• недела, 11 јануари 2026

Сенаторот Џон Кенеди: Во Минесота се злоупотребени девет милијарди долари од социјалната помош, повеќето обвинети се Сомалијци

Сенаторот Џон Кенеди: Во Минесота се злоупотребени девет милијарди долари од социјалната помош, повеќето обвинети се Сомалијци

Вашингтон, 10 јануари 2026, (МИА)

Сакам да бидам јасен: јас ја сакам Минесота. Ја сакам Минесота, но не сакам луѓе, без разлика дали живеат во Минесота или на друго место, кои крадат пари од сиромашните. За нив треба да има посебно место во пеколот, истакна во своето обраќање во Сенатот, сенаторот Џон Кенеди, по повод настаните во Минсета кога беше убиена 37-годишна мајка откако претходно им го попречи патот на имиграционите агенти. 

-До сега, освен ако сè уште живеете во подрумот на родителите играјќи видеоигри, знаете дека во Минесота има масовна злоупотреба на социјалната помош. Тоа е запрепастувачко. Шокантно. Неверојатно. Износот може да достигне и до девет милијарди долари од парите на даночните обврзници, наменети за сиромашните. Девет милијарди долари - рече Кенеди, објаснувајќи зошто е потребна акција на федералните агенти.

-Сега, непријатната вистина е дека во овој момент, поголемиот дел од таа измама изгледа дека е концентрирана во Минеаполис, меѓу луѓе со сомалиско потекло. Некои велат и сугерираат дека е расистички да се каже тоа. Фактите не се расистички. Она што го кажав е факт.

Досега, обвинети се 90 лица, од кои повеќето се со сомалиско потекло. Тоа е факт. Во Минесота има над 100.000 луѓе со сомалиско потекло, најмногу во областа Минеаполис–Сент Пол, и огромното мнозинство од нив гласаат како блок, што е нивно право. И огромното мнозинство од нив гласаат како блок за демократските кандидати, што е нивно право.

Некои ќе кажат дека Кенеди е расист затоа што го посочува ова. Ќе кажам повторно: фактите не се расистички. Тие се факти - рече Кенеди.

Инаку, организациите за заштита на граѓанските слободи и правата на имигрантите повикаа на масовни протести низ САД овој викенд, по инцидентот во кој активистка во Минесота беше застрелана од агент на федералната служба за имиграција.

Планирани се над 1.000 собири со барање да се запре масовното распоредување на припадници на Бирото за имиграција и царина (ICE), наложено од претседателот Доналд Трамп, особено во градовите предводени од Демократската партија.

Тензиите во Минеаполис кулминираа по убиството на 37-годишната Рене Гуд, мајка на три деца, која беше застрелана во својот автомобил. Инцидентот се случи кратко по испраќањето на 2.000 федерални агенти во градот како дел од операцијата што Министерството за внатрешна безбедност ја нарече „најголема во историјата“.

Додека министерката Кристи Ноум тврди дека агентот пукал во самоодбрана бидејќи Гуд се обидела да го удри со возилото, градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фрај, посочи на видеоснимка која ја демантира верзијата на федералните власти. ФБР и локалните власти во Минесота отворија одделни истраги за случајот.

Гувернерот на Минесота, Тим Волц, ја стави Националната гарда во состојба на готовност. Овој случај дополнително ги подгреа сеќавањата на убиството на Џорџ Флојд во 2020 година, кое се случи на само неколку улици од местото каде што беше убиена Гуд.

Објавената снимка од камерата на полицаецот Џонатан Рос покажува дека Гуд била мирна неколку секунди пред да тргне со возилото, по што Рос пукал во неа. Според властите, тој бил хоспитализиран со повреди, по што бил пуштен дома.

Во САД во моментов се води и медиумска војна во која повеќето медиуми и подкастери, меѓу кои и Меган Кели, се вклучени во одбрана на агентот, додека малкумина се обидуваат да докажат дека од снимките сосема се јасно се гледа дека агенетот не бил во животно-загрозувачка состојба од Рене Гуд, ниту пак му се заканувала сериозна опасност од повреда, за да може да пука.  
 
 

Остани поврзан