• среда, 23 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Флеш

8 април 2025 

Скопје - Во Владата денеска беше конституирано Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата кое има одговорност да воспостави координација меѓу сите клучни институции за борба против корупцијата.

Според премиерот Христијан Мицкоски, ова тело претставува чекор напред во обидот да се воспостави функционален и синхронизиран систем кој ќе ѝ застане на патот на корупцијата. На конститутивна седница, тој истакна дека ова тело нема да биде само уште една административна конструкција. 

Скопје - Министерот за правда Игор Филков денеска во изјава за медиумите истакна дека не планира да се повлече од министерската функција, ниту да се кандидира за градоначалник на Општина Карпош.

- Апсолутно не. Како ќе се приближуваме кон локалните избори, нашиот фолклор ќе биде уште поинтересен. Ниту планирам да се повлечам од оваа функција, планирам да продолжувам со реформите. Ниту планирам да се кандидирам за градоначалник на Општина Карпош, рече министерот за правда.

Скопје - Во време кога старите идеи веќе не се доволни, да се слушнат новите гласови не е само прашање на интелектуална правда, туку и на опстанок. Нам ни е потребна генерација која умее да живее со сета сложеност и комплексност која ја имаме денес. Да мисли со емпатија и да дејствува со визија. Таква генерација ќе може да изгради нов поредок, не како повторување на старото, туку како автентичен одговор на нашето време. Ако не учиме од минатото, ќе го повторуваме, ако не ја изградиме иднината, ќе ја изгубиме, порача поранешниот претседател Ѓорге Иванов на денешната конференција „Дијалог за единство и мир: Сеќавање на минатото, обликување на иднината“.

Конференцијата е организирана од Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во соработка со Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите (ICAC) и Алумни асоцијацијата Иванов Школа за млади лидери (ISLAA), а се одржува во Скопје.

Скопје - Пополнетиот капацитет за згрижување на деца од предучилишна возраст го надминува расположливиот капацитет, така што 67 отсто од градинките во мај лани работеле со преоптоварени капацитети, покажуваат резултатите од извршената ревизија за успешност што ја спроведе Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Во периодот од 2020 до 2024 година се изградени седум детски градинки за кои се исплатени средства во вкупна вредност од 263,89 милиони денари или 4,3 милиони евра, од различни извори, а до периодот на известување од ревизијата не се пуштени во употреба поради необезбедени согласности од Министерството за финансии за вработување на потребниот кадар и не создадени услови за издавање на решение за вршење на дејноста.

Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши 43. пленарна седница ја почна со честитки до припадниците на ромската заедница по повод 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите. Кога Гаши ги повика предлагачите да ја образложат оправданоста Предлог на законот за изменување на Законот за градежно земјиште да се донесе по скратена постапка, пратеникот на Левица Борислав Крмов побара да се обрати процедурално.

Крмов истакна дека Декларацијата за признавање на државата Палестина поднесена од Левица веќе пет месеци останува закочена во Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски го повика Судскиот совет да ја преразгледа работата на судијата кој донесе одлука да го казни возачот кој ја прегази младата Теодора Ристевска од Тетово на две години затвор. 

Мицкоски истакна дека е згрозен од ваквата пресуда и дека тоа не е правда, туку целосно потфрлање на системот.

По сообраќајната несреќа во август 2022 година, сторителот кој ја прегази 22-годишната Теодорапрвично беше осуден на три години и шест месеци затвор. Апелациониот суд ја намали казната на две години, но Врховниот суд ги укина пресудите и го врати случајот на повторно судење. Судот во Тетово вчера повторно му досуди две години затвор на сторителот.

Гостивар - Претставници на ромската заедница по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите денеска имаа прием кај в.д градоначалникот Ваљбон Лимани. Тој честитајќи им го празникот потенцира дека локалната самоуправа е подготвена да реализира некои од нивните барања, а ги информираше и за планираните проекти и поголема вклученост на Ромите во заедницата.

- Чест е да ги пречекам нашите сограѓани Роми и со нивниот претставник во Советот на општината, Фирдаус Ајдари да поразговараме за предвидените проекти и активностите. Слушнав и дел од барањата кои се исто така важни за ромската заедница во нашиот град. Се надевам дека до наредната година дел од нив ќе бидат реализирани, изјави градоначалникот Лимани, по средбата во неговиот кабинет.

Скопје - Општина Кисела Вода прави сериозни чекори во насока на енергетска ефикасност, заштита на животната средина и модернизација на образовните установи. Во рамки на проектот за поставување на фотоволтаични системи во сите основни училишта, веќе се инсталирани он-грид панели со капацитет до 20 киловати во четири училишта: ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, ООУ “Партенија Зографски”, ООУ„Кузман Јосифовски-Питу“ и ООУ„Круме Кепески“.

Како што информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, активностите продолжуваат со засилено темпо, со цел до средината на месец мај сите основни училишта во општината да бидат целосно опремени со сопствени фотоволтаици, што ќе ги направи енергетски ефикасни и финансиски одржливи институции.

Софија - Лекувањето на четворицата повредени во пожарот во Кочани, Република Северна Македонија, кои денеска ќе бидат отпуштени од болницата Пирогов, ќе продолжи во болницата, изјави за новинарите Хуанита Соколова, родител на едно од децата примени во медицинската установа.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Родителите на настраданите се заблагодарија на Бугарија, на бугарскиот народ и на сите крводарители. Нашите деца денеска излегуваат од болница и тука сме да им се заблагодариме на директорот, на лекарите и на целиот персонал кој со своите човечки и професионални активности ги лекуваше нашите деца, додаде таа.

Тирана - Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денеска за време на прес-конференцијата со премиерот Еди Рама во Тирана, изјави дека целта за интегрирање на Албанија во европското семејство до 2030 година е реална цел, но тоа се заснова на владеење на правото и е условено од фактот дека двете страни добро ја вршат својата „домашна задача“ за време на ова патување.

Одговарајќи на новинарско прашање дали интеграцијата на Албанија во ЕУ е условена со одредени реформи, една од нив онаа за гонење на корупција против високи функционери, Калас рече дека „2030 година е реална цел, ако сите ги преземеме вистинските чекори на патот. Но, не само реформите што треба да се одобрат, туку и одобрените реформи што треба да се спроведат“.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли понудата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за договор за царините.

- Европската унија ќе мора да се обврзе да купи американска енергија во вредност од 350 милијарди долари за да добие одложување од сеопфатните царини, изјави денеска американскиот претседател Доналд Трамп, отфрлајќи ја понудата на Брисел за царини „нула за нула“ за автомобили и индустриски стоки.

Брисел - Европа е водечка светска индустрија за чиста технологија, но таа успешна европска приказна донесе предизвиците за бизнис секторот во ЕУ, како зголемени трошоци за енергија, недоволен пристап до финансии, нелојална глобална конкуренција и проблеми во набавката на ретки суровини, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во видео обраќањето на Конференција за чиста технологија 2025.

- Ако Европа сака да продолжи да биде лидер, тогаш мора да дејствуваме сега. И тоа го прави оваа Европска комисија. Во последните три месеци испорачавме десет пакети за да ја направиме Европа поконкурентна, рече Фон дер Лајен.

Брисел - Состојбата во односите меѓу ЕУ и Кина на 50-годишнината од воспоставувањето на дипломатските врски и повеќе билатерални и глобални прашања, беа главни теми на денешниот телефонски разговор на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен со кинескиот премиер Ли Кианг. 

Како што соопшти Европската комисија, во разговорот Фон дер Лајен ја истакнала виталната важност на стабилноста и предвидливоста за глобалната економија. 

Брисел - Европската комисија обезбеди дополнителна хуманитарна помош од 10 милиони евра за жртвите од земјотресот во Мјанмар, јавуваат странските агенции.

Средствата ќе бидат искористени за обезбедување итни засолништа, медицинска помош, вода за пиење и санитарни јазли за жртвите од разорниот земјотрес што ја погоди земјата на 28 март.

Токио - САД ќе распоредат разузнавачки беспилотни летала со голем дострел во јужна Јапонија, на островите Окинава, во близина на Тајван, објави денеска јапонскиот министер за одбрана, Ген Накатани.

„За да се засилат дејностите за собирање информации, набљудување и разузнавање околу Јапонија, во американската воздухопловна база Кадена на главниот остров Окинава во наредните недели ќе бидат распоредени беспилотните летала „Ем Кју - 4 Cи Тритон“, изјави Накатани за новинарите.

Техеран - Седуммина работници загинаа како последица на истекување гас во рудник за јаглен во северен Иран, од кои тројца Авганистанци, јавија денеска локалните државни медиуми.

Претседателот Масуд Пезешкијан нареди истрага за инцидентот што се случи синоќа во близина на градот Дамган, на околу 270 километри северозападно од главниот град Техеран, пренесе агенцијата ИРНА.

 

 

Остани поврзан