• петок, 16 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

8 април 2025  

Скопје - Работа на опозицијата е да критикува, но да ги оставиме службите да си ја работат работата, вели министерот за правда Игор Филков коментирајќи ги обвинувањата на опозициската СДСМ дека истрагата за пожарот во Кочани е селективна и оди во погрешна насока.

По денешната средба со неговиот црногорски колега Бојан Божовиќ, во одговор на новинарско прашање во врска со забелешките на СДСМ дека Обвинителството не ги опфатило полицајците во истрагата, кои биле присутни на настанот кобната ноќ, Филков кусо одговори дека работа на опозицијата е да критикува и порача дека „би требало да ги оставиме службите да ја завршат работата, а потоа да критикуваме“.

Скопје - Две лами починале викендот во скопската Зоолошка градина. Резултатите од лабораториското тестирање од првата угината лама покажува дека таа била болна од туберколоза. 

Од Агенцијата за храна и ветеринарство за МИА потврдуваат дека во петокот на барање на скопската Зоолошка градина е спроведен вонреден инспекциски надзор по добиена пријава за угинување на една лама и уште една заболена лама. 

Скопје - Во болниците во земјава во моментот се хоспитализирани вкупно седум пациенти од повредените лица во трагедијата во Кочани, од кои четири пациенти се хоспитализирани во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“, еден на Клиника за токсикологија и двајца во приватната болница Систина, соопшти Министерството за здравство (МЗ). 
 
Во странски медицински центри остануваат хоспитализирани 64 пациенти.

Скопје - Народниот правобранител Насер Зибери упати честитка до граѓаните-припадници на ромската заедница кои живеат во Република Северна Македонија по повод 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите, со надеж дека нивната интеграција во општетството ќе продолжи со позасилено темпо во наредниот период.

-Токму затоа, ги повикувам сите чинители во општеството да дадат максимални напори припадниците на оваа заедница, како една од најмаргинализираната, навремено, без никакви ограничувања да ги остваруваат сите со Устав и со закон загарантирани права, пишува Зибери во честитката.

Скопје - На Конститутивната седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата, амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, истакна дека корупцијата е голем предизвик за државата и дека е потребна забрзана промена за постигнување на реформите. Заменик амбасадорката на САД, Никол Варнес, нагласи дека борбата против корупцијата е суштинска за економскиот развој и социјалната доверба. Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, пак, посочи дека транспарентноста и спроведувањето на законите се клучни за успешна борба против корупцијата.

Рокас нагласи дека борбата против корупцијата е клучна за напредокот кон Европа и дека е потребна забрзана промена за да се постигнат поставените реформи.

Скопје - Уставниот суд утре на седница треба да одлучи по барањето за слободи и права поднесено од лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев, против поранешниот претседател на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.

На 3 октомври 2024 година Уставниот суд одржа јавна седница со присуство на подносителот и поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери, кој во барањето е наведен дека со дејствие ја сторил повредата врз подносителот Апасиев.

Скопје - Вкупно 229 милиони денари се на располагање за проекти од областа на животната средина за 2025 година, соопшти денеска на прес-конференција првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити по повод објавувањето на јавниот Конкурс за распределба на средства од Програмата за инвестирање во животната средина за оваа година.

Тој нагласи дека Програмата има за цел да поттикне и финансира проекти и активности што придонесуваат за заштита, унапредување и одржливо управување со животната средина – како еден од клучните фактори за здравјето и квалитетот на животот на граѓаните. Воедно, Меџити упати апел до општините, здруженијата на општините, граѓанските организации и научно-образовните институции активно да се вклучат во овој процес.

Скопје - Министерството за здравство попладнево бара расчистување на случајот од страна на Јавното обвинителство во врска со наводите за примање поткуп од раководно лице во јавна здравствена установа.

- Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност. Наш приоритет останува обезбедување најсоодветна грижа за сите пациенти во јавните здравствени установи. велат од Министерството по информациите дека е приведен директорот на Геријатриската болница „13 ноември“, Мухсин Арифи.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска преку соопштение реагираше во врска со апсењето на директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември Скопје” за примање поткуп.

