• недела, 21 декември 2025

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  22  мај  2025 

 

 

 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со делегацијата на Уставниот суд на Република Хрватска, предводена од претседателот на судот, Мирослав Шепаровиќ, во придружба на претседателот на македонскиот Уставен суд,  Дарко Костадиновски.  Соговорниците, како што соопшти Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова, оцениле дека со оваа посета, којашто се реализира по дведецениска пауза, се обновува меѓусебната соработка што треба да продолжи, да се интензивира и продлабочи, заради размена на искуства и учење едни од други. 

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска остварил средба со делегација од Ostausschuss der deutschen Wirtschaft, Источниот комитет на германското стопанство.

- Разговаравме за продлабочување на економската соработка меѓу двете држави и привлекување нови германски инвестиции, како и за инвестициските поволности, особено во Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ). Го истакнавме и ангажманот на Владата за унапредување на бизнис-климата и условите за работа за домашните и странските компании, со цел економски раст, развој на приватниот сектор и отворање нови работни места, напиша на неговиот фејсбук профил Муцунски.

Скопје - Државниот завод за ревизија (ДЗР) по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеност на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за хематологија на сметката за средства од Фондот (737) за 2023 година изразува неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2023 година.

Скопје - Со сесии посветени за важноста на малите држави и нивниот придонес во културната дипломатија и улогата на уметноста како алатка во дипломатијата, вчера во Скопје успешно се заокружи третиот Форум за културна дипломатија кој се одржа од 19-21 мај 2025 година и кој оваа година беше под мотото „Одржлив развој и културна дипломатија – Поттикнување глобални партнерства“.Форумот, кој е во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите од Скопје и Институтот за културна дипломатија од Берлин, собра на едно место истакнати државници, дипломати, експерти и културни чинители од целиот свет.

Скопје - Продлабочувањето на економската соработка со Обединетото Кралство има суштинско значење за економскиот развој и интеграцијата на нашата земја во пошироките глобални економски текови, оценува Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк во денеска објавениот став за заемот од Обединетото Кралство. 

Фајнанс тинк воедно укажува дека ако британскиот заем е дополнување, наместо замена, на финансирање на буџетските дефицити од други извори како еврообврзници, тогаш нашиот каматен долг ќе продолжи да расте.  Порачува дека и да се гледа само низ призма на поволните услови, британскиот заем не смее да ги намали напорите за фискална консолидација и преку приходната и преку расходната страна на буџетот. 

Скопје - На седницата на Собранието на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, одржана на 21 мај 2025 година во просториите на здружението, беше избрано новото раководство. За нов претседател на СОКОМ е избран композиторот Филип Иванов, кој доби мнозинска поддршка од членството и на таа позиција ќе ја наследи доскорешната претседателка, композиторката Валентина Велковска Трајановска.

Покрај изборот на претседател, беа изгласани и новите членови на Претседателството на СОКОМ. Во неговиот состав и со мандат од две години влегуваат композиторите Горан Начевски, Бојана Петровиќ Алексова и Борис Светиев, како и музиколозите Ангелина Димоска Миташева, Мирјана Павловска Шулајковска и Јана Коловска Божовиќ. За претседател на Претседателството е назначен композиторот Живојин Глишиќ.

Скопје – Потпретседателот на Македонската кошаркарска федерација, Младен Ѓуроски и генералниот секретар, Томче Стојчевски, во наредните денови ќе бидат во Рига, каде од 22 до 24 мај ќе биде одржано редовното Собрание на ФИБА-Европа.

Во главниот град на Летонија, водечките луѓе на нашата федерација ќе присуствуваат на официјално објавување на домаќинот на наредниот Евробаскет, оној кој треба да се одржи во 2029 година.

Белград - Началникот на Полициската управа во Нови Сад, Горан Радоњиќ, е разрешен од таа позиција, објави „Данас“ повикувајќи се на извор од Министерството за внатрешни работи на Србија.
Според информациите на „Данас“, Радоњиќ бил разрешен поради полициската интервенција против поддржувачи на Српската напредна странка (СНС) пред просториите на партијата во неделата, 18 мај.

Атина – Лизгање на земјиштето на локален пат и мали штети на објекти, предизвика земјотресот со јачина од 6,1 степени што утрово беше регистриран во морскиот дел на околу 60 километри северно од островот Крит, а според грчките сеизмолози нема простор за загриженост, јави дописничката на МИА од Атина.

Училиштата на Крит ќе останат отворени, засега не постои опасност од цунами, а претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција Ефтимиос Лекас за грчките медиуми посочи дека е позитивно што земјотресот бил со голема длабочина и оцени дека не се очекува интензивна последователна серија земјотреси.

Атина – Во морскиот дел на 12 наутички милји југозападно од малиот грчки остров Гавдос биле откриени и спасени 47 мигранти, кои се пренесувале со чамец, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Крајбрежната служба на Грција информираа дека мигрантите биле спасени од брод на Фронтекс, по што биле префрлени на патролен брод на грчката служба и безбедно пренесени на пристаништето на островот.

