• понеделник, 23 декември 2024

Промовирани „Нови бајки од Македонија“ во издание на „Арс Ламина“

Промовирани „Нови бајки од Македонија“ во издание на „Арс Ламина“

Скопје, 13 мај 2024 (МИА) – Вкупно 24 бајки од 23 македонски автори се содржани во книгата „Нови бајки од Македонија“ во издание на издавачката куќа „Арс Ламина“ која беше промовирана денеска.

На денешната промоција на книгата во организација на „Арс Ламина“ и движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ - Браво сине!“ во „Дајмонд мол“, Ангелка Пеева Лауренчиќ од „Браво Сине“, информираше дека проектот е во чест на Иво Лауренчиќ, македонскиот и регионален маркетинг експерт, претседател и креативен директор на рекламната агенција „Идеја плус“.

- Досега сме издале над 100 бајки од Македонија, дел од нив македонско национално творештво адаптирани на современ македонски јазик со модерни креации од млади илустратори. На конкурсот што го објавивме пред три години за современи бајки од Македонија добивме над 400 бајки од повеќе од над 300 автори, рече таа.

Меѓу авторите, како што дополни, има етаблирани автори, млади автори, дури и бајки кои се први објави на автори.

Бајките кои биле селектирани за најдобри влегле во потесниот избор на конкурсот „Нови бајки од Македонија“ од 2020 година и кои биле објавени изминатите години како посебни сликовници или биле дел од книгата „Детелинки-белинки“. 

Главната уредничка на „Арс Ламина“, Бранка Бугариска, информираше дека бајките се преведени на осум јазици.

Илустратор на книгата е Орце Ниневски кој изјави дека тоа било голем предизвик за него, имајќи предвид дека, како што посочи, илустрациите за деца треба да се поедноставни. ар/аа/

Фото: МИА 

Остани поврзан