-Со оглед на фактот дека лицето М.А. е предложен од АА за времено решение за прв човек на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина “13 Ноември Скопје”, сметаме дека е неопходно да го соопштиме следното: АА ги повикува надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности поврзани со конкретниот кривично правен настан. Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничка, верска или политичка припадност, се наведува во реакцијата на Таравари.

Скопје - Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца браќа од кривопаланечкото село Луке за кои постои основано сомнение дека како соизвршители го сториле кривичното дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик.

- Осомничените, на возраст од 20 и 25 години, од користољубие лишиле од живот нивен соселанец. Ноќта меѓу 24 и 25 март се договориле да извршат кражба во домот на жртвата. Помладиот брат го разбудил оштетениот и го извел надвор со изговор дека сака од него да купи ракија. Во дворот го удрил со мотика по главата, па двајцата заедно го влечеле и му нанеле уште неколку удари со предмет. Со пребарување по џебовите од жртвата одзеле 6.000 денари кои си ги поделиле, по што ги пребарале куќата и помошните простории. На крај телото го полеале со бензин и нафта и го запалиле, па го фрлиле во дупка покрај реката и го покриле со дрвја и камења, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Скопје - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека е во тек Јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за 2025 година, наменета за граѓаните што спаѓаат во категоријата на ранливи потрошувачи на енергија.

Финансиската поддршка преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија изнесува 1.000 денари месечно и се одобрува за период од 12 месеци, почнувајќи од денот на поднесување на барањето. Пријавувањето трае 30 дена од денот на објавување на огласот (до 19 април). Ги повикуваат сите граѓани кои ги исполнуваат условите да аплицираат на време и да не ја пропуштат оваа можност за намалување на трошоците за електрична енергија.

Скопје - Комплексот „Македонско село“ повторно ќе стане центар на културата, автентичната архитектура и македонска традиција, наскоро ќе се врати на туристичката и културната мапа на Македонија.

Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, денеска ја потпиша одлуката за концесионер на комплексот, кој е избран на законски и транспарентен начин, по пат на електронско јавно наддавање, преку системот со кој управува и оперира Министерството за финансии.

Скопје - Министерот за правда Игор Филков порачува дека е тешко да се стигне до добро решение со имиња кои учествувале и биле креатори на проблемите и бара од СДСМ да предложи нови имиња во работната група за реформската агенда во делот на правосудството.

-Сакам да верувам во добрата намера да се помогне и да се учествува во било каков процес, но мора да бидеме свесни дека со имиња кои учествувале и биле креатори на проблемите тешко ќе стасаме до добро решение. Тие две имиња беа дел во 2023 година во групата што ги правеше уставните измени. Се надевам дека ќе имаат посериозен пристап и ќе дадат нови, рече Филков во одговор на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со министерот за правда на Црна Гора, Бојан Божовиќ.

Скопје - Собраниската Комисија за здравство денеска имала средба со членови на кризниот штаб за Кочани, предводени од министерот за здравство Арбен Таравари. 

Претседателката на Комисијата за здравство Рашела Мизрахи објави дека денеска се остварила неформална средба помеѓу Комисијата за здравство при Собранието, министерот за здравство, директорот на Фондот за здравствено осигурување и членови на здравствениот кризен штаб оформен за згрижување и спроведување на жртвите од опожарената дискотека во Кочани.

Скопје - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој е дел од коалицијата на албанскиот политички блок „Влен“ тврди дека лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари бил запознат со идејата за обединување на политичките партии од оава коалиција во една партија. 

Идејата за фузирање, како што истакна, била присутна уште од самиот почеток на коалицирањето, но се чекало соодветен момент за усогласување на политичките структури, идеите и програмите за да се направи следниот чекор кој формирање еден политички субјект.

Скопје – Министерот за правда Игор Филков денеска оствари работна средба со неговиот колега од Црна Гора, Бојан Божовиќ, со кој потпишаа заедничка изјава за соработка во областа на владеењето на правото и независноста на судството. 

Филков истакна дека двете држави делат многу сличности во процесот на реформи, особено во рамки на евроинтеграцијата и затоа, како што рече, на средбата биле разменети искуства и практики кои ќе помогнат во надминување на предизвиците на патот кон Европската унија.

Скопје - Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков денеска, во просториите на Министерството за правда, оствари работна средба со министерот за правда на Црна Гора, Бојан Божовиќ.

На средбата, како што соопшти МЕП, се дискутирало за можностите за продлабочување на билатералната соработка преку заеднички иницијативи за реализација на проекти.

Тирана - Во Тирана денеска вицепремиерката Белинда Балуку, воедно и министерка за инфраструктура и енергетика, и директорот на Европската инвестициска банка, Лионел Рапај потпишаа договор за финансирање на стратешкиот железнички проект Драч - Рогожина, дел од коридорот VIII.

-Оваа железница е клучна артерија што ќе ја поврзе Албанија со европската транспортна мрежа и дополнително ќе ја зајакне улогата на нашата земја како поврзувачки регион во регионот. Потпишувањето на овој договор претставува уште еден важен чекор кон модернизација на нашата инфраструктура, рече Балуку.

Анкара  - Затвор во период од шест месеци до три години побара Главното обвинителство во Истанбул за 139 лица обвинети за „прекршување на забраната за собири и демонстрации“, објави ТРТ Хабер.

Во обвинението се наведува и дека осомничените дејствувале заедно и намерно, посочувајќи дека и против нив се води истрага и по обвинение за „непослушност кон службено лице“ и „навреда на претседателот на државата“.

Загреб - Европското јавно обвинителство (ЕППО) во Загреб и Канцеларијата за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) спроведуваат итни доказни дејствија поврзани со незаконско користење средства во хрватското Министерство за надворешни и европски работи.

- Овие итни доказни дејствија, кои се спроведуваат во соработка со Полициската Национална канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал (ПН УСКОК), доаѓаат по кривична истрага за можна злоупотреба на положбата и овластувањата во Министерството за надворешни и европски работи, во која се вклучени средства од Фондот за внатрешна безбедност (ФСС) и од државниот буџет на Република Хрватска, се наведува во соопштението на ЕППО и УСКОК.

Берлин - Германија привремено го суспендира прифаќањето на ранливите бегалци во рамките на програмата на ОН за преселување, јави ДПА.

Германуваат нови барања за преместувањското Министерство за внатрешни работи и Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН потврдија дека во моментов не се одобре додека продолжуваат преговорите за формирање владина коалиција во Берлин.

Амстердам - Холандската Влада планира да воведе нови безбедносни проверки на научници и студенти кои работат со чувствителна технологија за да ги спречи странските сили да дојдат до научни сознанија од витално значење за безбедноста на земјата, пренесуваат денеска холандските медиуми.

Според предложениот закон, околу 8.000 холандски и странски државјани годишно ќе подлежат на задолжителни безбедносни проверки пред да им биде дозволено да работат на високо ризични истражувања, пишува „НЛ Тајмс“.

Брисел - Земјите членки на Европската Унија утре треба да се изјаснат за предлогот на Европската комисија за реципрочни мерки на ЕУ на царините за челик и алуминиум воведени од страна на Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, информира денеска портпаролот на ЕК за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олоф Гил.  

- Ако ни дадат мандатот за тие контрамерки, очекувам да бидат објавени на почетокот на следната недела, истакна Гил.

Рим - Британскиот крал Чарлс Трети и кралицата Камила денеска во Рим се сретнаа со италијанскиот претседател Серџо Матарела, со што ја започнаа официјалната програма на нивната државна посета на Италија, јави италијанската новинска агенција АНСА.

Британската кралска двојка беше пречекана со воени почести во претседателската палата, откако беше придружувана од 32 членови на претседателскиот коњанички полк.

Москва - Руските вооружени сили го ослободија селото Гујево во областа Курск, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

Се наведува и дека руската армија поразила формации на вооружените сили на Украина во областите на населбите Горнал и Олешња.

Москва - Руската Дума денеска го ратификуваше 20-годишниот договор за стратешка соработка со Иран.

Договорот за сеопфатна стратешка соработка беше потпишан од рускиот претседател Владимир Путин и неговиот ирански колега Масуд Пезешкијан на 17 јануари во Москва.

Сеул - Јужнокорејската армија денеска соопшти дека испукала предупредувачки истрели откако десетина севернокорејски војници ја нападнале граница што го дели Корејскиот Полуостров.

- Нашата армија внимателно го следи движењето на севернокорејските војници и презема неопходни мерки во согласност со оперативните процедури, се наведува во соопштението на Генералштабот на јужнокорејската армија.

Остани поврзан