• сабота, 18 мај 2024

Од Струмица тргна караванот за намалување на стигмата со менталното здравје на младите

Од Струмица тргна караванот за намалување на стигмата со менталното здравје на младите

Струмица, 13 октомври 2023 (МИА) - Од Струмица денеска тргна караванот за намалување на стигмата поврзана со менталното здравје на младите и да се промовира инклузивна култура која ги охрабрува луѓето да зборуваат и да побараат помош кога имаат потреба.

Караванот е замислен како младинска пешачка рута со разновидни креативни активности и можности за меѓусебни разговори, а денеска во Струмица младите од овој град, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани, пешачеа и разговараа на патеката од Градскиот парк во Струмица до Спомен костурницата.

Според министерката Тренчевска, по пандемијата со КОВИД-19 сите воочиле промени кај себе, наишле на предизвици кои навидум биле претходно непознати. Вознемиреност, отсутност, апатија и недостаток на мотив се само дел од предизвиците за кои младите говореа дека ги спознале во овој период, но со кои потешко се справуваат.

-Дестигматизацијата, здружувањето, движењето и зборувањето е начин да се изградат здрави млади луѓе кои ќе бидат двигатели на нашето општество и нашиот систем за социјална заштита. Системот за социјална заштита е оној кој треба да се грижи за благосостојбата, но и оној кој охрабрува, поттикнува и мотивира. Затоа сме тука денес. Зошто младите го менуваат нашето општество, дестигматизираат и исчекоруваат. Нашата крајна цел е креирање на позитивна благосостојба низ која можеме да го достигнеме нашиот целосен потенцијал, изјави Тренчевска.

Според претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани, младоста е клучен период за развој на социјалните и емоционалните навики коишто се важни за менталната добросостојба.

-Многу деца и млади страдаат сами и не бараат помош поради стигма или отсуство на иницијативи за унапредување и заштита на менталното здравје и грижа за оние на кои им е најпотребна. Никој не треба да биде оставен сам да се справува со предизвиците околу менталното здравје. Треба да се погрижиме децата и младите да добијат поддршка кога тоа им е потребно, рече Ди Џовани.

Инаку, анкетата поддржана од УНИЦЕФ во Северна Македонија покажала дека секој трет адолесцент вклучен во истражувањето пријавил симптоми на депресија, а кај девојчињата постои шестократно поголема веројатност да пријават симптоми на депресија споредено со момчињата. Околу 42 отсто од адолесцентите доживеале умерени до тешки симптоми на анксиозност. Иако над половина од адолесцентите се изјасниле дека имаат потреба од услуги за менталното здравје, сепак, тие не побарале таква помош.

Караванот попладнево продолжи во Валандово, а потоа уште во 14 градови во државата.

Овие настани произлегле од консултативниот процес со младите што бил организиран во партнерство со Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во соработка со Сојузот на извидници во партнерство со УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика (МТСП). рт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан