• недела, 22 декември 2024

Ванковска: Авангардата гласаше за нас, изгледа на народот му понудив визија зад две брда

Ванковска: Авангардата гласаше за нас, изгледа на народот му понудив визија зад две брда

Скопје, 24 април 2024 (МИА) - Билјана Ванковска, претседателски кандидат поддржана од Левица на вечерашната прес-конференција истакна дека авангардата гласала за нив и посочи дека она што била нивна задача го оствариле.

-Мислам дека е точно дека авангардата гласаше за нас, тоа го знам преку личните контакти. Очигледно дека народот се уште не е во таа фаза, изгледа му понудив визија зад две брда, така што отидов предалеку во тоа што го прогнозирав. Јас длабоко се надевам дека грешам во прогнозата и дека народот нема да се разочара после година или две од владеењето на новата претседателка, веќе можам дури така да кажам со оглед на тоа дека пасокизацијата на СДСМ е дефинитивно тука. Она што беше наша задача, мислам дека го остваривме. Изодевме коректно, чисто, со насмевка, со ведрина. Она што го гледаме на терен е навистина очајно и веројатно луѓето кога се очајни го прифаќаат првата сламка на спас или ветување што им го нудат тие  гледаат да го зграбат, рече таа. 

Ванковска нагласи дека малку се чувствува виновна за лошиот резултат, затоа што јас, како што рече, доброволно бев дистанцирана од медиуми пет-шест години и овој период беше прекус за јас да се наметнам како препознатлив лик. Ванковска потенцира дека нејзината соработка со Левица ќе продолжи и понатаму.

Димитар Апасиев, претседател на Левица истакна дека опозициското настроение во државата е евидентно.

-Ова беа нашите први претседателски избори. Според наши очекувања, ги изработивме машки. Во рекорден број го собравме бројот на потписи, понудивме сосема различна стратегија и дискурс во јавноста. Ова е голем плус за партијата Левица тоа што извади квалитетен кандидат. Резултатите се тие што се, не можеме да ги промениме. Се надеваме дека и професорката Ванковска од втор пат по пет години ќе успее да влезе во вториот круг. За нас битно како партија е тоа што сме на правиот опозициски курс, рече тој.

Апасиев потенцира дека очекува да бидат надминати резултатите од минатите парламентарни избори по завршување на броењето.

-Тоа значи дека покажува единствен тренд на нагорен раст за разлика од сите други, па дури и кај ДПМНЕ ако забележите тие во 2019 година имаа 320 илјади гласови, сега нема да имаат толку во прв круг. Тоа значи дека кај сите партии има пад, додека кај Левица има нагорен раст. Тоа ни беше битно како партија да го оствариме на овие избори. Очекувавме подобар резултат, но што е тука е. Битно е што допревме до авангардата од народот, според нас, рече тој. 

Апасиев нагласи дека нивната главна задача ќе биде на 8 мај и ги повика сите нивни симпатизери да гласаат за нив на парламентарните избори. фф/ац/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан