• сабота, 27 јули 2024

Проектот „УГД- Чекор кон светот“ во соработка со Танц Фест - Скопје со претстава во МКЦ

Проектот „УГД- Чекор кон светот“ во соработка со Танц Фест - Скопје со претстава во МКЦ

Скопје, 13 мај 2024 (МИА) - На Универзитетот „Гоце Делчев“ почна второто издание на проектот „УГД – Чекор кон светот“,  во кој се вклучени актуелните студенти на Катедрата за современ танц при Филмската академија. Овој проект се одвива  под менторство на деканот на Филмската академија Рисима Рисимкин и доцент Адријана Данчевска, во соработка со асистентите Анастасија Данчевска и Дејан Битровски.

- Проектот „УГД – Чекор кон светот“ им овозможува на студентите интеграција во професионални продукции и настапи на современата танцова сцена во Македонија и странство. Преку овој проект тие ќе бидат дел од проектот „Moving Balkans“ кој е балканска платформа за современ танц и во кој учествуваат 11 партнери од поширокот регион, а на почетокот на јуни ќе настапат на интренационалниот фестивал „Share“ во Братислава Словачка, заедно со 11 други танцови академии и универзитети од Европа, информира Филмската академија.

Преку овој проект, како што се наведува, студентите работат со повеќе странски професори: професор д-р Роуз Брус од Антон Брукнер универзитетот во Линц, Австрија, професорката од Кралскиот универзитет во Хаг, Џоан ван дер Маст и Џорџија Д'Амико од Швајцарија/Италија.

Во рамки на интернационалниот фестивал Танц Фест - Скопје 2024, кој го има своето 20-то јубилејно издание, вечер во 20 часот во Младинскиот културен центар ќе се изведе претстава со три короеграфии, „Болеро“ на Адријана Данчевска, „Квартет“ на Дејан Битровски и „Котел“ на Рисима Рисимкин во која ќе настапат студентите од прва, втора и трета година на Катедрата за современ танц при УГД.

„Болеро“ е во кореографија и режија на Адријана Данчевска Ровчанин, на музика на Морис Равел, за која сценографијата ја осмислија Ивана Мојсовска и Матеа Мијановиќ. Настапуваат Елена Терзиева, Теона Ѓуровска, Михаела Колцунова, Надја Луканивска, Ивона Маневска, Миа Петровиќ, Марија Андовска, Елена Стојкоска.

Потоа ќе биде изведена „Квартет“ - дипломска кореографија за студентите од трета година, во кореографија и режија на Дејан Битровски. Настапуваат дипломците Сара Димовска, Јоана Благадуша, Клара Христова и Микаела-Анџела Глигорова.

- Студентите на трета година на Катедрата за современ танц при УГД, во ноември 2023 претстојуваа на престижната Ротердамска акдемија за современ танц, при КОДАРТС универзитетот во Холандија, каде што четири недели посетуваа настава и имаа прилика да го усовршуваат своето знаење, се вели во соопштението.

Вечерта завршува со „Котел“ во кореографија и режија на  Рисима Рисимкин, на музика на  Тони Китановски, костими на Благој Мицевски, асистент на кореографот е Анастасија Данчевска. Настапуваат: Сара Димовска, Јоана Благадуша, Клара Христова, Микаела Анџела Глигорова, Илина Костовска, Теона Ѓуровска, Миа Петровиќ, Елена Стојковска, Михаела Колцункова, Сара Крковиќ и Марија Андеовска. мд/аа/

Фото: Филмска академија и Танц Фест - Скопје 2024 

 

Остани поврзан