• четврток, 25 април 2024

Митрески - Бомгартнер: Северна Македонија и Франција имаат одлични односи, меѓусебната соработка и поддршка ќе се продлабочат

Митрески - Бомгартнер: Северна Македонија и Франција имаат одлични односи, меѓусебната соработка и поддршка ќе се продлабочат

Скопје, 29 март 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска остварил средба со aмбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Сирил Бомгартнер, соопшти собраниската прес-служба.

Изразувајќи задоволство од одржувањето на средбата, претседателот Митрески ја констатирал одличната соработка меѓу двете држави и особено соработката на парламентарен план.

Амбасадорот Бомгартнер, честитајќи му го изборот за претседател на Собранието, се согласил со констатациите за интензивираната динамика на меѓусебна соработка. Во тој контекст, ги поздравил средбите на парламентарци од Собранието на Република Северна Македонија и Националното собрание и Сенатот на Француската Република во изминатите години, како позитивен тренд кој треба да продолжи и во иднина.

Амбасадорот Бомгартнер, како што стои во соопштението, информирал за претстојната посета на претседателката на Групата за пријателство од Лилијана Танги на земјата, како дел од набљудувачката мисија на ОБСЕ за претстојните претседателски и парламентарни избори.

- Беше посебно поздравено одржувањето на втората едукативна активност во Собранието „Имам став-Млад франкофонски парламент”, во рамките на одбележувањето на месецот март - месец на Франкофонијата, еден исклучителен настан и манифестација која полека прераснува во една убава собраниска традиција, се вели во соопштението од Собранието.

Двајцата соговорници размениле мислења за актуелните собраниски активности, текот на изборите и конституирањето на новиот парламентарен состав. Била изразена општа согласност за потребата од унапредувањето на соработката во доменот на културата, економијата, енергетиката и други области од взаемен интерес за двете земји. цр/ац/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан