• петок, 10 мај 2024

Хаарец: Хамас даде контрапредлог за договорот за размена на заложници и затвореници

Хаарец: Хамас даде контрапредлог за договорот за размена на заложници и затвореници

Ерусалим, 15 април 2024 (МИА) - Палестинското милитантно движење Хамас им даде на преговарачите контрапредлог за договор за размена на заложници во индиректните разговори за постигнување прекин на огнот во војната во Газа, објави израелскиот весник Хаарец.

Предлогот предвидува ослободување на израелските заложници во замена за Палестинците од израелските затвори и постепено повлекување на израелската армија од Појасот Газа по 42-дневен прекин на огнот, пишува Хаарец повикувајќи се на палестински и арапски извори.

Хамас претходно го отфрли американскиот компромисен предлог за ослободување на 40 заложници во замена за 900 палестински затвореници за време на шестнеделно примирје. „Хаарец“ наведува дека во контрапредлогот на Хамас се бара израелската армија да престане со борбите во првичниот шестнеделен прекин на огнот и да се повлече од урбаните центри.

Во исто време, на бегалците би им се овозможило да се вратат на север од Појасот. Во овој период Хамас ќе ги пронајде сите заложници во борбените области и ќе ја утврди нивната здравствена состојба. Во втората фаза израелската армија би се повлекла на територијата на Израел, па дури потоа би почнала размената на заробениците, пишува израелскиот медиум.

Предлогот предвидува за секој израелски цивил, 30 палестински затвореници да бидат ослободени, а за секој војник, 50, од кои 30 отслужуваат доживотна казна.

Израелските војници и загинатите заложници би биле предадени во третата и последна фаза, кога ќе заврши опсадата на Газа и ќе почне реконструкцијата на областа. Израел претходно процени дека околу 100 од околу 130 заложници кои останаа во палестинската енклава се живи. Сега стравува дека бројот на загинати заложници е поголем. ссм/

фото: ЕПА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан