• вторник, 21 мај 2024

Во четирите општини на референдумот во северно Косово до 11 часот гласале 85 лица, во Звечан ниедно

Во четирите општини на референдумот во северно Косово до 11 часот гласале 85 лица, во Звечан ниедно

Приштина, 21 април 2024 (МИА) – Претседателот на Централната изборна комисија Крешник Радониќи соопшти дека до 11 часот во четирите општини во северно Косово, каде се гласа за разрешување на тамошните градоначалници вкупно до 11 часот гласале 85 лица, со тоа што во една оштина не е регистриран ниеден глас, јави дописникот на МИА од Приштина.

На втората прес-конференција одржана за процесот на гласање, Радониќи рече дека, според податоците што ги добиле од општинските изборни комисии, во Лепосавиќ гласале 46 лица, во Зубин-Поток седум, во Звечан ниту еден и во Северна Митровица 32 лица.

Радониќи ги повика граѓаните од овие општини да го искористат своето право да учествуваат во гласачкиот процес.

Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, денеска се одржува гласање за разрешување на градоначалниците, како услов за одржување нови локални избори во тие општини, откако минатогодишните избори косовските Срби ги бојкотираа.

Бројот на граѓани со право на глас за процесот на гласање во четиерите општини е 46.556 гласачи.

За да биде успешно гласањето, треба да гласаат најмалку 50 отсто плус еден граѓанин. Доколку се исполни овој услов, тогаш вонредните избори ќе се одржат во законските рокови.

Во случај учеството да биде помало од 50 отсто, тогаш гласањето се смета за неуспешно и не може да се преземе друга иницијатива пред да поминат 12 месеци.

Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, но и други субјекти од оваа заедница, објавија дека нема да учествуваат на ова гласање и истото го побараа од српските граѓани од таа област.

Поранешните српски градоначалници на општините поднесоа оставки во ноември 2022 година по одлуката на Владата за промена на српските со косовски регистарски таблички. По неколку месеци, на 23 април 2023 година, се одржаа нови избори на север, но истите беа бојкотирани од Српска листа и од српските граѓани. иа/рп/

Остани поврзан