• четврток, 25 април 2024

Средба на потпретседателот на Собранието Мисовски со главните државни ревизори на Северна Македонија и на Полска

Средба на потпретседателот на Собранието Мисовски со главните државни ревизори на Северна Македонија и на Полска

Скопје, 27 март 2024

Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски, денеска оствари средба со главниот државен ревизор Максим Ацевски и со претседателот на Врховната ревизорска канцеларија на Полска, Мариан Банас, кој е во посета на Државниот завод за ревизија во земјава (ДЗР).

На средбата се разговараше за улогата на ДЗР, за неговата соработка со Собранието и за значењето на институцијата во поглед на контролата на јавните финансии, како и за можностите за користење искуства во однос на поставеноста на Врховната ревизорска канцеларија на Полска и нејзините релации со полскиот Парламент. 

Мисовски истакна дека ДЗР има посебна позиција во земјава, дека главниот државен ревизор беше избран со консензус меѓу пратениците и дека институцијата остварува добра и плодна соработка со Собранието, каде што се цени релевантноста на ревизорските извештаи.

Потпретседателот на Собранието ги информира соговорниците дека следната седмица почнува изборната кампања во земјава, пред двата изборни циклуси што претстојат, така што во овој период не се предвидени седници и други поголеми активности во законодавниот дом. Затоа, пак, како што рече, очекува ДЗР будно да ги следи случувањата за време на изборите во делот на своите надлежности. 

Во тој контекст, главниот државен ревизор Ацевски посочи дека ДЗР и овој пат до крај и објективно ќе ги следи сите процеси. Тој предложи по конституирањето на новиот состав на Собранието да се организира посета на пратеници во Парламентот на Полска, како можност за размена на искуства, посебно во однос на разгледувањето на ревизорските извештаи. 

Ацески, како и неговиот колега Банас, ја истакнаа добрата меѓусебна соработка на ДЗР и Врховната ревизорска канцеларија на Полска, како и нивната соработка и постојана размена на искуства во рамки на Европската организација на државни ревизии. 

Банас, исто така, истакна дека е добро да се слушне како е вреднуван ДЗР во земјава, посочувајќи дека за секоја држава е многу важно да има силни контролни институции, посебно во делот на контролата на јавните финансии, со оглед на тоа што, како што рече, станува збор за пари на граѓаните. 

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Остани поврзан