• сабота, 04 мај 2024

МОК ги отфрли обвинувањата од Путин за дискриминација

МОК ги отфрли обвинувањата од Путин за дискриминација

Лозана, 20 октомври 2023 (МИА) – Меѓународниот олимписки комитет (МОК) денеска одлучно ги отфрли обвинувањата за „етничка дискриминација“ кои ден претходно ги изнесе претседателот на Русија, Владимир Путин, поради ограничувањата поврзани со настап на руските спортисти на Олимписките игри 2024 во Париз.

„Одлучно ги отфрламе обвинувањата дека овие мерки претставуваат етничка дискриминација. Строгите услови кои МОК ги дефинираше во своите препораки до меѓународните федерации за учество на поедини неутрални спортисти со руски или белоруски пасош на меѓународните натпреварувања се во согласност со Олимписката повелба“, соопшти попладнево МОК.

„Истите се реакција на кршењето на Олимписката повелба од страна на руската и белоруската влада“, додаде МОК.

Путин во четвртокот, во обраќање на конференцијата насловена „Русија – спортска сила“ во градот Перм, го обвини МОК дека ги користи Олимписките игри како алатка за политика и расизам.

„Благодарение на некои челници на МОК дознавме дека самите Игри можат да бидат искористени како инструмент за политички притисок против луѓе кои немаат никакви врски со политиката и де факто како инструмент за етнички расна дискриминација“, рече Путин.

МОК сè уште нема донесено одлука за настап на Русија и Белорусија на Игрите, чиј домаќин идната година ќе биде Франција. ег/паг/

Фото: Х

Остани поврзан