Волстрит џурнал: САД ќе ги зголемат тарифите за кинеските електрични возила
- САД планираат да ги зголемат тарифите за кинеските производи за чиста енергија, јавија американски медиуми, при што се очекува да се зголемат давачките за електричните возила приближно четирипати.
Вашингтон, 10 мај 2024 (МИА) - САД планираат да ги зголемат тарифите за кинеските производи за чиста енергија, јавија американски медиуми, при што се очекува да се зголемат давачките за електричните возила приближно четирипати.
Тој потег, како што објави Волстрит џурнал, доаѓа на крајот на долгоочекуваната анализа на царините што беа наметнати за време на трговската војна меѓу Вашингтон и Пекинг. Тогашниот претседател Доналд Трамп воведе царини на стоки од Кина во вредност од околу 300 милијарди долари.
Официјалните лица оттогаш иницираа преглед на активностите, при што од трговскиот претставник на САД се бара да го разгледа влијанието на давачките -- првпат воведени во 2018 година -- по четири години.
Одлуката, што се очекува во наредниот вторник, според извештаите, ќе дојде додека претседателот Џо Бајден се подготвува за реванш со Трамп на претседателските избори во ноември.
Минатиот месец тој побара тројно зголемување на тарифите за кинескиот челик и алуминиум додека држеше говори во државата Пенсилванија.
Тарифната стапка за електричните возила, исто така, треба да се зголеми од 25 проценти на околу 100 проценти, се додава во извештајот.зш/