

Иако уште на почетокот на судењето судијата Реџеп Муса ги предупреди присутните на судењето да се однесуваат пристојно и да не го попречуваат судењето, додека адвокатот на Клиничка болница Тетово го читаше списокот на лицата кои добиле материјална помош, роднина на едно лице загинато во пожарот во модуларната болница, гласно реагираше зошто се изнесуваат вакви податоци и дека тоа не е етички кон жртвите во пожарот. Ваквата реакција адвокатот ја оцени како закана кон него, но судијата Муса не го оцени овој испад како таков, по што судењето продолжи.

Наредното рочиште е закажано на 22 април во 9.30 часот кога ќе се читаат исказите на сведоците од Обвинителството и ќе се сослушаат трите сведоци предложени од одбраната.

Скопје - Коалицијата „Менуваме" којашто се залага за правата на лицата со попреченост, попладнево побара дополнување на одлука на Советот на Општина Аеродром за користење на еднократна парична помош. 

- Иако сумата беше исплатена согласно оваа одлука, приматели од детска и социјална заштита, т.е. лица со попреченост добија по 3.500 денари, додека социјално ранливите категории по 6.000 денари. Со цел да се даде шанса на луѓето кои не го искористиле еднократниот паричен надоместок, да им се даде шанса со следната одлука да аплицираат овие лица и лицата кои добиле од претходната исплата по 3.500, да се надополни со линеарно доделување по 6.000 денари на сите, изјави Суарет Алиша од Коалицијата „Менуваме“.

Алиша ги повика сите политички субјекти во Советот на општината да воспостават контакт со нив и заеднички да креираат политики за лицата со попреченост кои живеат на територија на оваа општина.

Го повика и претседателот на ЗЕЛС да оствари средба со Коалицијата „Менуваме“ со цел на локално ниво да се градат политики, коишто ќе бидат во интерес на лицата со попреченост. 

Остани поврзан