• недела, 21 април 2024

Петковиќ: Приштина не сака да се дојде до решение, нова рунда дијалог на 4 април

Петковиќ: Приштина не сака да се дојде до решение, нова рунда дијалог на 4 април

Белград, 25 март 2026 (МИА) - Директорот на српската канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ по дијалогот во Брисел на новинарите изјави дека Приштина нема политичка волја да постигне решение за користење на динарот на Косово и дека ќе се одржи нова рунда дијалог на техничко ниво на 4 април, јави дописникот на МИА од Белград.

Петковиќ кажа дека двете страни ги презентирале своите предлози за решение, од кои предлогот на Белград бил избалансиран и ги имал предвид српските интереси, додека Приштина презентирала предлог во кој тие не вложиле никаков напор за да тоа може да се нарече решение.

-Тоа е она што крајно ме загрижува, не знам во која насока ќе оди дијалогот. Загрижен сум за положбата и иднината на српскиот народ на Косово и Метохија, особено кога гледате дека нема политичка волја да се постигне решение од другата страна.Ќе продолжиме да преговараме, ќе го вложиме последниот атом од нашите сили само за да дојдеме до решение.Ќе направиме се што е во наша моќ да го зачуваме мирот и нашиот народ на Косово, чии човекови права се кршат и кои се спречени поради Албин Курти да ги добијат платите, пензиите и социјалните давачки, рече Петковиќ.

Тој информира дека во директните преговори, кои траеле повеќе од 3,5 часа, разговарале за предлозите, а потоа имало разговори на ниво на билатерални средби со ЕУ и додаде дека е договорено разговорите да продолжат на 4 април.

-Ако сакате да постигнете решение, вложете напор. Ми се чини дека другата страна не сака да го направи тоа. Курти ќе продолжи да го прогонува српскиот народ. Што се однесува до ЕУ, тоа е посебна приказна и е јасно дека ЕУ или нема или не сака да се постигне решение, трета опција нема, рече Петковиќ.

Тој посочи дека Белград е посветен на дијалогот и дека ќе направи се за да се дојде до решение.

-Да се обидеме да овозможиме продолжување на работата на Поштанска штединица и нашиот народ да може да добива плати и пензии и социјални надоместоци, а тоа е суштината на нашиот предлог. Мислам дека постапивме одговорно и правилно барајќи решение, компромис, бидејќи за нас компромисот не е убав или грд збор. А од друга страна, имате соговорник кој сака да наметне решенија со менторите, ќе видиме дали ќе може така“, рече Петковиќ.

Тој додаде дека во новата рунда дијалог на 4 април ќе се види дали ќе биде последна, кога станува збор за оптек на динарот и одлуката на Курти за негова забрана на Косово. об

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан