• петок, 17 мај 2024

„Охридско лето“ организира Новогодишен концерт во Охрид со избрани дела на Штраус, Брамс, Калман

„Охридско лето“ организира Новогодишен концерт во Охрид со избрани дела на Штраус, Брамс, Калман

Охрид, 11 декември 2023 (МИА) – Новогодишен концерт под покровителство на „Охридско лето“ ќе се одржи на 16 декември во големата сала на хотелот „Метропол“ во Охрид. На концертот на Мешовитиот камерен оркестар под раководство на маестра Бисера Чадловска, ќе  бидат изведувани најпознатите дела на Штраус, Брамс, Калман…

Од Националната установа  „Охридско лето“ велат дека ваквата новина со проширување на програмата и надвор од традиционалната фестивалска е на радост на публиката.

Според директорката на Фестивалот, Наташа Поповиќ, „Охридско лето“ како најголема и најзначајна музичко-сценска манифестација кај нас создава можности за уживање на љубителите на врвната уметност преку настани кои пред сѐ ја збогатуваат културната понуда на градот во текот на целата година.

-Реализирањето на настани преку цела година, едно вакво континуирано делување со програмски содржини, се покажа како потреба. Со тоа успеваме да ја збогатиме културната понуда на градот но исто така ги реализираме зацртаните цели, Фестивалот да ја прошири фестивалската програма и во текот на целата година, вели Поповиќ.

Билетите по 300 денари можат да се набават во дирекцијата на Фестивалот. аб/ев/

фото/МИА

 

 

Остани поврзан