Оксфам: Најбогатите земји го потрошија својот годишен удел на емисии за само 10 дена
- Еден процент од најбогатите земји во светот веќе го искористија својот одреден удел во емисиите на јаглерод, само десет дена по почетокот на оваа година, покажува најновата анализа што ја пренесува британски „Гардијан“.
Лондон, 10 јануари 2026 (МИА) – Еден процент од најбогатите земји во светот веќе го искористија својот одреден удел во емисиите на јаглерод, само десет дена по почетокот на оваа година, покажува најновата анализа што ја пренесува британски „Гардијан“.
Истовремено, на 0,1 процент од најбогатите држави им биле потребни само три дена за да го исцрпат својот годишен јаглероден буџет, покажува студијата на невладината организација „Оксфам“. Хуманитарната организација соопшти дека со најтешките последици од емисиите ќе се соочат оние кои најмалку придонеле за климатската криза, вклучувајќи ги луѓето во земјите со ниски приходи, домородните заедници, како и жените и девојчињата.
Како што се наведува, земјите со ниски и средни приходи се најизложени на ризик од штетните ефекти на овие емисии, а глобалната економска штета потенцијално може да достигне 44 милијарди фунти (50,7 милијарди евра) до 2050 година.
„Оксфам“ го повика британскиот министер за финансии да ги зголеми даноците за екстремно богатите загадувачи, предупредувајќи дека најбогатите поединци и корпорации имаат несразмерна моќ и влијание. Организацијата наведе дека најбогатите еден процент во Велика Британија произведуваат повеќе штетни емисии на јаглерод за осум дена отколку најсиромашните 50 проценти за една година.
За да се остане во рамките на договореното ограничување на глобалното затоплување од најмногу 1,5 степени Целзиусови над прединдустриското ниво, утврдено со Парискиот климатски договор од 2015 година, најбогатите еден процент од светската популација ќе мора до 2030 година да ги намалат своите штетни емисии за 97 проценти, пренесува „Гардијан“. ссм/
фото: архива