• недела, 22 декември 2024

Напуштените или т.н. „мрежи духови“ сериозен предизвик за живиот свет на Охридското Езеро

Напуштените или т.н. „мрежи духови“ сериозен предизвик за живиот свет на Охридското Езеро

Охрид, 6 октомври 2023 (МИА) – Седумдесеттина рибарски мрежи од најразличен вид и материјал во вкупна должина од речиси два километри, се извадени од дното на Охридското Езеро во пилот-проектот што изминатите неколку дена беше спроведен на потегот од Свети Заум до полуостровот Градиште, во крајбрежниот дел на езерото на длабочина меѓу пет и 35 метри. 

Акцијата за детектирање и отранување на таканаречените „мрежи духови“ од езерото ја спроведоа заеднички Јавната научна установа „Хидробиолошки завод“ од Охрид, организацијата „Healthy Seas“ и нуркачите од Нуркачкиот центар „Амфора“.

Резултатите од спроведената акција беа презентирани на денешната тркалезна маса, на која се зборуваше за проблемот со напуштените, изгубени и на друг начин оставени рибарски мрежи, како предизвик за сите водни средини и живеалишта. 

Според експертите, оставените или заборавените мрежи се еден од најголемите проблеми за еко-системот на Охридското Езеро, од една страна што кај нив нема селекција на заловот, а истовремено најмногу ги има точно на местата одредени како природни рибни плодишта, што се и најинтересни локации за рибокрадците.

Директорката на „Хидробиолошкиот завод“, Орхидеја Тасевска, истакна дека спроведениот пилот-проект е апликативна активност на Заводот за физичка заштита на животната средина и езерскиот еко-систем.

- Мрежите не само што се замки за рибите и другите организми, туку се и физички препреки за живиот свет, дотолку повеќе што се изработени од материјал што е тешко разградлив и како таков со години е закана по средината...Се надевам дека ваквите активности во иднина ќе најдат поголем одзив и поддршка од релевантните институции и би прераснале во годишна активност на Институтот, рече таа.

Милутин Секулоски – Миќо, од Нуркачкиот центар „Амфора“ кој години секојдневно е во Охридското Езеро, посочи дека најголем проблем е што мрежите најчесто се напластени на карпестите делови од дното на езерото и како такви се тешки за отстранување.

- Ова е пионерска работа во вклучување на меѓународни организации во отстранувањето на мрежите од езерото, што се надевам дека ќе продолжи и во иднина. Приоритет ни беше да отстраниме се што е напластено на карпите, а на институциите останува стручниот дел за утврдување што од живиот свет е засегнато од нив...Она што радува е што се смалува бројот оставени мрежи во езерото, рече Секуловски.

Душица Илиќ – Боева од „Хидробиолошкиот завод“, посочи дека мрежите зависно димензиите на окцата претставуваат селективен риболовен алат за заловување одреден вид риба, но истите откако ќе бидат напуштени веќе не бираат жртви, станувајќи закана по целокупниот жив свет во езерото.

- Можеби најважно е што пастрмските видови не се мрестат на локации каде има трулеж од риба. Ако има мрежи потонати, без разлика на димензијата на окцата и независно во која фаза на распаѓање е она што заловено во нив, пастрмките ќе ги одбегнуваат тие природни плодишта подолг период додека тие локации не бидат исчистени, рече таа.

Таа посочи на потребата од континуитет на вакви активности со зголемен обем, поголема координација на релевантните институции вклучени за решавање на проблемот, построга примена на законските регулативи со поостри казни. 

- Крајот на приказната е ако не се спречи, потешко е да се лечи. Бројот луѓе кои се наоѓаат на Охридското Езеро треба на повеќе начини да биде контролиран, особено во период кога не е дозволен комерцијален риболов, рече Боева.

Вероника Микос, директорката на „Healthy Seas“, најголемата и најискусна глобална нуркачка организација фокусирана на феноменот „мрежи духови“ со искуство во широк спектар на земји и меѓународни води што годинава одбележува десетогодишен јубилеј, истакна дека целта на ваквите акции не е само чистење на водните живеалишта, туку и анимирање на јавноста за потребата од поголема заштита на животната средина.

- Сметам дека решението за проблемот со мрежите духови треба да се бара во две насоки – преку зголемена контрола од институциите и поголема едукација кај корисниците на самите мрежи за опасноста што таквиот напуштен риболовен алат преставува за средината, рече таа.

Во слична акција спроведена во 2017 година од Охридското Езеро беа извадени напуштени мрежи од најразличен вид и материјал, во вкупна должина од над дваесет километри. аб/цр

фото: МИА

 

Остани поврзан