Атина – Во овој момент, прекинувањето на односите со Израел нема да биде од корист за мировниот план, рекол висок грчки дипломатски извор за државната агенција АНА-МПА во однос на дискусијата во ЕУ за суспендирање на односите со Израел, јави дописничката на МИА од Атина.

Истиот извор посочил дека „сега е време да се изградат мостови“, додавајќи дека „одговорност ќе има кога ќе дојде време и ќе биде во согласност со меѓународното право“.

Дополнително, објаснил дека Грција се мобилизирала на многу нивоа за да обезбеди итна помош во голем обем, но и дека „прв приоритет е итно прекинување на непријателствата“.

Брисел - Во следните два дена ќе ги посетам Србија, Косово и Северна Македонија и ќе се ангажирам со владите и граѓанското општество за нивниот пат кон ЕУ, објави утрово на Икс високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас пред почетокот на официјалниот дел од нејзината работна посета на Белград. 

- Дијалогот Белград-Приштина е неопходен за да се движиме напред. Сега е време повторно да се ангажираме, додаде Калас.

Брисел - Ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Хамас се прелеа и во кулоарите на Европскиот парламент, каде дошло до „физичка пресметка“ меѓу европратеничка и парламентарна службеничка, и двете од Шведска, поврзана со случувањата во Појасот Газа, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Според извори во ЕП, инцидентот се случил кога службеничката наводно и дофрлила на европратеничката забелешки околу нејзините ставови поврзани со Блискиот Исток, која на тоа возвратила со свои коментари. Состојбата ескалирала, кога службеничката се обидела да го сними нивниот „дијалог“ со својот мобилен телефон, при што дошло до физички контакт. 

Лондон – Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, изјави дека е „ужаснат од убиството на двајца вработени во израелската амбасада“ во Вашингтон.

Тој додаде дека Велика Британија го осудува „одвратниот, антисемитски злочин“.

И официјален Париз го осуди убиството, нарекувајќи го „одвратен чин на антисемитско варварство“.

Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро истакна дека „ништо не може да го оправда таквото насилство“.

Букурешт – Уставниот суд на Романија ја отфрли жалбата на лидерот на крајнодесничарската партија Алијанса за обединување на Романците (АУР), Џорџе Симион, со која се бараше поништување на резултатите од вториот круг на претседателските избори во земјата, соопшти агенцијата Аџерпрес.

Симион го загуби вториот круг во неделата од независниот кандидат и градоначалник на Букурешт, Никушор Дан.

Вашингтон – Јарон Лишински и Сара Милграм се имињата на двојката Евреи вработени во израелската амбасада во Вашингтон што беа застрелани во центарот на главниот град на САД.

Жртвите „биле во цутот на животот“, објави амбасадата на X. „Терорист ги застрела и уби додека излегуваа од настан во Еврејскиот музеј во Вашингтон“, се вели во соопштението.

 Брисел – Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас изјави дека е „шокирана“ од убиството на двајца вработени во израелската амбасада во Вашингтон.

- Нема и не треба да има место во нашите општества за омраза, екстремизам или антисемитизам. Го изразувам моето сочувство до семејствата на жртвите и народот на Израел, напиша Калас на Х.

Тел Авив – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека безбедноста во израелските амбасади ширум светот ќе биде засилена, откако двајца вработени во израелската амбасада беа убиени во пукање пред настан во Еврејскиот музеј во Вашингтон.

Во соопштение од неговиот кабинет, Нетанјаху вели дека е „шокиран од ужасното антисемитско убиство“, додавајќи дека бил информиран за деталите од израелскиот амбасадор во САД и од американската јавна обвинителка Пем Бонди, која пак изјавила дека Америка ќе го изведе убиецот пред лицето на правдата.

Вашингтон – Додека милиони Американци се борат да ги покријат основните трошоци за живот, 10-те најбогати Американци, и покрај флуктуациите на берзите, заработувале по милијарда долари секој ден и се збогатиле за уште 365 милијарди долари, покажа анализа на „Оксфам“.

Зголемување на богатството претставува добивка од околу милијарда долари дневно за елитната група милијардери, додека, пак, типичниот американски работник во 2023 година заработил нешто повеќе од 50.000 долари.

Москва – Руските сили во текот на ноќта соборија 35 украински дронови кои летаа кон Москва, соопшти Министерството за одбрана.

Од синоќа во 21:00 часот до 0:00 часот, системите за противвоздушна одбрана уништија и пресретнаа вкупно 105 украински дронови, од кои 35 летаа кон главниот град на Русија, се наведува во соопштението.

Поради нападите, московските аеродроми беа привремено затворени.

Пјонгјанг – Северна Кореја денеска истрела повеќе неидентификувани крстосувачки ракети во море, соопшти јужнокорејската војска.

Ракетите биле регистрирани во близина на севернокорејската источна провинција Јужен Хамгјонг и биле „истрелани кон Јапонското Море“, се вели во соопштението.

Северна Кореја и на 8 мај истрела балистички проектили со краток дострел кон Јапонското Море.

Остани поврзан