• сабота, 21 декември 2024

Русија, Иран и Турција го осудија убиството на лидерот на Хамас

Русија, Иран и Турција го осудија убиството на лидерот на Хамас

Москва/ Техеран/Анкара, 31 јули 2024 (МИА) – Русија, Иран и Турција денеска го осудија убиството на лидерот на Хамас во Газа, Исмаил Ханија, нарекувајќи го неприфатливо политичко убиство што може да ја прошири војната на регионално ниво.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека убиството на политичкиот лидер на Хамас е „целосно неприфатливо политичко убиство“, пренесуваат руските медиуми, повикувајќи се на заменик шефот на руската дипломатија.

Тоа „само ќе доведе до натамошна ескалација на тензиите“, изјави Михаил Богданов.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани изјави дека „крвта (на убиениот лидер на Хамас) не е залудно пролеана“.

-Мачеништвото на Исмаил Ханија во Техеран само ќе ги зајакне длабоките и нераскинливи врски меѓу Техеран, Палестина и отпорот, рече Канани, цитиран од иранските државни медиуми.

И Турција утринава го осуди убиството на Ханија, близок до претседателот Реџеп Таип Ердоган, во соопштение од Министерството за надворешни работи.

„Го осудуваме убиството на шефот на политичката канцеларија на Хамас, Исмаил Ханија, во одвратен чин во Техеран“, наведе Министерството, оценувајќи дека „овој напад има и за цел да ја прошири војната во Газа во регионална димензија“.

Турското министерство, исто така, соопшти дека нападот покажува дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема намера да постигне мир.

Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, е убиен денеска во Иран, објавија во одвоени соопштенија палестинската милитантна група Хамас и елитната иранска Револуционерна гарда.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан