• недела, 12 мај 2024

Поранешниот министер за одбрана Медиу смета дека Албанија нема капацитети да произведува оружје за Украина

Поранешниот министер за одбрана Медиу смета дека Албанија нема капацитети да произведува оружје за Украина

Тирана, 11 март 2024 (МИА) - Поранешниот министер за одбрана Фатмир Медиу, коментирајќи ја изјавата на Канцеларијата на НАТО во Брисел дека „приоритет на Алијансата во Албанија е премин од бавно кон високо производство на муниција, за потребите на војната во Украина“ оценува дека Албанија нема капацитети за такво нешто.

-Генерално, ова е рано барање на НАТО, бидејќи Украина потроши многу од вооружувањето на земјите на НАТО. Од направените студии, стана очигледно потребата од земјите-членки на НАТО да имаат база на оружје и муниција и времето на производство на оваа муниција за кое се потребни најмалку 2 до 3 години и дискусијата или барањето на Зеленски го прави тоа уште поинтересно, изјави тој за Ора њуз.

Тој открива дека последен пат иницијатива за обнова на една фабрика за производство на воено оружје била во 2007 година, но таа никогаш не била реализирана. Според него за Албанија би било позитивно да произведува вооружување, да има инвестиции, но она што е побитно во таквите инвестиции е да го освои пазарот.

-Оваа потреба од оружје и муниција на НАТО не значи дека секоја земја ќе има можност да инвестира и да го достигне нивото што го бара пазарот. Затоа е потребна подлабока анализа. Албанија, моментно нема капацитет за такво нешто. Имавме производство на муниција во Поличан, имавме производство на експлозиви во Мјекес и ја имавме фабриката за производство на калашников во Грамш. Според моите сознанија, она што го пробавме минатиот пат во 2007-2008 година заедно со американска компанија да произведуваме муниција, но до денес не знам дека има некоја функционална индустрија, рече меѓу другото поранешниот министер Медиу.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Самитот Украина - Југоисточна Европа, што на 28 минатиот месец се одржа во Тирана, предложи Украина и балканските земји заеднички да произведуваат муниција и оружје.

На новинарско прашање на заедничката прес-конференција со еврокомесарот Оливер Вархеји, по самитот, албанскиот премиер изјави дека „сите земји учеснички на самитот а не само Албанија потврдно одговориле на барањето на Зеленски“.

Нагласи дека Албанија нема индустрија за производство на воено оружје, но се „разговара со партнерите за да се најде вистинскиот договор и да заживее старата инфраструктура“. вт/ссм

Фото: Фејсбук страна на Медиу

Остани поврзан