Грчките земјоделци на средбата со Мицотакис ќе ги покренат сите прашања и проблеми со кои се соочуваат
- Договорот ЕУ-Меркосур, проблемите со кои се соочува примарниот сектор, како и нивните, како што велат, праведни барања, ќе бидат главните теми што земјоделците ќе ги покренат на средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во вторник, како што одлучија на неколкучасовниот состанок одржан денеска во областа Никеа кај Лариса, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 10 јануари 2026 (МИА) – Договорот ЕУ-Меркосур, проблемите со кои се соочува примарниот сектор, како и нивните, како што велат, праведни барања, ќе бидат главните теми што земјоделците ќе ги покренат на средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во вторник, како што одлучија на неколкучасовниот состанок одржан денеска во областа Никеа кај Лариса, јави дописничката на МИА од Атина.
На состанокот на Грчкиот комитет на блоковите, односно претставниците на сите земјоделци кои во цела Грција имаат поставено над 50 блокади, бил отфрлен предлогот паралелно со средбата со Мицотакис да се одржи и протест во Атина, бидејќи оцениле дека во конкретниот момент, такво нешто не би донело никаква придобивка за нив.
По состанокот земјоделците истакнаа дека се обединети и решени да се борат за нивните барања и ако е потребно да продолжат со протестите и блокадите.
Објаснија дека тракторите ќе останат паркирани на автопатиштата, односно онаму каде што се од 30 ноември, по средбата со грчкиот премиер, земјоделците ќе се вратат на блоковите за да го разгледаат исходот и да одлучат дали ќе продолжат со протестите или ќе се повлечат, во зависност од одговорите што ќе ги добијат од Владата.
Соопштија за време на средбата со премиерот, ќе ги покренат сите нивни барања, појаснија дека присуството на масата за разговори не значи и олабавување на нивните активност и порачаа дека „црвена линија е опстанокот на земјоделците“.
Исто така, нагласија и дека доколку не бидат задоволни од средбата, ќе реагираат решително и динамично.
Паралелно се залагаат за целосна транспарентност и бараат начини состанокот да го следат директно сите оние кои нема да бидат присутни во Премиерската палата за детално да знаат за што се разговарало.
Делегацијата што ќе се сретне со Мицотакис во вторник ќе ја сочинуваат претставници на земјоделците, рибарите, пчеларите и сточарите.ср/ссм/
Фото: Архива МИА