• вторник, 14 мај 2024

Јовановски, Васева и Тануровска Ќулавковски ќе учествуваат на изложбата „Уметноста на работа: На крстопат помеѓу утопијанизмот и (не)зависноста“

Јовановски, Васева и Тануровска Ќулавковски ќе учествуваат на изложбата „Уметноста на работа: На крстопат помеѓу утопијанизмот и (не)зависноста“
Скопје, 22 септември 2022 (МИА) - Визуелниот уметник Филип Јовановски, кураторката Ивана Васева и кураторката и продуцентка Биљана Тануровска Ќулавковски ќе учествуваат на изложбата „Уметноста на работа: На крстопат помеѓу утопијанизмот и (не)зависноста“, која од денеска е отворена во просториите на Музејот на современа уметност (+МСУМ) Метелкова во Љубљана. Филип Јовановски од 2007 година е уметнички директор на АКТО фестивалот за современи уметности и учествува во раководењето на организацијата за уметност и култура „Факултет за работи што не се учат (ФРУ)“. Ивана Васева е кураторкa и програмскa директоркa на организацијата „Факултет за работи што не се научат (ФРУ)“ и е ко-куратор на АКТО фестивалот за современи уметности. Биљана Тануровска Ќулавковски е истражувач, куратор и продуцент, ко-основач на мрежи, платформи и простори, меѓу кои НОМАД Танц академија (НДА) и Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура во Скопје (2015-2020) - Тимот на реномирани интернационални куратори, Зденка Бадовинац, Бојана Пишкур, Игор Шпањол и Ана Мизерит селектираа уметници, активисти и колективи како дел од изложбата „Уметноста на работа“, која разгледува три различни сегменти од генеалогијата на концептот на (уметничка) работа во регионот на поранешна Југославија: прво, начинот на кој работата беше замислена од авангардните уметници од 1960-тите, 1970-тите и 1980-тите; потоа, трансформациите на концептот на уметничка работа и уметнички простори во 1990-тите; и на крај, политичките уметнички практики поврзани со трудот од 2000 година, соопштија од тимот на ФРУ и „Локомотива“. На изложбата учествуваат повеќе од 50 уметници, уметники колективи и здруженија од регионот на поранешна Југославија. Многу од презентираните дела се од колекциите на Модерна галерија, повеќето од меѓународната колекција Arteast 2000+. Филип Јовановски ќе се претстави со неговото дело/видео портрет „Ударник на трудот“ (2011- 2022) додека Биљана –Тануровска Ќулавковски и Ивана Васева ќе се претстават со перформативното предавање „Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“ (2016). Изложбата ќе е отворена за посетителите до 29 јануари 2023 година, а куратори ќе бидат Бојана Пишкур, Ана Мизерит, Игор Шпањол, Зденка Бадовинац. бт/сп/

Остани поврзан