• сабота, 16 ноември 2024

Во Музеј галерија Кавадарци отворена изложба на дела од ликовниот уметник Лазар Дојчинов

Во Музеј галерија Кавадарци отворена изложба на дела од ликовниот уметник Лазар Дојчинов

Кавадарци, 26 јули 2024 (МИА) - „Во потрага по совршениот акварел“ е именувана изложбата на дела од ликовниот уметник Лазар Дојчинов, што вечерва беше отворена во Музеј галеријата во Кавадарци. 

- Дојчинов твори повеќе од 50 години во неколку ликовни техники, но вечерва низ повеќе од 100 дела ни се претставува со неговата најголема љубов и опсесија, акварелот. И насловот на изложбата ни посочува дека авторот е во постојана потрага по нови истражувања, ликовни концепти и форми. Со неверојатна леснотија и спонтаност, со префинето чувство за односот меѓу тоновите, тој ни ги пренесува неговите погледи на сликарската уметност, рече Трајче Цветков, виш кустос во музејот. 

Цветков нагласи дека во делата на Дојчинов се гледа смиреност, стабилност и спокој, но истовремено и борба на емоционалната состојба на духот.

- Неговиот избран мотив за сликање тој го разигрува, разбранува до одредена таинственост и напнатост. Преку неговиот карактеристичен потег со четката и слојот на боја, тој ни подарува дела кои се студиозни, академски со лирско-реалистичка компонента. Неговиот пристап е конвенционален третман на акварелната структура со голема слобода во сликањето и тежина и комплицираност на изведбата, но искуството кое го има Дојчинов сето ова го сублимира во своите дела, подвлече Цветков. 

Изложбата со продажен карактер  е во рамките на кавадаречкото културно лето, поддржана од локалната самоуправа. свд/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан