Библиска дилема: Дали зборовите на Исус „Оче прости им не знаат што прават“ ги имало во оригиналниот текст на Евангелието по Лука?
- Постојат низа причини, тврди д-р Барт Ерман, да не се сомневаме дека Исусовата молитва за простувањето првично било содржана во Евангелието според Лука. тоа што тој го објаснува епотеклото ан сомнежот, зошто тој се јавува и зошто во некои од најстарите зачувани ракопис, како папирус P-75, тој стих од Исусовите зборови е намерно испуштен, што нанесува многу злот во вековите кои подоцна доаѓаат.
Скопје, 10 април 2026, (МИА)
Дарко ЈАНЕВСКИ
Дали зборовите на Исус „Оче прости им не знаат што прават“ ги имало во оригиналниот текст на Евангелието по Лука или се отпосле додадени?, е едно од прашањето кое понекогаш циркулира меѓу некои световни научници и професори во светот по Новиот завет и се поставува како дилема. Проблемот е што во некои од најстарите зачувани ракописи на Евангелието, а оригиналот не постои, тие зборови ги нема.
Барт Ерман, американски научник за Новиот завет чие истражување се фокусира на историскиот Исус и потеклото и развојот на раното христијанство, кој е професор по религиозни студии на Универзитетот во Северна Каролина во Чапел Хил, го разрешува овој проблем.
Според него, оваа дилема на научниците по Новиот завет не води до начинот на кој се препишувале евангелијата низ вековите и воопшто текстовите од Библијата, со оглед на тоа што оригиналите се загубени. При тоа, антиеврејската ориентација на некои христијански писатели во вториот и во третиот век одиграла одредена улога во пренесувањето на тие текстови. Еден од најасните примери може да се најде токму во приказната на Лука за распнувањето, во која се вели дека Исус се молел за оние кои се за тоа одговорни:
„И кога дојдоа на местото наречено „Череп“, таму го распнаа, заедно со разбојниците, едниот лево, другиот од десна страна. А Исус рече: Оче, прости им, зашто не знаат што да прават“. (Лука, 23:33-34)
Но, тврди Ерман, таа Исусова молитва не може да се најде кај сите стари ракописи: ја нема и во најстаро грчко сведоштво (папирус наречен P75, кој датира од околу 200. г. од н.е., пронајден во Египет, се чува во Ватиканската библиотека, содржи делови од Евангелието според Лука (Лк 3:18 – 24:53, со празнини)) и во неколку други висококвалитетни сведоштва од четвртиот и подоцнежниот век. Сепак, во исто време, вели научникот, таа молитвата може да се најде во Синајскиот кодекс и во голема серија ракописи, вклучувајќи го и најголемиот број средновековни творби. И така, прашањето е: дали некој кој препишувал, некој писар (или неколкумина од нив) ја отстранил таа молитва од ракописот што првично ја содржел?
Или, пак, спротивно, првично тој стих го немало во Евангелието, па бил додаден од некој писар во ракопис во кој не бил содржан?
Научните мислења за ова прашање одамна се поделени. Бидејќи таа молитва кон Отецот отсуствува кај неколку рани и квалитетни сведоштва, не мал број научници тврдат дека таа првично не била во оригиналното Евангелие по Лука. Но, Лука како автор на Евангелието ги напишал и Дела на апостолите, така што пасусот сличен на овој може да се најде во Делата и во приказната за првиот христијански маченик Стефан, единствениот чија егзекуцијата опширно е опишана во Делата.
Откако Стефан бил обвинет за богохулење, тој бил каменуван до смрт од толпата гневни Евреи, и пред да умре, се молел: „Господи, не земај го ова за нивен грев“ (Дела 7:60). Некои научници, вели Ерман во својот осврт кон ова прашање, тврдат дека молитвата на Исус кај Лука е додадена од писар кој не сакал Исус да изгледа помалку милостив од неговиот прв маченик Стефан, па ја додал таа молитва на Евангелието според Лука, за да го направи Исус исто така како некој кој моли за неговите џелати.
Според Ерман, тоа воопшто не е убедлив аргумент, од повеќе причини. Најсилниот аргумент е дека секогаш кога писарите - обично монаси кои го препишувале евангелијата - се обидувале да ги помират текстовите, тие се обидувале да го направат тоа со повторување на истите зборови во обата пасуси. Но, во овој случај не се наоѓаат идентични зборови. Тоа не е никаков вид „совпаѓање“. Во овој поглед, исклучително е и тоа што Лука, на многу места „отстапува од своето сивило за да покаже сличности помеѓу она што му се случило на Исус во Евангелието и она што се случило им се случи на неговите следбеници во Делата“, истакнува Ерман. Сепак, клучот е во тоа дека Лука сака да покаже дека тоа што се случува со Исус во Евангелието, тоа им се случува и на неговите следбеници во Делата. Оттука, ако еден од следбениците на Исус како Стефан, бил погубен, а тој се молел за неговите џелати, може да се очекува дека тој постапувал како Исус на крстот.
Има и други причини, тврди Ерман, да не се сомневаме дека Исусовата молитва за простувањето првично било содржана во Евангелието според Лука. И во Евангелието и во Делата, на пример, се нагласува дека, иако Исус бил невин (како и неговите следбеници), оние кои дејствувале против него, тоа го правеле во незнаење. Како што вели апостолот Петар во Дела 3:
„Знам дека тоа го направи во незнаење“ (стих 17) или како што вели Павле во Дела 17: „Бог го надмина времето на незнаење“ (стих 27). И токму тоа е главниот тон во Исусовата молитва: „...затоа што не знаат што прават“.
Според тоа, се чини дека стихот 23:34 во Лука му припаѓал на оригиналниот текст. Зошто тогаш некој подоцна (или неколкумина од нив) би сакал тој стих да биде исфрлен?
За тоа е потребно разбирање на историскиот контекст во кој работеле препишувачите, вели Ерман. Денешните читатели можеби се прашуваат за кого се моли Исус. Дали е тоа за Римјаните кои го убиваат од незнаење? Или за Евреите кои се првенствено одговорни зашто го предале на Римјаните?
Речиси во сите случаи кога за молитвата се зборува во списите на црковните отци, јасно е дека тие ја толкуваат таа молитва не како да се однесува на Римјаните, туку на Евреите. Исус бара од Бога да му прости на еврејскиот народ (или еврејски водачи) кој е одговорен за неговата смрт. Сега станува јасно зошто некои писари сакале да го изостават тој стих. Исус го молел Бога за прошка на Евреите! Како е тоа можно? Можно е, зашто така доаѓа до израз нивното антиеврејско чувство со кое не можеле да се помират и кое му нанесува многу зло на еврјскиот народ во идните векови, поради што почнале да го изоставуваат тој стих од Евангелито по Лука при препишувањето.
За раните христијани, во тој стих, така сфатен, има два проблеми. Прво, според нивното сфаќање, непоимливо е Исус да се молел за еден таков народ кој самоволно го отфрлил Бога. За многу христијани тоа било едвај разбирливо. А уште позначајно, во вториот век, многу христијани биле убедени дека Бог не им простил на Евреите затоа што, какви што се верувало, дозволил Ерусалим да биде уништен (70 година од н.е.) како казна за она што го направиле Евреите. Како што вели црковниот отец Ориген: „Беше праведно, градот во кој Исус претрпе толку страдање да биде целосно уништен, а еврејскиот народ столчен“, истакнува Ерман.
Евреите, според раните христијани многу добро знаеле што прават и Бог очигледно не им простил. Од таа перспектива, нема многу смисла Исус да бара да им се прости. Што тогаш треба да прават писарите со таков текст, во кој Исус се моли: „Оче, прости им зашто не знаат што прават“? Тие проблемот го решиле така што едноставно го испуштале тоа при препишувањето, па Исус повеќе не моли да им се прости.
Има и други пасуси каде што антиеврејско чувство на раните христијански писари влијаеле на текстовите што тие ги препишувале. Еден од најзначајните пасуси за конечното создавање на антисемитизмот е сцената на судењето на Исус во Евангелието според Матеј. Според таа приказна, Пилат го прогласува Исус за невин миејќи си ги рацете и вели:
"Јас не сум одговорен за крвта на овој човек!"
Еврејската толпа на тоа одговара со извик кој ќе одигра страшна улога во многу насилства извршени врз Евреите во текот на средниот век, тврди Ерман:
„Нека падне неговата крв врз нас и нашите деца“ (Матеј, 27:24-25).
Понатаму, се вели дека Пилат рекол да го камшикуваат Исус, а потоа „го предаде да биде распнат.“
Секој што ќе го прочита тој текст, природно би претпоставувал дека Пилат им го предал Исус на своите (римски) војници да го распнат. Она што ја прави целата работа уште повџашувачка е тоа што во некои рани сведоштва - вклучително и во една од писарски корекции во Синајскиот кодекс - тој текст е променет уште повеќе со цел да се нагласи вината на Евреите за смртта на Исус. Според тие ракописи, Пилат „го предал на нив (односно на Евреите) за да можат да го распнат.“
Сега Евреите се апсолутно одговорни за егзекуцијата на Исус, што е мотивирано од антиеврејско чувство кај раните христијани (иако е неверојатно да се замисли дека Римјаните би дозволиле некој друг да ја врши егзекуцијата). Дека на препишувачите на евангелијата им била непријатна идејата дека еврејскиот народ би можел некогаш да се спаси се појавува и во Евангелието по Јован. Во глава 4, Исус зборува со самарјанката и ѝ вели: „Ти го обожуваш она што не го знаеш; ние го обожуваме она што го знаеме, затоа што спасението доаѓа од Евреите.“ (ст. 22) Но, во некои сириски и во латински ракописи, преволадало антиеврејското чувство и текстот бил сменет, па во нив Исус изјавува дека „спасението доаѓа од Јудеја“.
И еве го повторно варијанта која се чини дека се однесува на зголемена плима на анти-јудаизмот во раната црква за што има и други примери.
Така што, според Ерман (кој е неспорно авторитетен научник и чии книги за Исус и христијанството се продадени во многу милионски примероци, независно од неговиот сегашен однос кон религијата кој не им се допаѓа на теолозите), нема причина да се сомневаме дека Исусовата молитва за простувањето првично била содржана во оригиналното Евангелие според Лука, а подоцна, од опишаните причини, била свесно и намерно испуштана при препишувањето. Затоа, нема сомнеж:
„Оче наш, прости им не знаат што прават“ се зборовите на Исус на крстот токму така како што ги запишал Лука и тука нема дилема.